Press "Enter" to skip to content

Нашата традиција и историја e во Пелистерските цркви (2) Пелистерски патокази низ текст и фотографии (21)

Подготвил: Драган Ристевски

Градителството на верски објекти во реонот на Баба Планина има милениумска традиција. На просторот на оваа планина, која денес е распослана речиси на три соседни држави, Република Македонија, Република Грција и Република Албанија, уште од ранохристијанскиот период па се до најнови, денешни дни, се граделе и се градат верски објекти, православни храмови, цркви и манастири и секако помали градби – параклиси. Голем дел од овие храмови се изградувале на  стари, претходно разурнати, од воени походи или од земјотреси, градби кои како такви, биле пронаоѓани од градителите при копањето на темелите за новите цркви и манастири. Најчесто верските објекти во опфатот на Баба со Пелистер се градени крај штедри извори, на доминантни позиции со убав видик кон околината, во шумовити предели и на бележити места, онакви какви впрочем заслужуваат христијанските светци и светии.

Освен во Горбиново (Курбиново), во Поедноочани (Подмочани) и Крани, храмови посветени на Свети Ѓоргија – Победоносецот, кој се слави и за него има изградено цркви како, во Сребрена Вода, во Лавци и Брусник над Битола, потоа во Цапари и во Олевени и секако, манастирот над Велушина. Верувањето и славењето на Свети Ѓоргија, покрај меѓу православниот народ е мошне присутен и во останатите христијански цркви, а како светец е прифатен и во сите кралски семејства на останатите христијански вероисповеди во Европа. Инаку, Свети Ѓоргија, е познат во верското празнување како Ѓурѓовден, и е присутен и кај други народи со различни вероисповеди од христијанската. Пред се заради тоа што, Свети Ѓоргија, како коњаник качен на бел коњ со копје ја убива ламјата, змејот, змијата или аждајата, односно го убива лошото и ја слави победата на доброто над злото. Инаку, Свети Ѓорѓија својот патрон го има на 6-ти мај (летно празнување) и на 9-ти декември (зимска слава). Вкупниот број на цркви и манастири посветени на Свети Ѓоргија се над 30 во реонот на Баба Планина. ​Света Петка – Римјанка е исто така многу славена светица во нашево поднебје, во селата околу Баба Планина. Покрај монументалната градба со импозантни димензии, црквата Света Петка во Маловиште, иконостасот и иконите со високи уметнички вредности, црква со манастир посветени на оваа светителка има и во Цапари, во Нижеполе, Горно Ореово, Велушина, Граешница, Долно Дубени, Роби и на други места или над дваесет цркви и манастири.

И Архангел Михаил е многу славен и почитуван заедно со Архангел Гаврил, кои како архи ангели стојат највисоко во ангелската православна хиерархија над ангелските редови на херувимите и серафимите. Така, манастири и цркви посветени на Свети Архангел Михаил во изминатите векови има изградено во Буково, Граешница, Претор, Арвати и Асамати, Брајчино и Долно Дубени или околу 20 цркви и манастири.

Секако, Света Богородица, мајката Божја е една од најчесто славените светици, за што говори податокот дека нејзиното име го носат околу 40 цркви и манастири во Потпелистерскиот регион. Името на мајката Божја го носат храмовите на превалецот Ѓавато, потоа во Трново, Канино, Граешница, Арвати, Брајчино, Долно Дубени, Крани, Љубојно, Сливница, Орово, Роби и на други места, а голем е бројот на помали црквички – параклиси.

Сепак, светецот за кој народот и верниците што му посветиле најмногу храмови е Свети Никола, со над 50 цркви и манастири. Можеби и разбирливо, почитувањето на Свети Никола е најголемо особено во Преспанскиот дел на Потпелистерието. Почнувајќи од Рајца, Сливница, Арвати, Крани, Брајчино, Љубојно, Долно Дубени, Бесвина, Граждено, Орово, Рудари, Граешница, Бистрица, Лавци, Брусник и на други места, меѓу кои е и битолската црква посветена на Света Богородица.Заштитникот на христијанството, на Битола и Солун, Свети Димитрија во нашиот град ја има како патрон најголемата највеличенствената црква изградена во 1830 година, како надлежна соборна црква со диецеза се до Атина, соседна Грција. За светецот Димитрија храмови во Потпелистерието има и во селата Диово, Брусник, Буково, Барешани, Сливница, Штрбово, Долно Дубени, Љубојно, Винени, Роби, Попли и во други села или над 35 цркви и манастири.

