Press "Enter" to skip to content

Тони Котевски, претседател на “Extreme bike team Bitola“: со “Hamachi Pelister Downhill Cup#7“ докажевме дека сме без конкуренција во државата и одиме кон врвот на Балканот (фото)

Низ Пелистер се возеше “Hamachi Pelister Downhill Cup#7“ на патеката “Копанки“, а оваа трка, а посебно патеката, за седумдесетте возачи и нивните екипи е една од најубавите на Балканот. Овие пофалби им годат на организаторите, “Extreme bike team Bitola“, а тие ова уште на официјалниот тренинг и го јавивија.

Претседателот на “Extreme bike team Bitola“, Тони Котевски, полека ги среди емоциите и стресот кој го имаше околу трката и за оваа трка ни рече:-Оваа трка, беше седма по ред и веднаш ќе кажам, не за да фалиме, туку да потврдиме, беше најдобра. Патеката беше најдобро направена, имавме нови делови кои ги направивме оваа година, а ќе додадам дека стартот и целта си останаа на старите места, старт – “Копанки“, цел – Детско одморалиште. Инаку, патеката е долга два километри, со висинска разлика 400 метри, со доста скокови, имаме големи скокови, кал, интересни кривини кои се го голем коефициент на тежина, а се вози за околу 3 минути и петнаесетина секунди. Имавме најголем број на возачи, вкупно 72, а за прв пат имавме и двајца Англичани, кои се напреваруваа по критериумите на велосипедската федерација на Македонија, чии членови како клуб сме и ние. Трката се бодуваше за ранг листата за македонскиот и балканскиот куп. Сите учесници го потврдија квалитетот на трката и веќе се најавија за следната година.

За квалитетот на битолските и македонските возачи во однос на останатите учесници, Котевски вели:

-Разликата, минатата година, која ја имавме ние до првопласираните беше дваесетина секунди, а оваа година е намалена на само 4-5 секунди, а ова е благодарение на учеството на неколку трки и континуираното тренирање на пеллистерската патека и на други помали патеки. Догодина очекувам и силна борба за пласмнан од страна на моите возачи.Котевски за идејата да организира “Pelister Downhill Cuр“ вели дека таа била од пред 10 години кога и се организирала првата трка на Пелистер, што беше новина.

-Првата трка беше организирана по планинарската патека од Копански до “Молика“ преку историската патека, до денешната цел. Но, видовме дека не е безбедна за планинарите и туристите, и ја тргнавме настрана, што беше исправна одлука. Направивме, да речам, наша патека, која морам да кажам дека е комплетно рачно изработена, бидејќи на тој терен не е возможно да се употреби механизација.

Сега додава, Котевски, во подготовката на патеката се вклучени сите поранешни возачи заедно со сегашните, а поранешните возачи се вклучени во организцијата, во барањето на спонзори. Тука се секогаш да помогнат и со по некој совет, пред се за да се подобри безбедноста на младите, бидејќи овој спорт е висока рангиран по опасностите и ризикот.Тони Котевски не го крие задовлството од тоа како помина трката, а додава и дека имало и пропратни настани:

-Оваа година имавме и два семинари во хотелот “Молика“, каде беше се полно, а беа закупени и сите вили кај Бегова Чешма, како и во Трново и Магарево, хотелите во потпелистерието и во Битола. Сигурно за време на одржувањето на трката и семинарите околу 200 лица направија резервација некаде по две-три ноќавања, а не беа само таму, беа и во градот каде поминаа добар дел од времето. А, ова значи само бенефит за повеќе луѓе и компании.

За да се задржи континуитетот и да се подобрат референците на патеката и трата, Котевски вели:

-Ние патеката сами ќе си ја подобруваме како и до сега, но многу ни е потребна соработка во концесионерот на жичарницата. Ние мораме барем во недела да тренираме, а за тоа ни треба жичарницата. Возачите, не е проблем, ќе го плаќаат билетот за возење, а мислам дека само од нас во тој еден ден ќе се покријат трошоците, а секако ќе има и други битолчани кои ќе се качат на Пелистер, ако знаат дека во недела жичарницата работи. Морам да нагласам дека до сега имаме одлична соработка. Во тој контекст би додал дека на тренингот имаше 50-60 возачи од Грција, Косови…, а се надевам дека така ќе биди и на други закажани тренинзи, бидејќи патеката сега е на добар глас кај возачите на Балканот. Посебно мора да се потенцира тоа што имаме добар транспорт до стартот. Од Битола се стигнува по асфалт, потоа веднаш на жичарницата и на старт, не се носат “на рамо“ велосипедите по планина. Вака организиран превоз нема секаде. Некои наши колеги ни кажуваат дека онаму каде има вакви патеки во ски-центрите, сега во летен период има поголем приход и одлична посетеност.

Котевски за функционирањето на клубот вели дека по паузата поради која ја имаа поради свлечиштето на патот за Пелистер, сега е во добра кондиција, и вели дека има потенцијал во секој поглед и кадровски и на терен.-“Extreme bike team Bitola“ е без конкуренција во Македонија во секој поглед организација, возачи, сопствена патека, а полека одиме и кон врвот на Балканот. Продолжуваме со трки ова лето, имаме неколку трки на Балканот, а ќе одиме на сите кои се околу нас, а возачите се подготвени и се сакаат да уживат во овој адреналиски спорт. Кај возачите би ги споменал, Александар Фидановски, Александар Николовски, Томе Ивановски…, а би рекол дека седум-осум се добри возачи, кои можат да напредуваат. Сега сакаме да ја прошириме листата на возачи со пионери и јуниори со наполнети 15 години, на кои им ветуваме добра патека, добри учители и секако безбедност која што е најважна за таа категорија на најмладите возачи, вели Котевски.

Котевски вели дека за да може млад човек безбедно да се тренира и да се натпреварува на старт му требаат за специјален велосипед и одлична заштитна кацига и опрема околу илјада евра, а тоа е цена за половен велосипед и нова опрема.

Сашо Ристевски

Mission News Theme by Compete Themes.