Press "Enter" to skip to content

Неговото време доаѓа, Борјан Обедниковски, кошаркар на Пелистер

Целосното посветување на спортот и целосно спортскит начин на живот секогаш носи резултати, а тоа ни го потврди уште еден млад битолски спортист. Се работи за Борјан Обедниковски, млад кошаркар на Пелистер кој својата макотрпна работа ја круниса минатата сезона со влегување во првиот тим на клубот.

Скромниот и секогаш насмеан Борјан, кој има само 17 години, а од лани е во првиот тим на Пелистер, а неговите размислувања, однос кон кошарката се многу сериозни, а зборува смирено како да има многу натпревари зад себе.

-Кошарка започнав да тренирам уште во второ одделение, пред десетина години, на моја седум годишна возраст, а првите кошаркарски чекори ги направив во КК Јуниор во ОУ “Св. Климент Охридски“ каде и учев. Потоа се префрлив во Младост и во младинците на Пелистер. Како млад кошаркар ме тренираа Дејан Илиевски, Александар Николов и Горјан Стојановски, во младинската екипа со Благој Печалов. Во првиот тим лани работев со Зоран Петковски, а сега со Предраг Созовски. Се надевам дека наученото од сите тренери на тренинзите, успешно ќе го применам во иднина на терен и секако ќе се доусовршувам.

Обедниковски паралелно со тренинзите во клубот работи и самостојни тренинзи, а таа практика која не е многу застапена кај битолските кошаркари и останата спортисти вели:

-Самото тренирање со екипа не е доволно за било кој спортист да постигнува големи успеси, а како и во секоја работа, мора поединечно да се надградува и да целосно да се посвети на спортскиот живот. Јас сум редовен на клубските тренинзи, тренирам и самостојно неколку пати неделно, а за начинот на живот кој го налага спортот не сакам да зборувам, тоа се подразбира за секој млад спортист. Што се однесува до самостојните тренинзи за секој млад спортист се добредојдени, бидејќи сите недостатоци кои ги имаме сите на оваа возраст можат полесно да се поправат, а додека тоа во екипен тренинг не е возможно, бидејќи на тие тренинзи, разбирливо, екипата е во прв план.

Борјан според она што го работи и зборува со многу самодоверба влегува во оваа кошаркарска сезона, но е и претпазлив.

-Според мене можам да играм во Првата лига се носам со сите противници во останатите екипи, а самата лига ќе биде голем предизвик за мене. Треба да се докажам со работа на тренинзите, да се наметнам кај тренерите и секако довербата да ја докажам. Знам дека нема да биде лесно, прво да се стигне во минутажа во тимот, а потоа да се одигра добро, но продолжувам со работа, а времето ќе покаже, а тука е и училиштето, вели Обедниковски.

Борјан, како и секој млад спортист го очекува полнолетството за да ја продолжи кариерата во друг, клуб во силен странски клуб, но сепак е тука во клубот, во Пелистер и сака прво да работи, да игра, а како вели, идеи за како понатаму има, но рано е за конкретни планови, има цела сезона пред нас, која сите мора да ја искористиме посебно младите кошаркари.

-Има многу одрекувања од некои работи кои ги прават младите на моја возраст, но се трудам да бидам секаде, со кошаркарите в сала, со другарите на училиште во Горната Гимназија и на излегување, но успехот кој сите млади спортисти кој ги сонуваме го заслужува сето тоа одрекување, вели Бојан Обедниковски, кој заедно со неговата генерација се иднината на кошарката во Битола.

С. Ристевски

More from СпортMore posts in Спорт »