Подготвил: Драган Ристевски

Ливадите на Пелистер наликуваат на оази каде намерникот може да направи оддишка, да одмори и да се релаксира, да здивне од напорниот пат, да прилегне, да задреме и заспие и на тој начин да го продолжи започнатиот планинарски сон. На планина е се убаво, па и починката која е составен дел на престојот на Пелистерските предели, независно дали е во пределот на шумовитата, карпестата или високогорската област. А, ливадите на Пелистер се бројни, именувани како Мала Ливада, Голема Ливада, Горна Ливада, Влашка Ливада, Маркова Ливада, Цапарска Пресека, Ластојчина Ливада, Кај Бункерите и други именувани и неименували тревни простори.
Токму ливадите на Пелистер, честопати се цел сами за себе од страна на посетителите и намерниците, на излетниците и планинарите. Тоа од причина што ливадите се погодни за рекреативни излети на туристи од најразлични возрасти, од деца до возрасни лица. Најубавиот пример за честа и масовна посетеност е Голема Ливада која опфаќа површина од неколку илјади квадратни метри. Пристапот до Голема Ливада е од неколку страни. Од страната на Битола, односно селото Магарево, на десна страна на оддалеченост од два километра. Од страната на селото Ротино, по земјениот шумски пат над манастирот “Св. Илија“, на околу 2-3 километри од селото, потоа од страната на Вилата „Седум Кладенци“ (Вилата на Лазо), надолу по шумскиот пат, кој покрај за пешаци е прооден и за теренско возило во должина од 1,5 – 2 километри, Постои и дирекна патека од страната на Детското одморалиште „Пелистер“, патека која е уредена и оградена, во должина од околу два километра, а како петти пристап е оној од Цапарска Пресека, по обележена-маркирана патека која некогаш беше најубавиот скриен дел во моликовата шума на Пелистер. Таа патека беше интимен простор на шумовитиот предел на Пелистер, кој не додржа во таквиот опстој. Годиниве, таа тревната патека ја разораа тешките камиони за транспорт на исечените здрави моликови стебла, наменети за експлоатација и изработка на полуфабрикати (греди, штици, талпи, летви) кои се пренесуваат до пиланите, а од пиланите до стовариштата каде се продаваат по околу 200 евра за кубен метар древена граѓа. Ако за пример земеме едно здраво моликово или елово стебло високо 30-тина метри со дијаметар во основата од 70-80 сантиметри, и пресметаме колку кубици граѓа се добива од тоа исечено стебло, ќе го дознаеме големиот интерес за сечата во Националниот парк „Пелистер“. Тоа е реалноста, но за тоа во друга прилика, а сега да се вратиме на ливадите на Пелистер.
Ливадите се простори кои изобилуваат со разнобојни билки и цветови, зелени оази кои мамат со своите бои и мириси. На некои од ливадите има и изворска вода и изградени чешми како што е примерот со Мала Ливада. До оваа атрактивна и редовно посетувана месност се доаѓа и со автомобил и од долниот нејзин дел и од горната страна бидејќи патот едноставно неа ја заобиколува. Се наоѓа во непосредна близина на Детското одморалиште „Пелистер“, па може да се претпостави и зошто толку често на поставените дрвени клупи и маси на тој простор, се одмораат и се рекреираат бројни посетители, во речиси сите годишни периоди.
Ливадата која се наоѓа на стотина метри над хотелот „Молика“ и во непосредна близина на Ластојчин Камен е исто така привлечна и многу посетувана од излетници и рекреативци, особено во летните топли денови. Водата од Камена Чешма кај Ластојчин Камен, разладувањето во летните горештини и воздушната бања која ја нуди Ластојчина Ливада (1.450 м.) е составен дел на нејзината привлечност. До оваа ливада се стигнува и по таканаречената Историска Патека, која е реконструкција и мементо за воените дејствија на овие простори од времето на Првата светска војна од пред еден век. Поточно, Историската патека која започнува од Информативниот центар „Пелистер“, во должина од два километра, завршува во непосредна близина на Ластојчина Ливада, каде се наоѓа и едно од најстарите моликови стебла на Пелистер, старо околу два века. Тоа е и една од причините што редовно има посетители на оваа месност.
