Press "Enter" to skip to content

Интервју: Кире Грбевски, професор и фудбалски тренер – фудбалот не е само машка игра

Разговорот го водеше: Жанета Ристевска

Дојде на разговор за интервјуто помеѓу два тренинга брз, енергичен и шармантен, и уште веднаш ни кажува за големиот број обврски што ги има и неколку проекти на кои работи. Продолжува со насмевка:

-Секојдневно имам многу обврски и многу сум зафатен, но веќе во последните години работам со вакво темпо и како да се навикнувам. Не можам да замислам да работам административна работа во канцеларија и дома, не поднесувам рутина и јас сум неуморен кога треба да се истрае и да се биде упорен. Уште од мал одев на тренинзи со татко ми каде мора да се има самодисциплина и одреден начин на животни навики. Така се развива еден спортски дух кој  придонесува  да имам енергија и да се посветам на мојата работа како професор по физичко образование и спортски тренер.

Кажете ни како го развивавте тој спортски дух и како започнавте да тренирате фудбал?-Татко ми Цане Грбевски беше професор по физичко образование и фудбалски тренер и знаете гените си се гени. Уште од мал започнав да тренирам фудбал под неговото будно око, а тоа беше на 8-9 годишна возраст. Татко ми ме поттикна и насочи да тренирам напорно и да не се откажувам лесно. Заради тоа спортски дух се гради само со дисциплина на духот, истрајност  и борбеност. Сето тоа е заслуга на татко ми и денес јас се уште ги слушам неговите совети кои ми ги дава и насочува во мојата работа како тренер. Започнав да играм фудбал во ФК Пелистер и бев доста добар фудбалер, но кога се запишав на Факултетот за физичка култура во Скопје заради тамошните обврски јас заминав во Скопје. Но и таму играв фудбал во Локомотив. Бев добар фудбалер, но кариерата ја продолжив во тренерските води каде пренесувам знаења и подучувам. Мојата личност се пронајде тука – да ги насочувам младите на физичка култура и образование. Скоро 16 години сум професор по физичко и здравствено образование во различни училишта во Битола,  зависно од фондот на часови кои ги имав било во основно или средно образование. Моментално сум професор во Средното економско училиште „Јане Сандански“ во Битола.

Кажете ни повеќе за вашата воспитно образовна работа и каков сте како професор. Како ги инспирирате вашите ученици?-Да се работи со средношколци е голем предизвик. Потребно е и да се биде близок со нив, но при тоа и да  бидеш авторитет за да те слушаат и почитуваат. Мора да се биде добар педагог и психолог и да се биде многу праведен кон нив. Бидејќи ако учениците не те почувствуваат дека ги разбираш, нема да се развие едно чувство на емпатија и разбирање, кое е многу значајно. Овие млади личности се многу интелегентни и многу информирани и со нив нема “фолирање“. Веднаш те проценуваат и интуитивно знаат каков си по карактер. Јас сум строг,но праведен професор и учениците тоа го ценат и ме почитуваат. Средношколците се во период на пубертет кога имаат најразлични други интереси: компјутери, мобилна технологија (која ги прави пасивни), потоа љубов, музика и вечерни излегувања. Заради тоа и некои од нив и да се занимавале со спорт претходно како помали, во овој период го запоставуваат. Особено тоа се забележува кај ученичките кои некогаш и престануваат да се занимаваат со спорт. Заради тоа и основна задача на нас, професорите по физичко и здравствено образование и култура, е да ги поттикнуваме да продолжат да се занимаваат со спортот за кој биле надарени и постигале резултати. Тргнувајќи од овој факт кој јас како професор по физичко образование го видов кај средношколската младина уште пред неколку години пристапив кон мотивација и поттикнување да се бават со спорт и спортски активности. Посебно ги поттикнував и мотивирав женските да играат фудбал за кој важи мислење дека е игра за машки и дека женските кои играат фудбал се груби.

