Подготвил: Драган Ристевски
„Ти ќе ми кажиш од кај течи Драгоро“ – своевремено беше завршната синтагма при разговор-расправија на битолски кабадаи при што, тој што беше сигурен и поупатен во проблемот, дуелот го завршуваше со споменатата реченица. За тоа од кај течи Драгоро, многумина го споменуваа, а малцина реално знаеја точно од кај течи (извира) реката Драгор што минува низ Битола и воедно градот го дели на две. Реката Драгор извира од горе и воедно претставува дар што доаѓa од горе од гората, од планината. Токму заради тој дар од горе Дар – Гор; Дра – Гор, нашите мудри претходници и ја именувале реката, нашата вода што ја пиеме во Битола, со овој топоним. Секако, без вода нема живот, а водата е дарот кој доаѓа од горе, за да донесе долу во полето живот, да се наводнат градините и нивите, да се донесе со јазови бистра вода пелистерска од белите врвови, до битолските чешми и дворови.
Поточно, реката Драгор ја сочинуваат три помали реки, Сапунџица, Лаг Поток или Езерка и Црвена Река, како и неколку потоци. Изворите на Сапунџица се во реонот на Орлови Бари, Лаг Поток или Езерка извира од подземните извори од Големо Езеро, додека Црвена Река е продолжение на изворите од реонот на Мало Езеро. (Секое езеро – своја река) Сепак, најголемата притока на Драгор, од трите помали реки, е Сапунџица во која, во реонот на Орлови Бари се вливаат десетина потоци од левата и од десната страна на речното корито, како и десетици помали поточиња кои како бразди низ планинските падини, во текот на целата година, доливаат вода во Сапунџица.
Езерка или Лаг Поток во Сапунџица се влива во близина на населбата ЗЛТЦ “Стрежево“, а пак Црвена Река се влива во близина на селото Нижеполе по што, така формирана како Драгор, реката продолжува надолу кон селото Диово. Уште една пелистерска река –притока се влива во Драгор а тоа е Магарска Река или Братиндолка која извира од под глечерските гранитни остатоци од под Првиот Врв – Стив, а се влива во близина на месноста Билбил Камен над населбата Довлеџик. Така, преку Битола и Битолско Поле, Драгорот се влева во Црна Река над манастирот посветен на Света Богородица кај Новаци на пат кон Вардар и Егејот.Што се однесува до езерата Орлови Бари, тоа се две од вкупно единаесетте езера регистрирани на планинскиот масив Баба. Лоцирани се под Орлов Врв, на надморска височина од околу 2.036 Малото Орлово Езеро до 2.039 метри, Големото Орлово Езеро, непосредно под воениот пат од Првата светска војна, на идентична оддалеченост од еден час, од Големо Езеро (2.218 м.) и од врвот Муса (2.350 м.). Езерата се периодични и се „појавуваат“ во месеците мај, јуни и јули, кога истекува најпрво помалото проточно езеро, а во кое водата доаѓа од поголемото езеро, кое пак е во непосредна близина на неколку десетици метри погоре. Поголемото езеро именувано како Орлова Бара е потрајно и водата ја губи во текот на септември – октомври, во зависност од летните врнежи од дожд. Се случува по едни години водата да се задржи и преку целиот летен и есенски период и да ги пречека есенските дождови и потоа првиот снег. Инаку, во текот на летото, кога поголемото езеро има вода нивото на водата е со најголема длабочина од 50-60 сантиметри, а дното е со тревна подлога која кон средината преминува во каллива земја.
Честопати во летниот период крај Орлови Бари, во нив можат да се забележат стада коњи кои се хранат од зелената трева што инаку најдолго останува таква заради влажната средина. Десетиците коњи и ждребиња со различни бои претставуваат вистинско освежување и оживување на природниот планински амбиент со алпски карактеристики.
