Пелистер – Куманово 85:72
Екипата на Пелистер забележа сигурна победа на домашен терен, откако во Битола го совлада составот на Куманово со резултат 85:72, во натпревар од 8 коло на МТЕЛ Суперлигата, во натпревар во кој одигра сигурно и не му дозволи на противникот да резултатски да се доближи и да се обиде да направи пресврт.
Битолчани уште во првото полувреме најавија дека бодовите ќе останат во нивни раце. Особено расположени беа во шутот за три поени, реализирајќи седум од 14 обиди во првите 20 минути. Младиот репрезентативец Ќириловски веќе имаше 11 поени – погодуваше за три поени, а Пелистер во тој период доби поентерски придонес од осум различни кошаркари.
На спротивната страна, Фундиќ беше најрасположен кај кумановци со 10 поени во првото полувреме. Сепак, гостите имаа послаба реализација од далечина, погодувајќи само четири од 15 обиди за три поени, и покрај тоа што забележаа 15 асистенции.
Продолжението не донесе промена на односот на силите на теренот. Избраниците на тренерот Тане Спасев ја задржаа контролата, а во третата четвртина дополнително ја зголемија предноста. По 30 минути игра Пелистер имаше убедливо водство од 66:49.
Домашниот состав не застана ниту во последниот период. Во неколку наврати предноста достигна и 20 поени, па Пелистер рутински го приведе натпреварот до крај за трет триумф во тековната сезона.
Во победничкиот тим четворица кошаркари имаа двоцифрен број на поени. Вилсон беше најефикасен со 16 поени, седум скока и шест асистенции. Кочовиќ постигна 15 поени и подели шест асистенции, Велер запиша 14 поени и осум скока, додека Ќириловски го заврши натпреварот со 13 поени и четири скока.
Фото: Сашо Ристевски
Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo?fbid=1789259399579545&set=pcb.1789261279579357