За да се стигне до Горна Ливада (1.900 м) треба да се дојде најпрво до Копанки, а потоа да се продолжи нагоре, по една од можните патеки, по врвицата на скијачката патека кон горниот ски лифт или кон страната на Јоргов Камен по таканаречената Патека по Камењарот. По околу еден километар пешачење по патеката за Јоргов Камен, во непосредна близина на Магарска Река, се свртува на десно по патеката, која по серпентини, по околу два километра не води до Горна Ливада. Патем има и чешма со бистра и чиста вода, која е добредојдена за мал одмор и за здивнување на намерниците. До Горна Ливада се стигнува и од другата, северната страна на сртот, по патеката која од Копанки продолжува кон Палиснопје и на околу два километра има насока на десно и во серпентини оди нагоре. Таа патека е остаток од воените дејствија од пред еден век, од положаите каде биле стационирани бугарските војски.
Чешмата посветена на полковник Неделков, е еден паметник кој е за малкумина познат, од времето на Првата светска војна, а се наоѓа во близина на Влашка Ливада (1.500 м.). Оваа ливада се наоѓа над земјениот шумски пат кој води кон Палиснопје, над дрвениот објект Натстершница, каде се свртува во насока кон Копанки. И покрај овој објект има изградено чешма, така што има услови за престој, за закуска и одмор на дрвената трпеза, што е причина за посетеноста на оваа ливада и овој шумски објект-заклон.
За уште еден полковник од Првата светска војна, е изградена чешма во близина на Ливадата кај Бункерите. Тоа е полковникот Илиев, офицер на бугарската армија. До таа чешма се доаѓа од страната на село Магарево, нагоре по Магарска Река и по 2 километри се свртува на лево. Патем, на 1,5 километар се полни вода од чешмата на полковникот Илиев и се продолжува кон Ливадите кај Бункерите (1350 м.), бетонски објекти кои им одолеваат на годините и временските непогоди и така сведочат за едни размирни времиња, кога на територијата на Македонија во три последователни години се одвивал познатиот Македонски фронт од Првата светска војна кој се протегал од Офранскиот залив кај Солун, преку целата територија на денешна Република Македонија, преку Охридското Езеро, до Валона на Јонското Море и на кој учествувале близу 1,2 милиони војници од неколку европски и балкански армии и секако, над сто илјади присилно регрутирани Македонци кои се бореле на различни страни за туѓи завојувачки интереси.
Маркова Ливада, (1.550 м.) своевремено беше вистински полигон за почетници скијачи. Се наоѓа на околу двесте метри под Копанки и околу 500 метри над Бегова Чешма. За разлика од останатите ливади, кои почесто беа посетувани во летните месеци, Маркова Ливада, со познатиот камен, Марково Копито, беа многу повеќе посетувани во текот на зимската скијачка сезона.
Што се однесува пак до ливадата на Цапарска Пресека, тоа е ливада- мегдан која задолжително треба да се помине доколку се оди кон врвот Пелистер, кон Широка, кон Мало и Големо Езеро и слично. Цапарска Пресека е вистинско средиште на Пелистер и е вистинска штета што нема соодветен планински објкет на овој простор. Објект кој во соодветен природен стил ќе претставува заклон за зимски услови и невреме и објект за престој во лето. Но, ние сме преокупирани со сосема други, странични нешта, кои се далеку од планинарството, природата и туризмот.
Наш интерес, за жал, е колку незаконски ќе се профитира од безмилосната сеча на шумскиот фонд на Националниот парк „Пелистер“, нашето национално богатство со кое лицемерно се фалиме, за потоа безмилосно да го експлоатираме. За чиста среќа, ливадите на Пелистер се онакви какви што ги паметам од детството. И претпоставувате зошто. Да, таму нема што да се сече, инаку и тие до сега ќе беа демолирани и обезличени.
Во наредна прилика: Чешмите на Пелистер…






