Press "Enter" to skip to content

Пропаста на синдикалните објекти на Пелистер Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (18)

Подготвил: Драган Ристевски

Хотелско-туристичките  сместувачки капацитети на територијата на Националниот парк „Пелистер“ се скромни. Денеска ги има сенасе околу 200 легла, бројка која ни оддалеку не одговара на можностите и потенцијалот на овој Парк. Од тоа, на единствениот хотел на Пелистер, хотелот со три ѕвезди „Молика“ отпаѓаат 150 легла.

Ете тоа е реалната, жална состојба со многу фалената, многу рекламираната планина кај нас, нашата гордост, планина со која се поистоветуваме во спортско навивачки план, планина која за Национален парк е прогласена пред 70 години, како прва од таков вид во поранешна Југославија. Рекле старите дена од стара слава не се живее, но еве со таа стара слава ние денес некако живуркаме. Не многу одамна постоеше некоја верба дека, само не започнал планинскиот туристички процут, кој голем број вљубеници во планината и зимските спортови од Битола го посакуваа и за некое чудо, уште го посакуваат, па дури и веруваат во тоа.Но, да почнеме со ред. Единствената жичарница на Пелистер, двоседешницата, изградена во далечната 1975 година, во текот на годините, постапно се амортизираше, и природно дојде во фаза таа да биде небезбедна за корисниците. Неопходната сајла (усукано метално јаже врз кое се зацврстени корпите за транспорт) дојде при крај и таа требаше да се замени. Се мешаа ингеренциите и сопственоста меѓу ПСК „Пелистер“, Детското одморалиште „Пелистер“ па и ЕСМ со „Молика’ за тоа, кој е надлежен, повикан и одговорен да ја смени, односно да ја плати сајлата за која се претпоставуваше дека само таа  ќе чини дури 50 илјади евра. Кога треба да се плати сите ги боли главата, а кога треба да се земат пари сите се тука. Конечно сајлата се купи и таа чинеше само 10 илјади евра, а ја купи РЕК „Битола“ односно Електро-стопанство на Македонија.

Токму ЕСМ е тој што ја рестартира жичарницата, ја оспособи и и даде нов живот на планината и скијачките спортови на Пелистер. Во меѓувреме, се случуваше мирување на сите транспортни постројки вклучувајќи го и горниот ски лифт над „Копанки“,  кој од почетокот на неговото монтирање беше со фабричка грешка, бидејќи честопати се откачуваше сајлата и паѓаа котурите (сидрата) за влечење на скијачите.

За разлика од мирувањето на постројките, природата не мируваше. Ден за ден, година за година, се случи патеката која до пред тоа како- така се одржуваше во „возна состојба“, таа комплетно да се обрасти со повеќегодишни дрва, врби, јасики, молики, елки и се што расте на планината. Дрвата нарастија толку, што ја стигнаа височината на металните столбови на жичарницата. Оваа очајна состојба со скијачката патека „Бегова – Копанки“ успешно ја разреши повторно РЕК „Битола“ кој ангажира свои работници и механизација, така што целосно беше расчистена оваа патека по која денес се скија, а патеката над Копанки воедно беше значително проширена. Времето (читај годините) додека немаше скијање, на Пелистер замираше буквално се, освен хотелот „Молика“ кој редовно беше финансиски покриван од ЕСМ.  Со застојот и замирањето на синдикалните објекти ќе започнеме од  објектот на ЈКП „Нискоградба“ непосредно до „Молика“ кој со години беше и се уште е во некаква градба, Иако оваа фирма има доволно професионален кадар и механизација и материјал конечно да го оспособи за употреба овој атрактивен објект, тој за жал  над 20 години е надвор од функција. Инаку, таму има околу 20 потенцијални легла.Надолу, на левата страна, постојат уште две мали бунгалови, едниот сопственост на некогашниот Монопол – индустријата за откуп и преработка на тутун, другиот на Фабриката за лимена амбалажа. И тие се одамна заклучени. Двете дрвени бараки лоцирани понадолу, сопственост на поранешна „Електродистрибуција“ – Битола своевремено беа “под напон“ и нив ги користеа вработените во оваа фирма, но денес тие се пренаменети за други дејности. Под скијачката патека, гаражата за ратракот, во еден период беше преуредена и оспособена за престој на лица и функционираше како станица за спасителна служба.  Гаражата и  машината за обработка – тапкање на снегот, беа дел од проектите на последниот самопридонес на битолчани, што значи беа општествени.Свртуваме сега по десната страна, односно по долната страна на патот. Постарите битолчани ќе се сетат на вилата на „Хераклеа“ – фабриката за кожна конфекција од нашиот град. Таа вила беше изградена во алпски стил и привлекуваше со својата надворешност. Но, се случи проблематичната приватизација, пропаднаа фирмите и фабриките, а со нив и нивните придружни објекти. Така и оваа фабричка вила беше продадена,  па на нејзино место беше изграден голем приватен објект со околу 40 легла. Објектот не беше од отворен карактер и малкумина го знаат сјајот на овој се уште, безимен објект, кој воедно беше ограден со триметарски метални огради со присуство на шарпланинци.Десетина метри понагоре постоеше и за среќа уште е во добра кондиција, вилата, планинарскиот дом на битолската пошта. За жал и таа повеќе години не работи.