На просторот на Орлови Бари виреат и алпски растенија кои ги има единствено во неколку реони на Баба Планина. Едно од тие цвеќиња со кралско сина боја е Генцијаната (Gentianaceae) која е второрангирана на листата најубави алпски цветови веднаш по кралот на алпските цвеќиња, а тоа е Еделвајсот, односно Рунолистот или Планиката. Инаку Рунолистот на Балканот го има на неколку планини и тоа Пирин Планина и Стара Планина- Балкан во Бугарија како и на Јулиските и Камнишките Алпи во Словенија. Пред повеќе десетици години овој реон бил мошне богат со добиток, пред се овци и кози. На овие простори , секако во летниот период, од мај до ноември или од Ѓурѓовден до Митровден, се напасувале десетици илјади грла, а во погодните места имало и трла и бачила чии камени остатоци можат да се забележат и ден-денес. Но, тоа било некогаш, а денес на целиот простор на планината можат да се сретнат само неколку стада со не повеќе од 2 илјади овци.Пристапот до Орлови Бари е од неколку страни. Најчесто и најприродно е да се стигне по долината на реката Драгор односно Сапунџица. Така, почнувајќи од теснецот и клисурата на Драгор кај селото Диово (Диовска Капењца) треба да се продолжи кон селото Нижеполе. Патот нагоре не носи кон туристичката населба „Стрежево“, потоа Браната – (зафатот на вода за потребите на малата хидроцентрала „Сапунџица“ лоцирана под селото Диово). Оттаму продолжуваме кон скијачката патека „Чука“. Овој пат, во должина од десеттина километри можеме да го поминеме и по асфалтен пат со автомобил.
Доколку имаме теренско возило може да се продолжи нагоре по земјен пат кој беше пробиен во деведесеттите години на минатиот век во должина од 2-3 километри во насока кон Орлови Бари со намера да се продолжи преку планина кон преспанското село Брајчино. Потоа патот продолжува кон месноста Дурмишова Чешма, и така по маркирана патека се до Орлови Бари до каде се стигнува за околу 3 до 4 часа умерено пешачење со мали попатни одмори. Патем се поминуваат неколку потоци кои добро доаѓаат за разладување со чиста вода за пиење.
До Орлови Бари може да се стигне и од насоката која доаѓа од патот кој води од страната на Палиснопје – Широка – Мало Езеро – Големо Езеро, пат кој може да се помине со пешачење , со велосипед или пак со теренско возило. Можност да се стигне до Орлови Бари има и директно од Битола, најпрво кон планинарскиот дом Неолица, па заобиколно по сртот на Неолица – Скрково – Муса се до крајното одредиште. Овој пат е во времетраење од десетина часа, па најдобро е тој да се минува во добри метеоролошки услови во летен период.Покрај насоката од Битола, до Орлови Бари се стигнува и од страната на Преспанското Езеро, поточно по патеката која води од селото Брајчино. Патеката е маркирана и во текот на летото бројни домашни и странски туристи кои престојуваат во Брајчино и Преспа неа ја користат за да стигнат до Орлови Бари и до Големо Езеро.
Ова се летните патеки, а во зима како и во раните пролетни месеци, се до почетокот на мај, кога на Орлови Бари заврнуваат поголеми количини снег, тука се доаѓа со турно скии или со соодветна зимска опрема. Вистинско доживување е скијањето на овие терени. И не без причина постојат планови, проекти и студии за изградба на скијачки патеки со комплетна инфраструктура. Но, како минува времето тие планови се оддалечуваат од нас налик на фатаморгана. Ако некогаш тие проекти и замисли биле на дофат до реализација, од ден на ден, тие ни наликуваат на научна фантастика. Далечните странски скијачки центри ни се поблиски и подостапни, а ние кој под носот ја имаме планината и скијањето постојано од неа се оддалечуваме. Така, наместо сите битолчани да научат каде се Орлови Бари, – „Од кај течи Драгоро“, од нив се повеќе се оддалечуваат.
По Сапунџица и Драгор ќе протече многу вода до времето кога тие скијачки и планинарско-излетнички терени и дестинации ќе се доближат до посетителите и секако битолчани. До тогаш едни од ретките посетители на Орлови Бари се и ќе останат раритетните орли.
Во наредна прилика: Бабин Заб …