Press "Enter" to skip to content

Нова книга поезија на Панде Манојлов, “Глас од душата“- 25 по ред

Деновиве, на 23 април 2018 година во издание на “Матица” – Скопје излезе од печат книгата поезија “Глас од душата“ на битолскиот писател, Панде Манојлов, за кој Владимир Костов ќе рече дека е битолски поетски кујунџија.

Најновата поетска книга од нашиот познат македонски поет, прозаист, критичар и новинар Панде Манојлов е негова 25-та книга (вкупно) и 18-та поетска книга, во годината која е јубилејна за него заради 70 години од неговото раѓање (1948 година), 30 години од објавување на книгата “Блажевина“  и 20 години од поетската книга “Лет во сонот над Ајфеловата кула“, која е печатена на македонски и француски јазик.

Проф. д-р Златко Жоглев се јавува како рецензент на ова најново поетско издание на Панде Манојлов и меѓу другото ќе напише:

-Оваа книга на Манојлов има три поетски циклуси во кои се сместени 75 песни. Првиот циклус со наслов “За навек“ има 19 песни и главно се со нагласена петриотска тематика, што е знак на препознавање на поетското творештво на Манојлов, а песните можат да се поделат на песни за одредени познати личности и песни посветени на Македонија. Вториот циклус “Имагинација“ поместени се 25 песни посветени на поезијата и на поетите. Најброен според бројот на песните е третиот циклус насловен “Гласот на еленот“ и Манојлов тука велемајсторски пее за универзалните човечки вредности  со употреба на симболика и метафори.

Инаку, Панде Манојлов е роден е на 2 мај 1948 година во селото Породин, Битолско. Средно образование завршил во гимназијата “Ј.Б.Тито“ во Битола, а правни науки студирал во Загреб и Скопје каде дипломирал. Во македонската литература се појавува во 1967 година, а свои песни објавува во сите литературни списанија во Македонија, но и во тогашна Југославија.

Панде Манојлов е автор на 23 книги. Првата ја објавил во 1971 година со наслов “Црвен немир во црвено пламти“, а во 2017 ја објавил книгата “Сонот на детството“. Во меѓувреме објавил книги со поезија, поезија за деца, раскази, поезија печатена на два јазици, театарски критики, биографија, раскази за деца и млади.

Најмногу е препејуван на арапски јазик, во 15 држави од арапскиот свет, а поединечни песни има објавено на англиски, француски, руски, турски, германски… Добитник е на повеќе награди од областа на литературата, а добитник е на највисокото признание на Битола, наградата “4-ти Ноември“.  Член е на ДПМ од 1989 година, на МНД – Битола, Друштво на писатели на Бугарија…

Ж.Ристевска

 

More from КултураMore posts in Култура »