Подготвил: Драган Ристевски
Магиски мистичен танц водат гранитните заоблени мегалити (големи стени – камења) над Голема Ливада на Пелистер. Го „играат“ тоа камено оро со милиони години, а генерациите што живееле на тие простори само епизодно во своите кратки животни прикаски се фаќале на тој гранитен мегалитен танц. Тоа го потврдуваат и издлабените форми на врвовите на овие мегалити каде генерации наши претходници вршеле свои религиски ритуали и обреди, палејќи огнови и обраќајки се на тој начин на доминантните пирамидални гранитни врвови на Пелистер.
Визулната врска на “ороводецот“ најголемиот 5 метарски гранитен мегалит, со врвовите на Пелистер само ја потврдува врската на обредите кои биле правени во чест на некое божество во кое верувале нашите прастари претходници. А, не е далеку вистината дека тоа божество било поврзано со нејзиното височество, Природата, и секако со гранитните пелистерски врвови кои доминираат со својата надмоќност.Генерации и генерации наши претходници заигрувале на тој гранитен танц, а камените “танчери“ останувале тука скаменети, за да ја потврдат и нашата минливост. Но, доколку сакаме да го видиме и да го доживееме тоа камено оро, тој каменен ритуален танц на пелистерските мегалити, треба да се упатиме кон Голема Ливада за потоа да продолжиме по земјениот пат кој води кон Цапарска Пресека, односно кон Палиснопје.
На десетина минути од Голема Ливада лоцирана на надморска височина од 1.100 метри од десната страна на земјениот пат ќе ве пречека ороводецот, доминантниот петметарски заоблен гранитен мегалит. Иако тој доминира во околината со својата големина и единствена појава, сепак намерниците едноставно проаѓаат и продолжуваат нагоре по планината. Но, доколку подзастанете и се обѕрнете во непосредната околина, ќе го забележите каменото оро од петнаесетина заоблени мегалити наредени во продолжение. Тоа се камени топки со дијаметар од метар до неколку метри, кои така поставени се единствени во целиот планински амбиент.
Раритетноста и монументалноста на ова камено оро било дел од верувањата на нашите прастари претходници што се потврдува од човечките интервенции врз дел од овие мегалити за кои, допрва, веруваме дека ќе предизвикаат внимание и истражување од македонски стручњаци за карпеста уметност, експерти, познати во светската наука за оваа област.Иако во последниве години, наместо на овој простор да врие од посетители и излетници, природните патеки, некогаш затревени и питоми, денес се деградирани од силната машинерија и механизација на тие што ја експлоатираат шумата од моликови и елови стебла. За жал, така било, а како што стојат работите, така и ќе си продолжи. Некои само да укажуваат на непримерната експлоатација и уништување на шумското богатство, а други од таа експлоатација дебело да профитираат и тоа во името на народот. Жалосно, но така стојат работите, па така и ние сите едноставно како да стоиме и не мрднуваме. Нешто налик на камените мегалити од над Голема Ливада.
Што се однесува пак до Голема Ливада, таа е навистина голема. Распослана е на неколку хектари рамна површина што е реткост за планински простор и ваква надморска височина од над 1.000 метри. Некогаш, на просторот на Голема Ливада, жителите од Ротино имале свои ниви каде одгледувале и ги произведувале мошне вкусните ротински компири. Во еден период по Втората војна, просторот на Голема Ливада бил пренаменет во расадник посебно на моликови садници кои биле наменети за пошумување и за продажба. Од тоа време останат е единствениот објект кој денес е во владение на НП “Пелистер“. Освен неколку дрвени клупи, две камени чешми и настрешници, во изминатите 50 години не е направено буквално ништо што би било значајно за унапредување на туризмот, на угостителството и во крајна линија, во заштитата на шумата, водите и Паркот. На чешмите стои назнака дека водата не е исправна за пиење, а на целиот простор нема ниту еден тоалет (ни подвижен ни статичен) иако во лето Голема Ливада е масовно посетена од стотици и стотици туристи од Битола и пошироко.
Иако, пред педесетина години се најавуваше изградба на луксузен хотел со голем капацитет и беа донесени материјали за инфраструктура токму на Голема Ливада од страна на тогашното Градежно претпријатие „Гранит“, сепак до реализација на тој проект за жал не дојде. Кои беа причините да не дојде до изградба на тој хотел, јавноста не ги дозна. Инаку, кога се доаѓа од Битола со автомобил, треба да се поминат селата Трново и Магарево и откако ќе се помине наплатната рампа се продолжува по асфалтниот пат околу еден километар за да се стигне до патоказот кој ќе ве упати в десно по земјен, наместа по калдрмест пат, до посакуваната дестинација наречена Голема Ливада.
До Голема Ливада по пешачки патеки се доаѓа од неколку страни. Од селото Магарево, од првата голема кривина на асфалтниот пат се упатувате на десно и по блага стрмнина се доаѓа на долната страна на Голема Ливада. До овој локалитет се доаѓа и по посебно пробиената патека оградена со дрвени столбови од страната на паркингот на поранешното Детско одморалиште, потоа има шумски пат кој води од Информативниот центар, познат како Вилата на Лазо (Колишевски) или Вилата 7 Кладенци. Пат кон Голема Ливада води и од Цапарска Пресека кој слегува надолу преку Ротинска Река.
Сепак, најприродниот пат кон Голема Ливада е оној кој води од селото Ротино, со оглед дека и Голема Ливада е атар и синор на ова потпелистерско село. Опцијата за пристап до Пелистер преку селото Ротино е поприродна и подостапна. Погодноста што до Ротино се стигнува по магистрален пат (Битола-Ресен -Охрид) е неспоредлива со онаа преку тесниот пат што минува низ селата Трново и Магарево. На пат за Ротино се стигнува до месноста Превалец на 900 метри надморска височина и потоа кон Голема Ливада во срцето на Пелистер и Баба Планина.Своевремено имало и спротивставени ставови и насоки како да се стигнува до Пелистер. Локалната политика на актуелни политички моќници била присутна, па така, поисправната и поприродната опција за пристап кон Пелистер преку Ротино била запоставена, со што според мое уверување е направена голема грешка. Доколку со одредена понуда за развој на Националниот парк “Пелистер“ се предложи опцијата Ротино-Голема Ливада, таа грешка може лесно да се надмине, со што и мистичните мегалити ќе бидат подостапни и на тој начин нивниот прапраисториски танц ќе заживее.
Во наредна прилика: Орлови Бари