Младите фудбалери на сите фудбалски школи кои тренираат и ги играат натпреварите на фудбалскиот стадион “Павел Шатев“ или како битолчани уште го нарекуваат “Ќумурно игралиште“, деновиве кога доаѓаа на тренинзи беа непријатно изненадени од глетката која ги затекна.
Резервната клупа на која обично седат гостинските фудбалери и тренери беше оштетена, и беше откорнат и покривот, односно лексанот со кој ги штитеше од ветрот и дождот.
-Мислевме дека се имаме видено, искршени столчиња, раскината жичана ограда за да влегуваат некои на теренот, па дури и искривени метални цевки со поголем профил, но сега некој го откорнал и лексанот. Малку ли е тоа што тука тренираат сите фудбалски школи и играат нетпревари и полека се расипува пластичната трева, а сега се уништува и инвентарот. До кога вака од ден на ден се се уништува, а ако продолжи вака ќе немаме каде да тренираме, бидејќи го имаме само овој терен, ни рекоа тренери од една фубалска школа, кои не сакат да ги споменеме, велејќи дека ова не е само нивни проблем, туку сите треба да се освестат и сите заедно да се грижат за овој спортски објект.






