Press "Enter" to skip to content

Интервју: Петар Јованов – композитор, инспирација за мојата музика е мојата Битола

Разговорот го водеше, Жанета Ристевска

Песната “Битола мој роден крај“ на Ајри Демировски, емотивна и инспирирана од љубовта кон Битола е нашироко позната низ целиот свет. Но, Битола е повторно инспирација за композиција, која се најде на це-де  компилација меѓу композиции од светски ранг. Тоа е композицијата за симфониски оркестар  “Еден ден во Битола“ (“One day in Bitola“)  која ја создаде младиот композитор, Петар Јованов по потекло од Битола. Така  покрај песната “Битола мој роден крај“ таа влезе на це-дето “Orcbestral Masters“ на светско ниво.

Композиторот, Петар Јованов, потекнува  од Битола, но веќе 25 години живее и работи во Австралија. Неговата љубов кон родниот град провејува низ неговата музика и низ неговата душа пулсира родната Битола, за што вели:-Тоа што го носам во срцето за Битола, за мојот град, го изразив во музиката, во оваа композиција… Инспириран од мојот роден град ја создадов  за неполни три и пол недели, а во мелодијата се проткаени  етно елементи отсвирени на кавал и други народни инструменти, а ја изведуваат 70 музичари на 26 инструменти и трае скоро 17 минути.

Љубовта кон Битола  се чувствува и низ разговорот кој го водевме со овој талентиран композитор кој е и доктор на креативна уметност на “Western University – Sydney“. Тој од својата 7 година живее во Сиднеј Австралија, но доаѓа во својата татковина кога има прилика на одмор, а така додека деновиве е на одмор во Битола го направивме разговорот и го прашавме неколку прашања кои се надеваме ќе го доловат карактерот на овој талентиран млад човек.

Со своето семејство заминавте во Сиднеј, Австралија многу мал. Кажете ни за вашите сеќавања и почетоци  во Австралија?-До својата 7 годишна возраст живеев во Битола и тоа мое детсво кое го поминав тука беше прекрасно и долго во Австралија не можев да се навикнам како дете на новиот живот таму, кој беше позатворен за разлика од тука. Се сеќавам на игрите и дружењата со другарите, моите почетоци во основно училиште односно предучилишна возрст во ОУ “Св. Кирил и Методиј“. Уште се сеќавам на дуќанот близу училиштето покрај реката Драгор каде одев после училиште кај мојот татко или кај моите дедо и баба. Многу другари и различни игри. Како уште да го слушам жуборот во моите учи и мирисот на реката Драгор. Сите тие звуци ми беа и инспирација за композицијата “Еден ден во Битола“. Во Австралија дојдовме 1993 и животот беше поинаков и јас долго време тагував по моите денови поминати во Битола. Се запишав во основно училипште во Сиднеј во Ферфилд, но напоредно во сабота учев во македонско училиште по неколку часа и можеби затоа имам добар акцент на литературен македонски, а многу и не можат да препознаат дека живеам подолго во Австралија. Не се прилагодив лесно во почетокот и бев некако осамен, бидејќи во тука немаше такво дружење после училиште, или на улица, како во Битола. Можеби јас како чувствително дете музиката ме привлече и ми даде едно задоволство и проживување на истите сеќавање, низ неа и ослободување на мојата тага.

Кажи ни за твоите почетоци во музиката?-Тоа се случи на мои 11 години кога по моја желба моите родители ме запишаана на приватни часови клавир кај Искра Божиновска, оперска пејачка која тогаш беше во Сиднеј. Потоа 5 години посетувам приватни часови кај битолчанецот, Томе Јованов – Темпо, гитарист кој важи за многу талентиран музичар во Сиднеј. Можам да кажам дека имав голема среќа на моите почетоци за музиката да учам од многу добри  професори кои правилно ме насочија и го извлекоа талентот од мене. После основното училиште се запишав во средно училииште (High school)  насока музика. Во 2005 година се запишав на “Western Sydney University“ – мusic composing и после 3 години дипломирав и се здобив со звање “Bachelor of music“. Потоа продолжив со едуцирање и се стекнав со титула “Doctor of Creative Art“ (DCA) – доктор на креативна уметност. Тоа се состои од компонирање, создавање на камерна музика, мултимедијални проекти, филмска музика, вметнување на етно елементи во музика и истражувачки фолклор. Бев многу амбициозен и работев на многу проекти од овие области кои ги наброив, но прв позначаен проект ми беше соработката со режисер од Сингапур, како композитор на музика за филмот “What a wessel“ кој е арапски филм со социјална тема и 2013 година беше претставник композиција на Австралија на фестивал во Сингапур. Во 2014 година учествував на Азиско-пацифички фестивал во Лос Анџелес. Воодушевен од Америка, каде се почитува компониирање и создавање на овој вид музика од ревијален карактер за симфониски и камерен оркестар во  2016 година бев во Небраска во “KIMMEL HARDING NELSON“ – Центар за уметност каде во период на три и пол недели ја создадов композицијата за оркестар “Еден ден во Битола“ (“One day in Bitola“).