Според бројот на храмовите, цркви и манастири, кои во некои села се присутни и по десетина, како Герман, Љубојно, Долно Дубени, Цапари, Трново-Магарево, Буково, Граешница, Велушина и други, говори дека таму се одвивал богат верски и духовен живот што, конечно е мошне важно за нашиот опстој, за нашата вера и традиција и култура воедно, бидејќи овие верски објекти се своевидни уметнички градби со врвно изработени фрески, икони и иконостаси и архитектонско-градителски  решенија. Тоа, од друга страна ни дава за право да издржиме и денес, кога сме во налет на разни негаторски влијанија на нашата традиција име и историја. Црквата и верата со сета внатрешна интима и со раскошната надворешност  се нашиот одговор, со збор и со дело.

Секако, треба да ги споменеме и црквите и манастирите кои се посветени на светци, а кои ги има во помал број, а се истакнуваат по својата големина, но и оние помали молебденски црквички кои во својата скромен волумен на  внатрешноста имаат раскошни фрески и икони кои го слават христијанството и животниот пат на Исус Христос, на Апостолите и христијанските маченици кои пострадале за верата.Голем храм посветен на еден од христијанските воини, насликан со меч во својата рака, кој доследно се борел за верата е Свети Меркурие за кого храм со големи димензии е подигнат во селото Барешани. Конаците на овој манастир во еден период биле место каде престојувале пациенти заболени од душевни маки и болештини, а по Граѓанската војна кај нашиот јужен сосед, биле сместувани мали деца-бегалци.

Мајката на Богородица, Света Ана, свој храм има над селото Маловиште, во прекрасна букова шума, каде пред неколку години, на иницијатива на жители од ова село или лица кои потекнуваат од ова живописно пелистерско место изградија конаци кои мошне природно се вклопија во општиот амбиент на манастирот и околината.

Како еден од поголемите манастири во Битолско, е оној над селото Крстоар (Кристофор) – Крстоносец . Тој манастир го носи името на Свети Кристифор, што многумина тоа го толкуваат како последица на верските христијански аџии кои од северот на Европа пешки и со коњи патувале кон Светиот Град и кои од разни причини останале во Крстево, Крстовар, Крстоар, Кристофор, што преведено на македонски јазик значи Носач на крст – Крстоносец.Уште поголем манастир, неколку стотини метри погоре е оној кој во народот е познат како Буковски манастир, а е посветен на Свети Сотир или Светиот Спасител, односно Свети Спас. Во овој манастир, во почетокот на минатиот век, редовно престојувал и Крсте Петков Мисирков, авторот на антологиската “За македонцките работи“. При враќањето од излет со пајтон, МИсирков, заедно со рускиот конзул Ростковски, конзулот бил  застрелан и убиен  во 1902 година од турски заптија при доаѓањето во Битола каде му било неговото дипломатско седиште. Инаку, Мисирков кој еден период бил и професор во Богословското училиште во Битола, кое се наоѓало во една од сега урнатите објекти на Старата болница во центарот на градот, на дипломатски начин се борел во европските институции за признавање на македонската посебност пред и по Илинденската револуција.

Што се однесува до манастири и цркви со име Свети Спас, такви има и во Брусник, Оровник, потоа Штрково, а сепак една од најдобро позиционираните цркви посветени на Свети Спас е онаа на Вртушка, над Маловиште. Празнувањето на овој голем празник Вознесение Христово е 40 дена по Воскресението Христово – Велигден,  а кој годинава се празнува и слави на 17 мај. Токму за овој ден предвидуваме и репортажа од овој храм  кој е лопциран  на величенствена позиција, од каде како на дланка се посматраат врвовите на Баба Планина и Пелистер, а видикот допира до многу предели на нашата Македонија.

Во наредна прилика: Верските објекти на Пелистер (3)

More from БитолаMore posts in Битола »