Press "Enter" to skip to content

“Реми“ во градското дерби, Еурофарм Работник се спасуваше од пораз (фотогалерија)

Еурофарм Работник – Пелистер 24:24 (10:9)

По подолго време доминација на Еурофарм Работник конечно квалитетно изедначено градско ракометно дерби во кое на крајот фаворитот Еурофарм Работник се спасуваше од пораз, а Пелистер имаше последен напад во кој можеше да постигне гол и да дојде до победа.Израмнувачкиот гол за Еурофарм Работник го постигна Филип Кузмановски кој на 23 секунди пред крајот погоди од пенал за 24:24. Околу 3.000 битолчани гледаа изедначен ракомет во кој на стартот на “фармацевтите“ имаа предност од 3 гола, но потоа беше изедначено, а на крај на полувремето се отиде на одмор само со +1 за Еурофарм Работник, 10:9.Во второто полувреме до 35 минута Пелистер не само што изедначи, туку и поведе со гол предност 12:13, а потоа по добра игра на двете страни Еурофарм Работник ја врати предбоста од +2 (18:16). За брзо време повторно водството во рацете на “гостинот“, Пелистер 19:20. Следуваше повторно реми 21:21, и по двата гола Дрогришки дојде Пелистер до +1 (23:24), по што Еурофарм Работник се спасуваше од пораз, со голот на Кузмановски од пенал.Тренерот на Еурофарм Работник по завршувањето на натпреварот рече:-Европскиот натпревар во саботата остави енергетски последици по нас. Ова е лековит исход за нас и најдобро што можеше да се случи, бидејќи нереално полетавме, а ситуацијата во клубот не е баш таква. Како што реков и кога победивме со 11 разлика, од резултатска смисла натпреварот не беше премногу важен и вечерва. Одиме кон плеј-офот без проблеми, важно ни е што не загубивме, а и добивме одговори на тоа кој може, а кој не може.Тренерот на Пелистер, Јошко Петровиќ за градското дерби рече:-Навивачите на Пелистер треба да бидат пресреќни затоа што ме имаат мене и ги имаат овие ракометари, кои не се предаваат повеќе по пет или десет минути, туку играат со срце од почеток до крај. Еурофарм објективно е поквалитетен, но по она што го покажавме, може да жалиме затоа што не победивме. Но, може и Еурофарм да жали, затоа што и тие си имаа своја шанса. Како и да е, честитки за колегите, се надевам дека ќе ги остварат зацртаните цели. А што се однесува до нас, јас тука ќе „крпам“ до декември, а потоа ќе составиме конкурентен тим по мерка. Има неколку играчи во Пелистер што вредат, некои се лимитирани. Не зависи ништо од мене, управата ќе одлучи во какво темпо ќе продолжи.Најефикасни во Еурофарм Работник беа Кузмановски со шест и Ѓукиќ со пет гола, а кај Пелистер се истакна Поповиќ со пет гола.

More from БитолаMore posts in Битола »