Кампањата „НЕДЕЛА НА БЕЗБЕДНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ“ продолжува со превентивни мерки за сузбивање на непрописното паркирање. Кампањата во целост, а посебно денешната теренска работилница се реализира со поддршка на ДПН “Градски паркинзи Битола“.
-Во текот на денешниот и следните неколку денови наше возило брендирано со официјалното лого на кампањата и нашите вработени униформирани под логото на кампањата и во соработка со овластени службеници од СВР Битола ќе поставуваат хенгери и грепки за непрописно паркирани возила во сите зони, денес со акцент на централното градски подрачје – рече Јулијана Цветковска од ДПН “Градски паркинзи Битола“.
Директорот, Иле Колчакоски најави дека ДПН Градски паркинзи Битола привршува со подготовките околу бетонирањето и уредувањето на просторот, конструкцијата и монтажата на трите ВЕЛО-ПАРКИРАЛИШТА кај “АТ Пазар“, “Јавор“ и кај споменикот на Стив Наумов кај Офицерски Дом, донација на ДПН Градски паркинзи Битола со која не само што сакаат да ја поддржат кампањата туку и да придонесат за подобрување на состојбата со сообраќајот во градот воопшто.
Jавниот функционален простор го рефлектира основниот карактер на секој град, преку кој и Битола треба да остане препознатливa и запаметенa. Но, мобилноста, брзиот пораст и високиот степен на моторизација повлекоа повисока побарувачка од понуда и во динамичкиот и во сообраќајот во мирување. Европските истражувања покажуваат дека 30% од загадувањето од издувни гасови во централните градски подрачја доаѓа од возилата кои кружат по улиците во потрага по паркинг место, а како мерка истите ЕУ искуства предлагаат постепено ограничување и намалување на бројот на расположиви паркинг места во градските центри, наспроти подигање на капацитетите на јавните паркинг гаражи, лоцирани на приодите кон центарот.
-Во нашиот град проблемот со недостаток на места за паркирање е присутен и во зоните за домување и во зоните на училиштата, а побарувачката е посебно нагласена во централното јадро заради концетрација на дејности и активности. Основна закана е тоа што приближно 70% од патувањата се реализираат со патнички моторни возила и има појава на висок % на непрописно улично паркирање кое повлекува намален капацитет и безбедност на улиците, рече д-р Јасмина Талевска, претседател на Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Битола.
Работилницата “Училишните тротоари се за деца, а не за возила“ ја продолживме и денес во ООУ Даме Груев и ООУ Ѓорѓи Сугарев, , од денес ја започнуваме и работилницата „АВТОБУСКИТЕ СТОЈАЛИШТА НЕ СЕ ОГЛАСНА ТАБЛА“, со чистење на автобуските стојалишта од сите видови на рекламен и друг материјал и натписи.
И оваа акција ја помогнаа припадниците на “УЧИЛИШНАТА СООБРАЌАЈНА ЕДИНИЦА-УСЕ“ од СОУ “Таки Даскало“ од Битола, нивниот раководител проф. м-р Гордана Кожуварова и членовите на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Битола.






