Пелистер – Бутел 29:28 (13:16)
Дека ракометарите на Пелистер ќе дојдат тешко до нови бодови во спортска сала “Боро Чурлевски“ во Битола, се виде уште на стартот на натпреварот кога ракометарите на Бутел поведоа со 0:3, а потоа 1:5, по што Петковиќ побара тајм-аут да ги “освести“ ракометарите. По одморот “пелистерци“ тргнаа подобро, направија серија 3:0, и дојдоа на 4:5, а потоа на 5:6 и израмнување 6:6, па и водство на 7:6.
На 5 минути до одморот беше 10:11 за Бутел, а на крај полувремето заврши 13:16 со голот кој “бутелци“ го постигна со звукот на сирената.
Во 37 минута беше два гола предност за гостите 17:19, а Пелистер израмни во 40 минута. 19:19, а потоа 20:20, и 21:21 и тајм-аут за Игор Котевски тренерот на Бутел во 45 минута од натпреварот.
Следуваше и првото водство на Пелистер 22:21 во 47 минута, а во 50 минута во водство беше екипата на Бутел 23:24, а Пелистер израмни на 24:24. Драмата во Битола продолжи и по новото израмнување на Пелистер 26:26 во 54 минута и 27:27 во 56 минута.
Потоа Пелистер поведе 28:27, а потоа и со 29:27 на две минути пред крајот, за да Бутел намали на 29:28. Во последниот напад Бутел погоди статива, а Пелистер успеа да ја зачува топката до крајот и да победи.






