Press "Enter" to skip to content

Фото репортажа: Планинари на ПСД Копанки за три дена се искачија на двата врва Вихрен и Мусала

Членовите на Планинарско скијачкото друштво Копанки во 3 дневно освојување на првата и третата највисока точка на Балканскиот Полуостров.

Викендот кој измина членовите на новоформираното битолско планинарско скијачко друштво го искористија за освојување на највисоките бугарски врвови Мусала (2.925 м.н.в.) и Вихрен (2.914 м.н.в), врвови кои воедно се и првата (Мусала) и третата (Вихрен) највисока точка на Балканот. Иако им било познато дека временските услови нема да им се наклонети за искачување сепак се надевале на спортската среќа па на крајот ризикот им се исплатил. Четиричлената експедиција во петокот наутро тргна од Битола кон Националниот Парк “Пирин“ каде ја поминале првата ноќ. Пред да пристигнат на Пирин, денот го искористиле во разгледување на убавините на НП “Рила“ и Рилскиот манастир.

-Неможевме кога веќе бевме во близина да не го посетиме Рилскиот манастир кој е дел од историјата на македонскиот народ. Местата како Рилскиот манастир кои денес за жал се наоѓаат надвор од границите на современата македонска држава мораме да ги посетуваме сите ние, затоа што со нивната посета се буди чувството кај секој македонец да прочита, да научи зошто тоа место е тесно поврзано со нашиот македонски идентитет. Со спознавањето на нашата историја не само што ја јакнеме нашата свест туку и го потврдуваме континуитетот на нашето постоење како нација. – забележа Даниело Божиновски. По неколку часовното разгледување на Рилскиот манастир и околината заминуваат ”на Пирин” каде се одмараат и преспиваат за саботното искачување на Вихрен.

Иако временската прогноза не беше погодна, предвидуваше слаби врнежи дожд, магла и ветер сепак желбата за освојување на Вихрен беше уште поголема. Можеби прогнозата која ја гледавме ни го подигаше адреналинот за утрешниот ден, дека и по лоши услови ќе успееме го освоиме врвот Вихрен на Пирин, планината на која царуваше Јане Сандански, ни рече Стефан Ѓорѓиовски.

Прогнозата наговестувала едно но утрото било поумно од вечерта па така саботниот ден започнал со сонце, многу слаба магла и утринска роса. Освојувањето на Вихрен започнало во одлична атмосвера. Прекрасните пејзажи, езерата на Пирин, флората и фауната не обземаа па искачувањето помина исполнето и многу брзо.

-Спуштањето од Вихрен го искористивме да направиме подолема прошетка низ Пирин па така имавме можност на секои десетина минути да имаме блиски средби со пиринските диви кожи кои ги има го огромен број, надополни Стефан, кој додава деја после исполнетиот ден членовите на ПСД Копанки заминуваат за НП “Рила“ каде се припремаат за наредниот ден, освојувањето на највисокиот врв на Балканот – Мусала.

Неделното утро полни со адреналин тргнуваат кон Мусала каде ги чека магливо и влажно време но пријатно за планинарење.

-Магливото и променливо време не не поколеба да ја исполниме нашата цел поради која и дојдовме во Бугарија, да го развееме македонското знаме на врвот на Балканот! Додека ја освојувавме Мусала размислував и споредував која е поубава Рила или Пирин? Но обземен од тие импозантни пејзажи, таа природна совршеност тешко беше да се донесе таков суд, раскажува Кристијан Ѓорѓиовски.

-За жал временските услови не ни беа наклонети па неможевме да се искапиме во ниту едно од многуте планински езера на планините Пирин и Рила иако тоа редовно го правиме во Големото и Малото езеро на Пелситер и во Капејнцата кај Дихово, низ смеа кажува Иван Крстевски.

Од Планинарско скијачкото друштво Копанки му се заблагодаруваат на АД “ЕЛЕМ“ за несебичната поддршката и општествена одговорност на нивниот план и програма и се надеваат на поголема поддршка во иднина, поддршка која ќе носи поголеми успеси како за нивното друштво така и за целокупниот битолски и македонски спорт.

Им посакуваме многу среќа во иднина и уште поголеми успеси на ова новоформирано планинарско друштво кое има сериозни амибиции во планинарскиот спорт, а да им заблагодариме што со нас ги поделија убавите фотографии кои сами ги фотографираа и за текстот кој го напишаа за да ни доловат малку од патешетвието кое го имаа викендов, односно за комплетната фото репортажа.

More from СпортMore posts in Спорт »