Press "Enter" to skip to content

Ластојчин Камен и Македонски бор… Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (12)

Подготвил: Драган Ристевски

Ластојчин Камен (1425 м.) претставува своевиден синоним за Пелистер и за Битола, нешто налик на манaстирската црква Свети Јован Канео која е заштитен знак за Охридското Езеро и Охрид. Ластојчин Камен и Канео се двата бележити споменици на природата со кои Македонија се гордее надалеку во туристичкиот свет. Голем број туристички публикации и брошури, разгледници и плакати како мотив за убавините на Македонија ги земаат овие две исклучителни природни реткости.

Ако за Охрид и Охридското Езеро, основниот ресурс за човештвото е чистата вода за пиење, за Ластојчин Камен и Пелистер тоа е чистиот планински воздух за кој голем удел има токму големиот ареал на моликова шума, бел петтоиглест бор (Pinus Peuce). Тоа е еден од петнаесетината петиглести борови кои се среќаваат во разни земји и континенти во светот. Инаку, на Јастојчин Камен  во 1969 година, а  по повод одржувањето на симпозиумот во чест на германскиот ботаничар Аугуст Гризебах (1814 – 1879), откривачот на моликата на Пелистер во далечната 1839 година, престајувајќи им ја на научниот свет и истражувајќи ја истовремено флората и фауната во европскиот дел на Отоманската Империја во која спаѓала и Румелија односно Македонија. Токму пелистерската молика во науката е позната како Румелиски бор или Македонски бор.

А на Балканот моликата ја има на Шар Планина и Проклетије, посебно од страната на Космет (Косово и Метохија), а во големи ареали моликата е присутна на Пирин Планина и на Рила во Бугарија, каде моликовите стебла се двојно повисоки од оние кои ние ги знаеме на Пелистер и Баба Планина. Моликата во помали реони може да се сретне и на Снегово, односно Браненица, (Црновршко), а спорадично може да се забележи и на Селечка Планина. Тоа е за присутноста на белиот бор- молика на Балканскиот Полуостров, во слободната природа, а инаку моликата е дел од голем број ботанички градини во развиениот и напредниот европски еколошки свет под името Румелиски, односно Македонски бор.

Што се однесува пак до петтоиглестиот бор, јас кој сум опседнат од неговата убавина, до сега сум имал ретка среќа да го сретнам во Мексико, во подножјето на највисокиот планински врв во Средна Америка, Пико Оризаба односно Цитлатетепетл и во близина на Попокатепетл, како и во Океанија во островската земја Папуа Нова Гвинеја на пат кон највисокиот тамошен врв Монт Вилхелм. За разлика од Мексико каде овој петиглест бор е присутен во групи зелени појаси,  на островска Папуа, во амбиент на екваторска прашума, моликата посебно доаѓа до израз со нејзината убавина, па така, домородното население ја користи како украсно дрво. Тамошните домородци, некогашни човекојадци (канибали) имаат своевиден пиетет кон моликата, а ние евроатлантски ориентираните Македонци моликата ја посматраме како дрвна маса за полуфабрикати и за експлоатација. И тука завршува се, па и проблемите со фиктивните наши национални паркови кои се оставени сами на себе, на самофинансирање, оставени да се „снаоѓаат“ како знаат и умеат. А да погледнеме наоколу, колку убавини ни се пружаат од самото место на Ластојчин Камен!? Сметам дека малку убавина и убав содржаен поглед наоколу не ќе е на одмет. Од Ластојчин Камен го имаме највпечатливиот поглед кон Првиот врв Стив (2468 м), независно во кој дел од годината ќе се најдеме таму. Секако, контрастот што на зелената моликова шума го прави снежниот врв Стив е неповторлив. Погледнеш кон белиот врв или погледнеш долу кон Битола и Пелагонија – сегде е божевна убавина. Ластојчин Камен е најрепрезентативниот дел од Пелистер, обдарен со сите предиспозиции за доходовен туризам. Неговата поставеност како извишена и наддадена стреа со јужна експозиција (нешто што е реткост на Пелистер) овозможува со мали природни интервенции таму да биде исполнето со туристи кои ќе знаат добро да ги платат понуденото задоволство и убавина.

