Битолските спортски приказни се секојдневие на Широк Сокак каде со кафето се раскажуваат случувања од не така долго минато, а повозрасните битолчани се сеќаваат на натпревари, медали, анегдоти… На една таква кафе-средба со некогашниот југословенски младински боксерски првак, Илија Георгиевски – Бајче, ни раскажа преку една фотографија една спортска приказна која се случила пред 52 години и за “патувањето“ на една фотографија.
-Пред некој ден, тука на Широк Сокак, ми пријде еден вработен од Домот на културата која ми рече дека има стара фотографија која и тој не знае како се нашла кај него, на која сум и јас и ме праша дали сакам да ми ја донесе и да ја видам. Прво ме зачуди од каде кај него “слика“ и како јас сум се нашол на “слика“ од домот на културата кога јас сум поранешен спортист, а не од културата, ја започна приказната Илија Георгиевски – Бајче.
Договориле средба и ми ја покажал фотографијата, а Бајче, како вели подзинал.
-Кога ја видов “сликата“ не ми се веруваше. Таа легендарната “слика“ од СОФКА, која долги години ги красеше канцелариите на СОФКА и ги потсетуваше сите кои ќе беа таму за големиот боксерски успех, мој и на Васко и Пеце и на тренерот Бомбардикос. Ми дојдоа солзи на очите, да бидам искрен, кога ја видов “сликата“ бидејќи дваесетина години и повеќе се прашував каде е, а си велев сигурно завршила на некое ѓубриште и со тоа не можев да се помирам. Но, ете судбината сакала повторно да биде во мои раце. Ја зедов ја исчистив, рамката беше скршена, ја исправив колку што можев “сликата“ и веднаш ја однесов на мајстор да се стави нова рамка. Многу ми е жал што е оштетена од влага, кој знае во која визба седела, и еден од боксерите не се гледа убаво, вели Бајче.
Сега фотографијата е средена, а Бајче се радува како мало дете со неа. Ја покажува на секој фалејќи се го големиот успех кој е запишан на фотографијата. За големиот боксерски успех кога пред 52 години бил младински шампион на силната боксерска држава, Југославија.
За тој период со многу емоции зборува Илија – Бајче, но се може да се начуди како никој не ја прибрал фотографијата, не ми ја дал нему или на другите кои се на фотографијата, не ја однел во архив, во СОФКА…
-Многу му растревожи “сликата“, по толку години да се врати кај мене и да не пропадне, а потоа за убави сеќавањата пред 50 и повеќе години кога трениравме бокс и постигнувавме силни резултати, а ни се плашеа сите југословенски боксери. Сликата е во чест на поединечно првенство во бокс, во Темерин, каде јас бев шампион во “полувертер“, Васко во лесна категорија, а Пеце во бамтам категорија. Тренер ни беше Васко – Бомбардикос, се сеќава Бајче.
Сликата иако е оштетена, сепак на неа е зачувана и посветата, која тогаш во далечната 1966 година е напишаната на машина за пишување и тоа на латиница. На посветата стои:
-Учесници на поединечното првенство на Југославија за Младинци кое е одржано од 30.4 до 3.5.1966 година во Темерин крај Нови Сад. Во мошне силната конкуренција каде се натпреваруваја најдобрите боксери на Југославија, Битолската екипа освои 2 златни и една средбрена медалја.
- – Геогиевски Илија во категорија полувелтер го завзеде првото место и со тоа освои златна меделја.
- – Василевски Васко државен првак во лесна категорија за 1965 година, во оваа година го потврди успехот од 1965 г. стана повторен првак за сојата категорија.
- – Ивановски Пеце го освои второто место во Југославија во Бантам категорија – сребрена медалја.
За упехот на овие млади талентирани боксери во многу допринесе тренерот Талевски Васко.
Покрај тоа што Илија Георгиевски – Бајче е возбуден сега по 52 години, вели дека и сите биле возбидени тогаш со големиот успех. Имале голема чест од сите вработени во тогашна СОФКА, а според тоа како е пишувана посветата и тој што ја пишувал бил возбуден со оглед на печатните грешки кои ги направил, пишувајќи.
Оваа судбина е само едно камче од битолскиот спортски успешен мозаик, кој се создавал стотина години, а ова нека биде мотив плус за денешните спортисти, да создаваат победи, успеси, да создаваат историја на која, некој како Бајче што го направи деновиве, да го направи по педесетина и повеќе години.
Текст и фото: Сашо Ристевски