Кажете ни повеќе за овој ваш проект во кој Битола повторно се запиша како дел од  светската музика?Композицијата “Еден Ден во Битола“ е искомпонирана во 2016 година за ревиски оркестар за време на моето престојување во уметничкиот центар “KIMMEL HARDING NELSON“ во Небраска. Таа произлезе од моите спомени, сеќавања проткаени со чувства и е посветена на  мојот роден град Битола градот на конзулите. Инспирација ми беа аудио-записите кои беа снимани во септември за време на мојот престој на одмор тука. Исто така јас тогаш направив и фотографии кои ми служеа како дополнитена инспирација и материјал кој ќе го вметнам во финалниот производ. Како што  споменав три и пол недели е многу краток период за такво грандиозно дело кое е наменето за симфониски оркестар составен од 70 музичари и 26 инструменти. Композицијата трае 17 минути, има богата ритмика проткаена низ мелодијата со етно елемнти. Се состои од  делови фрагменти со посебни наслови кои ја опишуваат Битола. И се однесуваат на реката Драгор, сатот, џамијата, пазарот, Широк Сокак, шеталиштето, паркот, Тумбекафе, а  сите овие се олицетворение на мојот град. Со оваа композиција учествував на фестивал во Чешка – Брно меѓу 180 композитори од светот и таа влезе во конкуренција како една од поквалитетните на “CD Orchestral Masters“ и може да ја слуша цел свет. Градот Битола пулсира низ сите фрагменти во копмпозицијатра, а преку таа композиција Битола ја слуша и чувствува цел свет.

Покрај компонирање со што друго се занимавате во област на музика?-Свирам на клавијатура и други народни инструменти како кавал, хармоника исто така и пеам и во мојот репертоар има песни и на 15 јазици. Заради тој талент по пеење јас свирам и пеам на интернационални презентации на македонска музика, приеми на амбасадорот на Македонија кој ги организира за другите замји, а не е исклучено да се појавам и на некоја свадба или друга веселба каде се претставувам со етно-музика. Еден период бев и вонреден професор од 2009 -2013 по композиција и етно инструменти како кавал и други на универзитетот каде докторирав. Сакам би ја споменал мојата композиција за виолина и клавор, која ја изведовме заедно со маестро Џорлев со наслов “Корен“на јубилејниот концерт “40 години дружење со виолината“ кој се одржа во македонската опера и балет во Скопје на 13 декември 2017 год каде бев гостин.

Доаѓате често во Битола, напревете споредба со животот таму?Можам да кажам дека постои голема разлика. Да се  живее во град со 6 милиони жители како што е Сиднеј е стрес, заради големи дистанци кои мора да се поминат со возило така да, за на кафе можеш да се договараш долго со некого и да не одите заради обврски за работа.  За едно кафе муабет потребно е да вози подолго, потоа и да се плати  паркинг и до 70 долари за 2 сати. А овде во Битола на Широк Сокак пиењето кафе е посебно задоволство каде среќаваш многу луѓе, пријатели и познаници. Потоа работата и заработката е на прво место што повеќе да се заработи е императив. Купување на 2,3 и повеќе куќи и т.н.  Јас живеам поинаку сакам да се занимав со музика, но и таму творењето и заработката од таков вид на музика оди потешко. Еден период планирав и да се преселам во Лос Анџелес- САД каде се твори музика за филм која ја сакам. Но, тие планови остануваат и за иднина. Сакам да доаѓам во мојата Битола и секогаш ми се будат истите посебни чувства и спомени од моето  детство истите звуци, мириси…. Би сакал во следна прилика да ја промовирам композицијата за Битола, тука во Битола, со сите видео снимки и фотографии.Чест ми беше да разговарам со толку културен, обрзуван и талентиран млад човек кој скромно и многу реално зборуваше на сите прашања кои му ги поставивме.Би сакала во Битола да се случи промоција на композицијата “Еден Ден во Битола“ со ревиски оркестар, која со толку љубов ја компонираше нашиот соговорник и секако очекуваме нови композиции инспирирани и вдаховени од Битола да произлезат од нашиот биточанец, кој детсвото го помина на Широк Сокак, младиот талентиран компоозитор Петар Јованов.

Фоторафии: С. Ристевски, Локација: хотел “Бела Куќа“

More from ИнтервјуMore posts in Интервју »

Be First to Comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mission News Theme by Compete Themes.