Подготвил: Драган Ристевски

Планинските патеки низ Баба Планина и Пелистер се бројни и разновидни. Правени се за потребите на населението, за секојдневните потреби, за транспорт на добра како дотур на дрва за огрев, потоа, за подобра и побрза комуникација , за соодветно пренесување на добитокот до пасиштата и слично. Впрочем, таквите шумскипатишта, патеки и врвици ги има насекаде во ридско-планинските подрачја во Република Македонија.
Меѓутоа, она што е карактеристично за поголемиот број патеки низ Баба со Пелистер е тоа што тие патишта не се од памтивек, туку буквално од пред стотина години, од пред еден век, кога територијата на нашата Македонија беше зафатена и заплисната од една голема светска војна, од огнените јазици на Првата светска војна (1914 – 1918).
Во период од 3 години, од есента 1915 година, кога Франција носи одлука да го отвори Македонскиот фронт (од Валона до Орфанскиот залив под Солун), па се до падот на Германија, 11 ноември 1918 година, (кога завршува Првата светска војна) на Пелистер се изградени повеќе патеки и патишта. Тие служеле за потребите на војската, за транспорт на војниците, за транспорт на орадијата, меѓу кои и тешки топови влечени со силни воловски запреги, потоа, за дотур на муниција, храна и секако на градежен материјал, бидејќи на терените на Пелистер се градени многу засолништа, бункери и скривници, копани се ровови и окопи.
Тие воени фортификациони градби и објекти, еден век од нивното напуштање, сведочат за крвавите и разурнувачки настани во кои, покрај големиот број воени загуби, уште поголеми биле цивилните жртви, разурнатите села и бомбардираната Битола, која според изгледот и последиците, во 22 месечното секојдневно бомбардирање од страна и на едните и на другите спротивставени страни, била наречена втор Верден (град-синоним за воени разурнувања во Првата светска војна).
Така, на Пелистер, останаа широки патеки и патишта, останаа и други воени неми сведоци кои и денденес се наречени, Француски пат, Бугарска чешма, Германски бункер и слично. Токму за тој светски воен судир, кој само на Македонскиот фронт од двете страни учествуваа над 1,2 милиони војници и уште неколку стотини илјади цивилно население од Македонија вклучено во копање на ровови и пробивање на патишта, на дотур на муниција и храна, како и на транспорт на тешки топови, на теренот на Националниот парк Пелистер, преддесетина години беше иницирана и изградена таканаречената „Историска патека“, во должина од околу 1,7 километри, со почеток од Информативниот центар „Пелистер“ (Вилата на Лазо), до Ластојчин Камен близу Хотел „Молика“.
Целта на изградбата на оваа планинарска патека, ретка од ваков вид кај нас, беше, таа да потсетува на големата војна што се случи пред еден век на нашево подрачје, да предупреди и да опомени за денешните и идните генерации, за тие да си замислат какви последици и загуби носи војната. Воедно, оваа Историска патека, во изминатите десетина години имаше и едукативно значење, заради тоа што голем број на ученици од различни возрасти, од многу градови на Македонија се запознаа со неа, а преку неа и со Првата светска војна.
Исто така, и рекреативниот момент е присутен, со тоа што при движењето по неа, на неколку места се поставени клупи за одмор, видиковец, платформи како и информативни табли, со податоци и графички прикази на фронтовата линија, потоа, на изгледот на војниците од армиите кои учествувале во тригодишните судири на Баба Планина и на Пелистер. На информативните паноа прикажани се мошне успешно изгледот на војниците од различните армии кои војуваа на Македонскиот фронт, како на Германија, Франција, Италија, Русија, Бугарија, Србија, Австро-Унгарија, Турција, Црна Гора.
Во овие тригодишни воени судири, речиси целосно страдале потпелистерските села Трново, Магарево, Ротино, а бомбардирани и раселувани биле и Цапари, Братиндол, Маловиште, Диово, Нижеполе и Брусник, раселено било Смолево, а Битола од бобардирањата, уште долги години не можела да се опорави. Секако, голем дел од населението биле цивилните жртви, директно од бомбите, куршумите и од бојните отрови (кои за прв пат започнале да се применуваат во овој период) како и од гладот, немаштијата и нехигиената.
На стартот на Историската патека, од страната на Информативниот центар Пелистер, патеката започнува речиси по рамен терен, кога намерниците постапно се загреваат, за следната фаза, кога започнува нешто пострмен дел, каде на повеќе места се поставени и дрвени клупи за мал одмор, како и видиковец кој овозможува поглед кон Снегово и Пелагонија, (Карамани, Добромири) потоа кон „Кота1050“ и Мариово и кон Ниџе и Кајмакчалан, каде продолжувала фронтовата линија на Македонскиот фронт.
Целата патека е обрабена со дрвена ограда, користен е гранитен камен и се така амбиентално со материјали од непосредната околина, впрочем како што предвидувал и настојувал, финансиерот за изградба на овој планинарски објект- Историска патека, Агенцијата за развој и соработка на Швајцарската Конфедерација и на Швајцарската Амбасада во Република Македонија – Скопје.
Инаку, оваа Историска патека започнува на надморска височина од околу 1 300 метри, а крајната точка е на околу 1 400 метри, а времетраењето за движење и запознавање на содржините и информациите на паноата е нешто повеќе од половина час.
Нешто што е поважно при посетата на оваа Историска патека е тоа што тој половина час, потоа побудува бујни размисли и реминисценции кои не водат еден век назад во историјата и ни укажуваат на тешките последици од воените судири, конкретно од Првата светска војна. Таа димензија, на воено-историска поука е важна и актуелна и денес, особено за нашиве простори.






