Press "Enter" to skip to content

Верските објекти на Баба Планина Пелистерски патокази, низ текст и фотографии (21)

Подготвил: Драган Ристевски

Богатството на Баба Планина со Пелистер не се мери само со природните реткости  од флората и фауната со кои изобилува Паркот, туку и со артефактите од поблиската и подалечната историја и секако, со бројните цркви и манастири распослани  во волшебната природна убавина на масивот Баба.

Речиси целиот планински амбиент на Баба Планина е како гердан  опколен со цркви и манастири почнувајќи од царската резиденција на македонскиот владетел Цар Самуил од село Герман сега во соседна Грција, по изохипса,  преку преспанските села Долно Дубени (Дабени), Брајчино, Љубојно, Сливница, Асамати -Безочници, Подмочани  – Поедноочани,  Курбиново  – Горбиново, Рајца, па преку  превалецот Ѓавато  – Дијаватос, до  Маловиште. Оттаму, манастирско-црквената православна градителско-зографска милениумска традиција продолжува по стариот македонски пат Виа Егнатиа  кон Цапари, Ротино -Орахотино, Трново-Магарево, Нижеполе,  Диово кон Брусник, Лавци, Смолево и Буково,  до Крстоар-Кристофор – Крстоносец. Православно-христијанскот  гердан од цркви  и манастири  продолжува кон Бистрица и Олевени, Канино и Барешани, Велушина и Граешница, се до Драгош, па натаму преку меѓата кон Раково, (идентично име со  Горно Ореово и Орахотино), и се така до леринските бисерни села, до Буф и повторно на почетокот, до Герман.

Станува збор за стотици верски објекти, црви, манастири и параклиси , посветени и изградени  во чест на македонски светители и христијански маченици кои ја славеле или пострадале  за неа, за  православната вера, почнувајќи од пред два милениума од времето на Апостолот Павле, па се до денешни дни.Во оваа верско-туристичко-планинарска разгледница, немаме за цел во детали да ги претставуваме верските црковно-манастирски градби, со прецизни дати и години на изградба, со точните податоци на имињата на неимарите и мајсторите што со голема љубов, знаење и самопрегор ги граделе верските објекти, за ктиторите и задужбините на бројните знајни и незнајни народни помагачи , туку тоа го правиме на начин со кој сакаме да ја истакнеме нераскинливата врска на тројството:  природа-човек- вера. За тоа,  колку возвишената убавина на природата е нераскинливо вклопена и вткаена со духот и конечно, со изградбата  и уметничкиот пристап на создавањето на верските објекти, почнувајќи најнапред, од верската вдахновеност, па преку изборот на соодветниот амбиент и местоположбата за изградба на објектите,  се до самопрегорот и градителската љубов на изведувачите и зографите.

Заеднички именител на верските објекти на Баба Планина е тоа што на највисоките места и на најекспонираните точки се изградени православни  храмови посветени на Пророкот  Илија (Ил –врховниот бог на Сонцето кај античките Македонци Илиос – Хелиос – Сонце) од каде што се изведуваат топонимите како Илинска Планина, Илино, При ИЛеп, ПрибИЛци , ОстрИЛци, Иловица и бројни други топоними што го содржат зборот Ил. Така, највисоко поставен христијански објект посветен на Свети Илија е во близина на Големо Езеро на над 2.200метри надморска височина. Манастир посветен на Свети Илија е изграден и на планинскиот врв кај Драгош, а таква градба на висока позиција има и над селото Крклино, Битолско, потоа во селото Грнчари, Преспанско во Ротино и на други локации.Според местоположбата на градбите, по височина следува Свети Атанасиј Велики. Православни храмови посветени на Свети Атанасиј има на десетина  локации во опфатот на Баба Планина. Како прва асоцијација за тоа е Смолево. Малата обновена црква посветена на Свети Атанасиј е единствената градба што останала од некогашното Смолево, инаку иселено пред еден век, во текот на Првата светска војна, од страна на француските воени сили кои токму на тој терен се стационирале и ја бомбардирале од таму Битола. Цркви посветени на Свети Атанасиј има  над селото Диово, во Брајчино и во Долно Дубени, во селото Велушина, Герман и на други места.

Бројни се, исто така, црквите и манастирите посветени на Цвета Богородица, почнувајќи од Трново, превалецот Ѓавато, Сливница, Љубојно, Долно Дубени.

Не помалку застапени светци, за кои има изградено храмови се Света Петка Римјанка и секако Свети Ѓоргија. Така, во селото Маловиште се наоѓа монументалната црковна градба посветена на Света Петка со вредни икони и со прекрасен иконостас од  средината на 19 век. Мошне вреден архитектонски објект  посветен на Света Петка е и манастирот над селото Цапари,  сместен во  густа букова шума, а во густа дабова шума е сместен манастирот посветен на оваа светителка во селото Долно Дубени, додека манастири и цркви посветени на Свети Ѓоргија Победоносецот  (ја убива ламјата, олицетворение на злото) има во селото Магарево, во Цапари, потоа во Поедноочани (Подмочани), во Крани.Како најскапоцен манастирски бисер е еднокорабниот храм над селото Горбиново (Курбиново), на оддалеченост од околу 2 километри од селото изграден во 12 век во 1191 година. Светски познатата олтарна фреска на Синиот Ангел (Архангел Гаврил) според мислењето на врвни историчари на уметноста е прапочетокот на европската сликарска ренесанса, дури два века пред пионерите, италијанските ренесансни мајстори Џото и Фра Анџелико.

 

Се заедно, просторот на Баба Планина изобилува со верски објекти, чиј број изнесува неколку стотици цркви и манастири, а  кои сведочат за една голема, богата и долга традиција на верско живеење на македонскиот народ , како и на помалите етнички заедници од ова поднебје.

Во наредна прилика: Верски објекти на Баба Планина – 2

More from БитолаMore posts in Битола »