Press "Enter" to skip to content

Орелот од Бабин Заб Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (11)

Подготвил: Драган Ристевски

Централната поставеност на Бабин Заб не без причина овозможува највпечатливо доживување на најголемиот дел од масивот Баба Планина. Издигнат отспротива на селото Нижеполе  со своите 1.850 метри надморска височина клинесто надвиснат како стреа над Драгорската Долина, врвот Бабин Заб претставува најпривилегираната точка за посматрање, набљудување и конечно, за насладување од планинските убавини на Баба Планина. Токму заради тоа, секој што се искачил на Бабин Заб, посакува тоа да му се случи повторно. И секогаш видикот и доживувањата се единствени и неповторливи. И зиме кога целата планина е едно големо бело пространство, во пролет кога остатоците од снег им даваат предност на зеленилото што надоаѓа, во лето кога разнобојните планински цветови ја прекриваат целата околина или пак во есен кога доминира жолто црвеникавата боја на пејзажот.

А од Бабин Заб најпрво ќе го забележиме Диовскиот теснец кој претставува своевидна порта за влез во долината на реката Драгор. Теснецот постепено се проширува и како потковица навлегува во пазувите на Баба Планина. Погледот ќе продолжи по сртот на планината кон месноста Јоргов Камен, (1.744 м.) па нагоре кон Првиот врв, Стив (2.468 м.), Вториот врв, Илинден (2.540 м.) и Главниот врв Пелистер (2.601 м) највисоката точка на Баба Планина. Видикот продолжува кон Пелистерските Очи, најпрво Мало Езеро, потоа Големо Езеро, Мрзарник со Дебел Рид, кон Орлови Бари, потоа заобиколно кон Муса (2.351 м.),  Скрково (2.146 м.), масивот Неолица (1.865 м.) и така кружно до местото каде се наоѓаме –  до Бабин Заб. Како на дланка поставен е поголемиот дел од Масивот на Баба Планина од едно место, во еден круг, тоа е таа неповторлива убавина  што се овозможува да се доживее од позицијата на Бабин Заб.

За тоа пак, како да се стигне до Бабин Заб има неколку приоди. Еден и многу често применуван од планинарите е оној што води директно, пешки од Битола кон Неолица. Оттаму, по мала пауза се продолжува кон месноста Колтуко и потоа нагоре кон врвот Неолица 1865 метри. Потоа е веќе поедноставно, продолжуваме по сртот на Неолица десно до моментот кога од лева страна ќе се појави зашилен карпест врв кој доминира во просторот. Токму тоа е Бабин Заб. Повелете и доживејте ја убавината на видикот.Друга патека кон Бабин Заб води од Битола кон Лавци и Неолица до шумскиот пат за истоимената планинарска куќа. Се продолжува нагоре низ буковата корија до местото викано Таблата, поштенски предавателен пункт во близина на врвот Неолица (1.814 м. ). По петнаесетина минути од поштенската Табла веќе сме непосредно пред Бабин Заб.

Трета опција за ова одредиште е патот кој од село Брусник  продолжува кон Стрежевскиот Канал, за потоа  да се упатиме по Брусничка Река нагоре кон месноста Плоче. Таму кај една голема карпа во текот на Првата светска војна постоеле објекти за рехабилитација на ранети и болни војници, а во непосредна близина има извори на квалитетна изворска вода и секако чешма. Патот оди нагоре до изворите на Брусничка Река кои се наоѓаат во подножјето на Бабин Заб. Единствен приод од оваа страна е  „цик-цак“ патеката по која се искачува по остра и опасно лизгава трева, бидејќи косината е многу изразена и изнесува до 60-70 проценти.

