Press "Enter" to skip to content

На Лазо вилата- вила на Шијако Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (17)

Подготвил: Драган Ристевски

Ако тргнеме според народната “не е за кој е речено, туку за кој е печено“ тоа ќе се потврди и на примерот на многуспоменуваната пелистерска вила “Седум Кладенци“ позната кај народот како “На Лазо (Колишевски) вилата“. Поточно тоа е објектот во кој денес е сместен Информативниот центар на Националниот парк “Пелистер“ (1.350 м) каде што се наоѓа скулптурата на кафеавата мечка. Овој објект е граден непосредно по ослободувањето за потребите (здравствени) на првиот претседател на Народна Федеративна Република Македонија, Лазар Колишевски, некаде 1946 година. Во тој период, речиси истовремено, покрај Вилата на Лазо, на Пелистер, биле градени уште два планински објекта од делкан камен  и тоа куќата кај Редир на Кајмакчалан и камениот објект лоциран лево од црквата на превалецот Ѓавато.

Вистина е дека Лазар Колишевски дошол некој пат во овој објект заедно со придружба каква што следувало за Претседател на Народна Република Македонија. До вилата,  членовите на претседателската свита  доаѓале со теренски возила, бидејќи автомобилскиот пат завршувал до Санаториумот, подоцна Детско одморалиште „Пелистер“. Оттогаш, овој објект народот го именува како „На Лазо вилата“ и така остана до денес. Но, што е поентата на овие вотивни објекти на политички челници од социјализмот. Познати се бројни објекти низ целата поранешна федеративна заедница Југославија, изградени на атрактивни локации на планина, крај езеро или на море, именувани како, вилата на Тито, вилата на Ранковиќ, вилата на Ѓилас и така редум, како што е именувана и пелистерската вила, вилата на Лазо. Меѓутоа, во овие вили, „сопствениците“, врвните југословенски и републички политичари и речиси да немаа време нив да ги посетат, а едноставно се водеа дека се на листата на нивен „имот“.Ако на хартија и на збор беа на големците, реалноста беше сосема подруга. Нив ги користеа, и ги гостираа тие објекти и од нив вадеа плата и ги хранеа своите семејства, обичните работници, чуварите, домарите, готвачите, хигиеничарите, возачите и сите останати прислужници кои во таквите објекти остануваа долги години од својот животен и работен век. Така, на Лазо вилата слободно може да се нарече, вилата на Шијако (Александар Шијаковски) кој долги години беше домаќин на овој објект, заедно со објектот на Бегова Чешма.

Инаку, Вилата на Лазо, до пред да постане објект на Општина Битола, врз неа имаше надлежност Скопје, како државна вила. За цело време била вила од затворен тип и во неа посетителите биле познати и високопозиционирани политички .  Секако,  Вилата на Лазо, најзатворена била во еден период кога, според кажувањата на Менде Шијако, вилата била обезбедена со деноноќна чуварска служба и полициска стража, бидејќи била карантин за пациент кој наводно имал вариола вера или големи сипаници. Тоа било некаде 1972 година кога се појави таа болест, а пациентот бил нашинец кој со авион патувал од Австралија за Македонија и кој бил “осомничен“ дека бил заразен од оваа болест. Нашинецот бил изолиран и карантински чуван во Вилата на Лазо, повеќе од еден месец.

„Отворањето“ на вилата започна скромно, кога надлежноста ја презеде Општина Битола. а кога повеќе години клучот го имаше Јосиф (Шоферо)  Атанасовски. Следуваше правно-судски процес меѓу Општината и НП „Пелистер“ за тоа кому да му припадне надлежноста, бидејќи вилата беше запоставена, започна да се руинира, беше ограбувана, а забот на времето го чинеше своето. Така, денес таму е сместен Информативниот центар на Националниот парк „Пелистер“ и претставува објект од отворен карактер, каде посетителите, домашните и странските туристи и планинари можат да ги добијат неопходните информации за Паркот и Пелистер.Во еден период, во почетокот на деведесеттите години, кога министер за градежништво и екологија во владата на РМ беше битолчанецот Јорго Шундовски се промовираше идеја, Вилата на Лазо да биде надградена и на тој простор да се изгради хотел за потребите на Владата на Република Македонија со хелидром и други придружни објекти, но, тој проект од непознати причини за среќа се напушти, особено по моите негативистички текстови во Битолски весник.  

Инаку, Вилата на Лазо  е изградена на  северна експозиција на осојничав простор и таму има секогаш влага бидејќи е таква подлогата, па така таа не е погодна за здрав живот. Оттаму е чудна идејата Лазар Колишевски да бара лек за своето здравје во оваа вила од гранит изградена во осој. За жал и денес имаме архитекти и градежници кои само планираат „совршени“ градби на компјутер во тридимензионални форми од своите студија, а не излегуваат надвор да ја видат природата и едноставно кај изгрева сонцето. А сонцето на Пелистер го има во изобилство.Што се однесува до самиот објект, тој се наоѓа на раскрсница од неколку патишта, па така, речиси е невозможно да се оди на Пелистер, а да не се помине крај вилата „Седум Кладенци“ односно  Вилата на Лазо. Од Битола до овој објект се стигнува по поминати околу 12-13 километри по автомобилски асфалтен пат кој продолжува до крајната дестинација хотелот „Молика“. Еден крак од овој пат, продолжува кон Палиснопје, односно Широка и Антена и е земјен шумски пат.

Друг пат од Вилата на Лазо продолжува надолу кон Голема Ливада, а исто така тука се вкрстуваат и планински пешачки патеки кон Детското одморалиште и секако Историската патека за Првата светска војна, повторно кон Молика. Според наведените патеки кои претходно ги споменав, објектот  Вилата на Лазо, сега Информативен центар на Националниот парк „Пелистер“ е вистинска раскрсница на повеќе патишта и планински патеки. Така беше и ова зимска скијачка сезона кога на патот и паркингот пред платото на Центарот имаше паркирано стотици автомобили. Тоа ќе биде зимско секојдневие доколку се реализираат плановите и заложбите за изградба на ски-лифт или жичарница со старт од Вилата на Лазо кон Копанки.

Во наредна прилика: Детското одморалиште…

More from БитолаMore posts in Битола »