Press "Enter" to skip to content

Атмосфера за десетка, но и победа на Татабања од 10 гола (фото)

Еурофарм Работник – Татабања 21:31 (11:14)

Еурофарм Работник, вечерва го забележа својот втор пораз, овој пат во Битола против Татабања, со резултат 21:31 во рамките на ЕХФ Купот, во натпревар во кој унгарскиот претставник заслужено победи.

Ракометарите на Еурофарм Работник влегоа со голем мотив и желба, но не се снајдоа против тимот кој не и остави многу простор за разигрување, а противникот лесно постигнуваѓр голови.

Унгарски ракометари подобро го започнаа мечот и имаа 0:2, а првиот гол за домашните го постигна Остроушко. По 15 минути игра беше 6:8, а потоа водство на Татабања од 7:11 за тајм-аут за Еурофарм Работник. Домашните потоа намалија на 9:11, а гостите на пауза заминаа со предност од три гола разлика, 11:14. Вториот дел започна катастрофално за битолчани, со лоша одбрана, неефикаен напад, а без постигнат гол гостите поведоа 11:18. Плус на сето ова беше црвениот картон на Маркоски, а единствена светла точка кај Еурофарм Работник, Остроушко. Во последните 10 минути од мечот се влезе со предност на Татабања од седум гола, разлика која на крај прерасна до десет за конечни 21:31.

Тренерот Ѓорѓе Чирковиќ имаше тешки зборови упатени кон играчите и рече:

-Татабања забележа заслужена победа. Ова беше убедливо најлошото издание на клуб кој јас го водам во Европа. Простувам сè освен неборбеност. Знам што сака екипата на теренот. Нема ниту еден изговор за една ваква неодговорна игра. Првпат доаѓам на прес како посрамен и ќе повлечам некои потези. Не сакам да работам во екипа која не реагира на работите како што треба. Во 27 години и како играч и како тренер не знам дали сум доживеал нешто вакво. Не е потребно да ја мотивираш екипата во полна сала за да се бори. Очигледно постои некој голем проблем.Капитенот на Еурофарм Работник, Гоце Ојлески после средбата рече:

-Татабања дојде заслужено до победа. Ние како да немавме желба. Не ги испочитувавме задачите кои ги добивме од тренерот. Дојдоа нови ракометари и како да не можеме да се вкомпонираме и немавме течна игра. Од мое име и од име на екипата сакам да се извинам за ваквото издание. Имавме прекрасна публика, но не и дадовме причина за да се израдува.

Најдобар ракометар за Еурофарм вечерва беше Остроушко кој постигна 9 голови, а следниот меч Еурофарм го игра нагости кај Нексе во Хрватска.