Тргнувајќи од искуства во други напредни држави како Скандинавските каде не постојат разлики и предрасуди за женски фудбал, пред 11 години оформивте  женска  средношколска екипа за футсал која успешно напорно тренираше и постигнуваше високи резултати. Се одржуваа и натпревари меѓу училишта каде екипата на СЕУ “Јане Сандански“ постигнуваше високи резултати.  Со тоа мислам дека ги мотивиравте и инспириравте   да се занимаваат со фудбал но и да бидат активни спортистки. Кажете ни за вашата улога како тренер и промотор на женскиот фудбал во Битола?-Јас сум прв тренер на македонската репрезентација У-19 за жени. Имено следејќи ги светските трендови каде женските се успешни фудбалерки и играат во исто голем процент како и машките по афирмирањето на овој спорт низ училиштата со организирање на футсал за жени низ училишта се оформи екипата на Топ гол за женски фудбал пред 10 години. Оттогаш Топ гол прерасна во екипа која е неколку пати прогласувана за најдобар тим и станува бренд за женски фудбал во Битола и тоа: 3 пати младински шампион; 2 пати вицешампион на Македонија – кадети. Статистички најголем број на репрезентативки произлегле од Топ гол. Јас сум многу горд на тоа, а денес можам да кажам дека барииерите се разбиени, бидејќи имаме фудбалерки од најмала возраст од 7-8 години, т.н. тим на пионерки кои тренират со ентузијазам и имаат голема желба да играат фудбал. Топ гол има и тим на сениорки, младинки и кадетки.

Кажете ни каков сте како тренер?

-Морам да ви кажам дека сум многу строг и барам дисциплина и поставувам високи цели и имам високи критериуми. Но секогаш успевам да извлечам максимум од играчите и се постигнува успех. А успехот мотивира за понатамошни резултати и да се издржи понатаму. Постојано им нагласувам на играчите дека упорноста, истрајноста, борбеноста и напорните тренинзи се најважни во спортот, а талентот учествува со 20 проценти. Во сета моја работа ми помага искуството, но и постојаното надоградување со обуки. Сум поминал неколку семинари организирани од УЕФА за развој на женски фудбал. Поседувам УЕФА лиценца за фудбал, а ќе одам и до ПРО лиценца. Секогаш мора да се учи и усовршува.

Вашата упорност носи и успеси неколку пати сте прогласуван за тренер на Битола за женски фудбал и постојано се докажувате во тие води. Тука со вас е и вашиот син Алексеј кој доаѓа со вас од трениг. Кажете ни дали ги наследил гените на својот татко или дедо?

-Мојот син Алексеј има 5 години и се разбира расте со топки, фудбал, доаѓа со тато на тренинзи и јас ќе го насочувам правилно во физичкото воспитание кое е многу значајно за децата уште од најмала возраст. Родителите се многу значајни како ќе го насочиме нашето дете. Мене сега најважно ми е да е среќно и задоволно дете и времето ќе покаже дали ќе биде фудбалер. Но сигурно ќе ги почитувам неговите желби за тоа. Сега, за сега се трудам да бидам со него и покрај многуте обврски што ги имам во смисла на тренинзи, натпревари и патувања. Заради тоа и тој често доаѓа на тренинзи со мене за да бидеме заедно. Па можеби и тој без да сака слушајќи ме мене и моите инструкции кои ги давам на моите играчи,  ќе стане тренер (се смее).

Ни кажавте каков сте и како татко, а каков сопруг сте?-За тоа мора да ја прашате мојата сопруга Јасмина, за која можам да кажам дека многу ме поддржува во мојата работа и без тоа не би го постигнувал сето ова и не би бил тоа што сум. Но, морам да нагласам дека  мене семејството  ми е на прво место и ми е   движечка сила  за да постигнам се. А како што кажав си поставувам високи цели и потребна ми е многу голема енергија за да го издржам тоа темпо и притисок. Но, без поддршката на сопругата и семејството тоа сигурно не би го постигнал.

За крај кажете ни како го гледате физичкото образование и спортот во иднина  кај нас?

-Сигурно се потребни промени. Како прво уште во основното образование потребно е да се зголемат часовите по физичка култура кои би ги држеле наставници по физичко образование кои уште од најмала возраст би ги насочувале правилно младите личности да го засакаат спортот и здравиот начин на живот. Да бидат активни, а не пасивно да седат со новите технологии, (компјутери, лап топи и телефони), кои и направија децата да иамаат прекумерна тежина и нездрави навики. Потоа уште од мали нозе да се откриваат таленти и надарени за спорт и  да се  насочуваат кој спорт би го тренирале. Развивање на истрајност, борбеност и самодисциплина како многу значајни карактеристики на личноста. Потоа родителите да се поттикнуваат правилно да ги насочуваат во спортот и тука секако да се надминат предрасудите дека фудбалот е само спорт за машки. Од така воспитувани генерации ќе произлезат спортисти кои и ќе не претставуваат на Олимписки игри.Не ни е чудно што нашиот соговорник е професор и тренер кој правилно ги инспирира и воспитува своите ученици и играчи. При тоа пренесува и силни пораки за женска еманципација – дека не постојат женски и машки улоги и спортови, туку само успешни и неуспешни личности.

Фотографии: С. Ристевски

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.