Фудбалерите на Пелистер денес ги завршија сите активности планирани за есенскиот дел од Втората фудбалска лига – запад, а тоа беше повод да поразговараме со тренерот на Пелистер, Дарко Крстески, за тоа како кој оценува оваа полусезона, односно од денот кога ја презеде екипата по заминувањето на Томче Трајановски.
Дарко Крстевски за резултатите со Пелистер во изминатиот период ни рече:
-Со неколку зборови кога би требало да кажам за резултатите кои ги постигнавме би ги оценил со преодна оценка, но најголема. Стартував со дефицит на бодови и голем успех е што извлековме толку бодови, а екипата ја презедов само со два бода. Но, мора да кажам дека на првиот натпревар не бев на клупата, но самото мое назначување делуваше психички на фудбалерите бидејќи знаеја дека доаѓа нов тренер и сакаа да се докажат и тоа придонесе за победата. Но, јас тие три бода нема да ги ставам на моето салдо, туку на салдото на Управата. Но, потоа од седум натпревари со тимот имавме 4 победи, еден натпревар заврши нерешено, а два пати сме поразени со двете првопласирани екипи во гости и додава:
-Секој тренер кога презема екипа сака да ја направи селекцијата, но мене ми “падна парето“ јас да ја наследам екипата. Не беше многу пријатно да се земи Пелистер во таа состојба, но сакам предизвици и затоа прифатив. А, од друга страна ако беше Пелистер прв, немаше ни да ми се јават да дојдам во Битола.
Дарко Крстевски за работата оваа есен упатува пофални зборови кон фудбалерите.
-Колку да кажуваме дека тренерот или управата направиле нешто, нема да биде во ред, бидејќи овој резултат, каков што е, го направија фудбалерите. Јас со стручниот штаб, со помошникот Димче Ристевски и спортскиот директор Менде Степановски, кои бевме нон-стоп со екипата, придонесовме за тактичкиот и психичкиот дел и дадовме до знаење дека Пелистер не може туку-така да се остави и не се случи тоа. Ги поместивме засега само тие две работи и некој резултат добивме, а тоа значи дека имало квалитет, но не се извлекол максимумот.
За идните планови со Пелистер, Дарко Крстевски вели:
-Генерално сум задоволен, но се надевам дека за понатаму ќе биде подобро, да не бидеме во постојан грч на секој натпревар, а квалитетите да ги надоградиме во пролетниот дел. Се надевам дека ќе има некои промени во играчкиот кадар, но на подобро. Ни треба свежа крв, да ја освежиме екипата и да ги “бркаме“ екипите од врвот, за да не размислуваме за дното на табелата. Што се однесува на конкретни имиња се уште не е разговарано со Управата бидејќи имаме околу месец и половина до стартот на подготовките. Ќе се направат анализи колку и кој се можеме да го донесеме во Пелистер и да ја зацртаме целта за понатаму, како да работиме и која амбиција да ја остваруваме.
Денес, пред Управата, тренерот Дарко Крстески и спортскиот директор Менде Степановски го поднесоа извештајот за тоа како тие ја оценуваат полусезоната, а дополнително треба да се разговара за засилувањата и на кои позиции.
-Пелистер и Битола никогаш не треда да се задоволат со Втора лига, но дали сега тоа можеме да го направиме ќе видиме бидејќи разликата во бодови е голема. Дали ќе го бркаме тоа или пак ќе се зацврстиме некаде на 2-3 место и на лето да направиме силен Пелистер и да не прашуваме ни со кого ни каде ограме, туку едноставно од почеток ние да бидеме единствеми фаворити и никој да не се прашува кој ќе биде прв, а тоа да биде само Пелистер, ни рече на крајот од разговорот тренерот на Пелистер, Дарко Крстески.
С.Р.






