Во библиотеката на битолската Гимназија “Јосип Броз -Тито” е поставена изложбата на Андреа Коруноска, ученичка од втора година.
Ова е твоја прва самостојна изложба. Со каков опус и тематика се претставуваш пред љубителите на ликовната уметност?-Да, ова е мојата прва изложба и многу се радувам што имам можност, благодарение на заложбата на библиотекарот м-р Драган Ристевски, и на наставникот по ликовна уметност Александар Поповски, успеав да ја исполнам библиотеката со мои дела, и тоа, платна со мртва природа, пејсажи и портрети кои се изложени на ѕидовите на Библиотеката.
Која техника е застапена на твоите дела?
-Има дела кои се на платно и се направени со темперни и акрилни бои, но имам и цртежи, особено портретите, кои се направени со молив односно техника на сенчење.Кој ја откри твојата наклоност кон ликовниот израз и кој придонесе за развојот на талентот што го поседуваш?
-Уште како мала, моите родители открија дека сакам да цртам и ме однесоа во Детското ликовно студио “Св. Кирил и Методиј “Битола. Благодарение на мојот професор Коста Хаџи Антоновски мојот талент се негува и се развива, па така тоа го правам и денес како гимназијалка.
Кои се твоите успеси што ги имаш постигнато сликајќи и кои се твоите планови за во иднина?
-Успесите се многубројни, имам меѓународни награди од многу земји ширум светот. Како член на Детското ликовно студио ”Св.Кирил и Методиј” учествувам на ликовните каравани во Битола, а воедно, имам и посетено ликовни колонии и изложби надвор од Македонија како Португалија, Германија и Русија. Немам некои конкретни планови за во иднина, но искрено би сакала да продолжам со сликарството. Како и да е, што и да изберам за моја идна професија, сликарството секогаш ќе го негувам и тоа ќе биде мое најомилено хоби.