Една не толку често применувана насока е пристапот од страната на Нижеполе, поточно од кај населбата „Стрежево“ од каде највпечатливо може да се доживее надменоста и монументалноста на Бабин Заб. Доколку некој се обиде да го искачи овој правец, треба најпрво да ја помине реката Сапунџица или да премине преку стариот камен мост. Следуваат неколку скалесто наредени појаси од трева, кои така омеѓени говорат за некогашните, сега напуштени ниви и камени куќички за земјоделски алати. Тоа биле нивите каде нижеполци своевремено, до 60 -те години на минатиот век произведувале со илјадници килограми квалитетен пелистерски компир, но од тоа денес ни трага. Стрмината не ни дава за право да се правиме непотребно силни. Одиме така по стрмнината нагоре, но бавно и внимателно, со евентуални мали подзастанувања за да се обѕрнеме кон убавините на околината. Така, бавно и претпазливо по околу 1,5 до 2 часа, веќе сме до посакуваната точка на Бабин Заб. За разлика од полесно пристапната северна страна, јужната страна на Бабин Заб е потешко пристапна и поопасна за искачување. Северната страна е со тревна подлога, додека јужната е слоевита висока карпа од 100 -150 метри, карпа каде има мала вегетација.

Не е тешко да се претпостави дека, заради доминантноста на врвот како и непристапноста на луѓе и други животни, орелот кој таму имаше свиено гнездо не случајно ја имаше одбрано оваа позиција. Поточно, гнездото на орелот се наоѓа(ше) во една тешко пристапна пештера под самиот врв Бабин Заб, до која единствено можеше да се дојде само со алпинистички чекори односно, слободно искачувачки потфати. Во пештерата длабока 6-7 метри и висока 1,5 до 2 метри, во нејзиниот крај беше свиено орловото гнездо направено од гранки помали и поголеми со дијаметар од околу 1,5 м, и длабоко околу 0,5 метри.  Орелот кој правеше широки концентрични надлетувања, истовремено испушташе остри и продорни звуци, внимателно ја следеше целата ситуација. Во тие моменти не бев ни свесен и сигурен за што станува збор. Таа енигма за малку време беше дешифрирана, во моментот кога стигнав непосредно до пештерата и орловото гнездо. Тоа е една од бројните планински реминисценции од моите средношколски  гимназиски денови за тоа единствено орлово гнездо што инстиктивно го открив. Следуваа уште неколку искачувања до орловото гнездо, но за жал, повеќе орел не сретнав на тој врв.  Орловото гнездо беше напуштено и оставено празно. Претпоставувам, дека орелот се почувствува загрозен за себе и за породот, бидејќи до него и до гнездото може да стигне и човек.Инаку, во текот на осумдесетите години на социјалистичката изградба на СФРЈ и секако на СРМ, населбата „Стрежево“ беше наменета за живеалиште и престој на бригадири од цела Југославија за изградба на „Патот на Младоста“. Акциите беа вистинска школа за формирање на работниците (младинците) во уште поголеми работници и истовремено за школа за унапредување на потенцијалните бирократи кои обично беа уште тогаш раководители на Акциите.  По напорната работа, бригадирите имаа и свои слободни активности. Со оглед на тоа дека бригадири беа млади, здрави и храбри лица, на Бабин Заб редовно се искачуваа.  Добар дел од нив искачувањето го правеа со брзо одење па дури и со трчање. Десетици бригадири  во текот на неколкуте години акцијашки живот се искачија на Бабин Заб. Едни тоа го правеа од забава, други за престиж, трети за опклада. И сите со посебна гордост ги поставуваа на самиот врв, на Бабин Заб, знамињата на своите бригади и градови од цела Југославија што доаѓаа во Битола и  на Пелистер. Дека се искачуваа за 40 до 50 минути, за многумина денес ќе значи брзо и нереално време, но младоста, полетноста и ентузијазмот како да немаа тогаш граници. Се искачуваа сите, но никој не ја разоткри јужно експонираната пештера вовлечена во карпите каде орелот го имаше свиено своето гнездо. Тоа можеби ќе остане на инстиктивните стапки на некои други генерации луѓе и секако орли.

Во наредна прилика  Ластојчин Камен…

More from БитолаMore posts in Битола »