Press "Enter" to skip to content

Кафеавите мечки од Црвени Стени Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (6)

Подготвил: Драган Ристевски

Убавите и непристапни планини се како убавите жени. Ги гледаш, ги посматраш оддалеку и им се воодушевуваш. И по малку  им се плашиш. Приближи им се и се е подруго. Стапка по стапка, чекор по чекор, по стрмните и каменитите беспаќа и веќе се наоѓаш на тешко достапните, величенствените, Црвени Стени на Пелистер.

Црвени Стени, Црвена Река, Црвена Долина -овој простор на Баба Планина, можеби амбиентално, најмногу наликува на алпски предел. Своевидни господари на овие височини се еден вид планински ластовици кои владеат со воздушниот простор, потоа, дивите кози кои доминираат на стрмните карпи и секако, кафеавите мечки чија територија се токму тешко пристапните за човекот – Црвени Стени (од 1.500 до околу 2.000 м. надморска височина).

За тоа, од каде името Црвени Стени, некои познавачи овој термин го поврзуваат со годините на Првата светска војна, од пред еден цел век, кога на овие простори се воделе беспоштедни крвави битки меѓу силите на Антантата од една  и на силите на Оската, од друга страна. Од пролеаната човечка крв зацрвенеле и стените и реката и целата долина кои го носат предзнакот Црвени. Според други, црвената боја доаѓа од руменилото на сончевите зраци кои ги осветлуваат карпите во раните утра. И секако, заради тоа што голем дел од овие карпи имаат црвеникава боја од оксидирани минерали и остатоци од водите што линеат по нив.

Како и да е, Црвени Стени се најнедостапната убавина на Баба Планина. Недостапни секако за луѓето, но не и за нејзините постојани жители, кафеавите мечки. Јужната експонираност на Црвени Стени претпоставува можност за оптимални услови за благопријатно презимување на кафеавите мечки кои овде ги има во голем број. Според одредени претпоставки, бидејќи нема прецизен податок, во просторот на Црвени Стени, кафеавата мечка е присутна со над триесетина единки од најразлична возраст и големина. Податокот пак, дека во една семејна куќа, во едно потпелистерско село, во домот на  страствен ловец (криволовец) има дури четиринаесет препарирани примероци кафеава автохтона пелистерска мечка и тоа, од мали мечиња од неколку килограми, до огромни мечки со застрашувачка големина од неколку стотини килограми, зборува многу. Добар дел од тие препарирани мечки биле убиени токму на овие простори на Црвени Стени.  Инаку, за сите мечки на Црвени Стени има место за презимување, а за сите има и обилна, богата и разновидна храна  шумски плодови, од дренки и диви црешни, јаболка, сливи, глогинки и малинки, до  диви пчели и оси, чии мед е еден од најпосакуваните десерти на кафеавиот медвед ( мед – веде, мед – знае, животно што знае каде е медот). Секако, тука се ларвите и јајцата на планинските мравки, корењата на голем број растенија и така редум. На ова се додава водата на планинските реки од кои пијат вода, а во кои честопати во летните горештини мечките можат да се забележат како се разладуваат.

Богатството на водотеци на Црвени Стени доминира особено во пролетните месеци кога се топат обилните снегови напластени во текот на зимата. Тогаш силната и брза вода по стрмнините на Црвени Стени прави прекрасни водопади од кои некои се долги и по 20-30 метри. Во тој период, Црвена Река звучи неповторливо волшебно, свирејќи ја својата планинска симфонија чии прекрасни звуци ја исполнуваат целата Црвена Долина. Така е до крајот на јуни кога дел од реките и потоците прекапуваат, а природата постапно се обојува во есенска кафено – црвена руба.

Во таков амбиент, во жолто-златниот папрат, до израз доаѓа зелената боја на млади моликови шуми кои од година на година се повеќе ги освојуваат височините на Црвени Стени и се приближуваат или се составен дел на карпестите предели.

Иако повторуваме, дека Црвени Стени се тешко достапна убавина, сепак, до нив постапно и внимателно може да се пристапи од неколку страни. Пред се, од страната на Ниже Поле, по текот на Црвена Река. Се продолжува по десната страна, во височина на зафатот од кој се снабдува Битола со вода за пиење, а со кој стопанисува битолски “Водовод“. Патеката продолжува змиулесто по стрмнините кон подножјето на Црвени Стени. Со оглед на реткото и повремено престојување на планинари и намерници на овие простори старата патека која преку Црвени Стени водеше кон врвот Пелистер сега е речиси обрастена и тешко може да се следи. Затоа при искачувањето се остава на желбата, на можностите и на имагинацијата на посетителите, пред се искусни планинари, сами да одберат начин и можност за другарување со височините на Црвените Стени. Намерниците сигурно ќе бидат регистрирани и забележани од постојаните жители на Црвени Стени, а тоа се секако кафеавите мечки. Меѓутоа, тие бесшумно и внимателно, како вистински домаќини, им прават гостопримство на ретките посетители со нивно повлекување со што стануваат “невидливи“ за луѓето.

Друг пристап кон Црвени Стени има од страната на Јоргов Камен по патеките од Копанки и од Магарска Река. Откако ќе се стигне до чешмата изградена во периодот на 1950 година од страна на Националниот парк “Пелистер“ се продолжува косо кон големата карпа наречена “Плоча“ по што се стигнува до сртот на Црвени Стени.

Пат кон Црвени Стени има и по патеката наречена ,,По бандери“, патека која минува по далноводот што носи електрична струја за потребите на предавателите на врвот на Пелистер.

За вистинско уживање на овој простор на Црвени Стени е неопходно поседување на квалитетна планинарско-алпинистичка опрема и  секако, богато алпинистичко искуство. Во спротивно, лесно може да се случат и непријатности со тешки последици. Ова особено важи за зимските месеци, кога наврнуваат и пообилни врнежи снег, период кога на овој терен паѓаат и лавини кои едноставно бришат се пред себе, уништуваат и молики и други стебла стари и повеќе десетици години и тркалаат карпи со големи димензии. Такви остатоци можат да се забележат особено во долните текови на Црвена Река.

Што се однесува до тешки последици, такви ги имало до сега  во мирнодопски услови, меѓутоа, многу потешки биле оние во воените времиња од Првата светска војна кога на борбите на Црвени Стени, во еден ден загинувале и по неколку стотици војници од кои добар дел биле нашинци насилно мобилизирани Македонци. За жал, до сега ни една македонска владеачка постава, немаше доблест за тие наши воини да подигне спомен обележје. Да кажеме и тоа дека токму на Црвени Стени биле применувани за прв пат во историјата на војните, бојни отрови, како уништувачко оружје за ,,непријателот“.

Секое време има свои непријатели. Ако нашиот народ во вековите наназад имал разно- разни непријатели  од кои бил поробуван и угнетуван, денес кога е свој на своето, како да не заборавил да има свој непријател. Во случајов сами себе сме си непријатели, а потврда за тоа е негрижата за најважното што како народ го имаме, а тоа е природата. Фактот што во еден дом, со мои очи, сум видел „музеј“ на 14 препарирани кафеави мечки од Црвени Стени, кои патем, се строго заштитен вид со закон, говори многу. Нема да погрешам ако кажам дека тоа ми дава за право да кажам дека сами кон себе се однесуваме како душмани!

Во наредна прилика: Врвовите Пелистерски пирамиди

More from БитолаMore posts in Битола »