Press "Enter" to skip to content

Илјаден народ, синоќа во црквата “Св. Троица“ во Буковска населба (фотогалерија)

Синоќа црквниот комплекс “Св. Троица“ кој се наоѓа кај населбата “Буковски ливади“ беше преполн со верници кои дојдоа во црквата да запалат свеќа и да се помолат, а членовите на Црковниот одбор очекуваат повеќе ќе има денес, во чест на празникот Духовден.

Црковниот одбор и свештениците се погрижија како и секогаш црквата и црковниот двор да бидат беспрекорно чисти, а верниците како и секоја година во голем број ја посетуваат оваа црква.

-Секоја година доаѓам тука на овој празник и можам да кажам дека ова е можеби најголемиот црковен собир во Битола, и не верувам дека во еден манастир се собираат толку битолчани. Јас не сум жител на оваа населба, но сакам да ги пофалам сите кои живеат тука за организацијата, вели Панде кој веднаш ни “избега“ за да се фати на орото кое се виеше во црковниот двор.

Во дворот на оро фатени сите, и стари и млади, и мажи и жени, а дворот не можеше да си собере сите кои сакаа да поиграат на овој собир, а дел останаа да го почекаат следното оро.

-И сами гледате колкав народ има собрано тука што за нас е голема чест. Ние сме најблиската црква “надвор од градот“, а сме само на неколку минути возење со автомобил. Тука има луѓе од населбата, но има голем број од “градот“ кои тука доаѓаат пешки вечерва, ни рекоа со гордост членови на Црковскиот одбор.

Голема атракција за децата беше и начинот на кој се ладеа пијалоците, а тоа е со СО2, што децата со големо внимание го следеа, а за нив секако, надвор од дворот беше организиран панаѓур, каде можеа да се израдуваат и на некоја ситница која им ја купија бабите и дедовците.
Денес во црквата ќе се одржи и црковна служба, а потоа некаде кај пладне сите верници-гости во црковниот комплекс “Св. Троица“ ќе бидат послужени и со ручек.

Гостите во црковниот комплекс синоќа и денес ќе ги забавува групата “Алтернатор“.

More from БитолаMore posts in Битола »