Пристапноста пак на Ластојчин Камен е една од неспоредливите предности. До Ластојчин Камен се стигнува од страната на хотелот „Молика“. До „Молика“ се стигнува по асфалтен пат и потоа уште двесте метри пешки до самата месност која е вистински видиковец. До Ластојчин Камен се стигнува и по пешачката патека која тргнува од Вилата „7 Кладенци“ (Вилата на Лазо) или сега Инфо центарот на НП „Пелистер“. Пешачката патека е во должина од 1,5- 2 километри со блага косина и со попатни информации за настаните од Првата светска војна во овој реон на Пелистер.

Трета страна по која може да се стаса до Ластојчин Камен е  од селото Магарево, по патеката која оди нагоре по Магарска Река. Должината на оваа патека е околу 4 километри, шумски пат кој минува непосредно крај водите на оваа брза и чиста планинска река, се до месноста каде се дели патот кон чешмата посветена на Полковник Илиев, офицер во Бугарската армија од Првата светска војна. Патот свртува в десно и по петнаесеттина минути скалесто по серпентини се стигнува до Ластојчин Камен.

А Ластојчин Камен е една гранитна монолитна стена која е висока 250-300 метри и започнува од стреата во близина на хотелот „Молика“, а завршува долу во Магарска Река. Ваквата поставеност на гранитната стена овозможува и практикување на почетни алпинистички потфати. Така беше во седумдесеттите години на минатиот век, така продолжи до денешни дни, млади планинари да практикуваат почетни алпинистички чекори. Предностите на овој алпинистички полигон се повеќекратни, а една од погодностите е близината и добрата комуникација, на горниот крај има хотел, долу течи река и секако монолитната гранитна и стрмна карпа. Некаде на средината на оваа карпа има можности за интервентно логорување и можности во услови на невреме и вејавица, само со една вреќа за спиење безбедно и топло да се преноќи. Но, тоа велам интервентно и повеќе за тренинг на поединци насочени кон поголеми и повисоки алпинистички предизвици и цели.

Што се однесува до името Ластојчин Камен, не е далеку вистината дека кај оваа надвисната карпа некогаш се гнезделе планински ластовици, кои се нешто поголеми од ластовиците кои ги знаеме во нашите краишта. И тие планински ластовици се преселни птици и на Пелистер доаѓаат во пролетно време, а ги има најмногу нешто повисоко, во реонот на Црвени Стени.

Инаку во поширокиот појас на Ластојчин Камен најчесто е присутна срната и тоа во зимско време кога може да се сретнат и по цели семејства срни, потоа еленот, лисицата и друг дивеч. Причината за големата присутност на срни и елени е тоа што јужната поставеност на теренот овозможува топлина, брзо топење на снегот и редовно трева за прехрана. На горната тераса во близина на Ластојчин Камен со мала природна интервенција може да се изведе уште еден полигон за почетници. Тоа е полигон за почетно учење на скијачи, независно од нивната возраст, релативно благата падина која треба да биде дозавршена и обрабена со заштитен нанос земја, како и можност за вештачки снег, би се  овозможиле усови за непречено учење на тајните од скијањето. Ова заради тоа што на Пелистер нема полигон за учење за скијање.

Близината на хотелот „Молика“ како и можностите за доизградба и на други капацитети со оглед на предностите што ги дава околината на Ластојчин Камен оваа месност лесно и брзо може да се претвори во вистински туристички центар. Во непосредна близина на Ластојчин Камен се наоѓа и еден од најрепрезентативните примероци на молика – Македонски бор кој  со својата старост и горостасност доминира во просторот.

Се заедно,  тоа се компаративни предности кои допрва треба да дадат резултати во областа на туризмот, скијањето и угостителството, предности кои ги има тука на дофат до нас.

                            Во следна прилика: Козји Камен без дивокози…

More from БитолаMore posts in Битола »