Отворањето на хотелот „Молика“ во 1993 година, претставуваше поттик за изградба и на нов туристичко-хотелски објект, во името на ГП „Пелистер“ од Битола. За жал, непогодната општествено-политичка клима во неколкуте години потоа во Битола, особено по ТАТ-овските настани, градбата беше стопирана.

Таква е состојбата со објектите на потегот околу Бегова Чешма. Таму единствената светла точка со три ѕвезди е хотелот „Молика“.

Што се однесува до останатите некогашни сместувачки капацитети од хотелска или туристичка категорија, кои веќе не постојат, тоа се, опожарениот планинарски дом „Копанки“ кој располагаше со шеесеттина легла и секако пропаднатото и затворено некогашно Детско одморалиште „Пелистер“ кое располагаше со околу 300 легла.Од другата страна на планината, ќе го споменеме поранешниот Зимско-летен туристички центар „Пелистер“ над Ниже Поле, сопственост на ХМС „Стрежево“ . Завршен удар на недомаќинското стопанисување на овој објект му дадоа, разните бегалци и емигранти кои беа сместувани таму како и прибирањето на жители од опожарената населба Баир во летото 2007 година. Неговото принудно затворање, битолчани го објаснуваа дека некој сака да го купи тој објект обезвреднет, слично на многу такви туристички објекти кај нас.

Се заедно, Пелистер денес ни оддалеку не е она што го посакуваат битолчани и граѓаните на Република Македонија. Далеку од некаков локалпатриотизам, меѓутоа, она што му се случува денес на Пелистер, малку е да се рече дека е за жалење. Тој денес е вистински срам и фијаско на сите локални и државни политики со овој Национален парк. На некој начин, Пелистер е вистински мирор на денешницата. Тој шпигел се огледа насекаде и постојано. Единствено од Пелистер се сака да се ограбе се, па и она што е со закон казниво. Едноставно, безмилосно се сече и уништува шумскиот моликов и елов фонд, се стекнуваат незаконски големи средства, а тоа го прават сите политички гарнитури. Истовремено, никој не помислува на развој на туризмот, кој патем да кажеме, е една од најдоходовните стопански дејности.Една светлина во овој тунел, претставуваат чекорите на еден наш познат стопанственик од Битола и Македонија, кој веќе енергично и постапно започна со изградба и ревитализација на сместувачките објекти од левата страна на патот гледано кон  хотелот „Молика“ нагоре.

Секако, за значаен и сигурен развој на Пелистер, без добра патна инфраструктура и без еколошко решавање на отпадните води со современ колекторски систем не може да стане збор.

Да веруваме дека овие претпоставки се дел од агендата во развојните чекори на Пелистер.

Во наредна прилика: Ливадите на Пелистер…

More from БитолаMore posts in Битола »