Ако не сте екстремен планинар, а сакате да ја почувствувате планината Баба-Пелистер во ноќен амбиент, единствената прилика битолчани за тоа ја имаат еднаш годишно, спроти празникот Света Ана. Таа вечер, синоќа, повеќе илјади битолчани се искачуваат од селото Маловиште до манастирот “Св. Ана“, низ целосен мрак, бидејќи густата шума не дозволува да се пробие светлото на месечината.Така беше и синоќа, кога голем број на битолчани, најпрво Власи со потекло од овој крај, а и битолчани, се искачуваа до манастирот “Св. Ана“ над селото Маловиште, на 1.410 метри надморска височина. Колкав голем беше бројот на битолчани зборува тоа што поради големата гужва, автомобилите беа заглавени некаде на средина од патот Кажани-Маловишта, околу 21 часот. Тешко беше движењето пешки по патот поради хаотично паркираните возила едни до други, а нервозата ја имаше кај возачите кои чекаа да се одблокира патот за да можат да слегуваат.
Планинарската патека од Маловишта до манастирот “Св. Ана“, вчера вечер, беше како корзо, а светилките на мобилните телефони и батериските ламби се забележуваа на секој чекор. Поради светлосните зраци голем број на битолчани не се препознаваа, но сите си испраќаа истиот поздрав “за многу години“.
Меѓу колоната која беше непрекината од селото до манастирот сите со истиот муабет, немало никогаш толку народ.
-Доаѓам тука редовно, скоро секоја година по секакво време, но оваа година според мене е ретко топла и пријатна вечер, а гледате дека, во 22 часот, сме сите по кратки пантолони и маици. Овие прекрасни услови, да се побегне е претоплото време во Битола, секако и радозналоста на луѓето ги донесоа сите на планина, ни вели Драган Ристевски, кој редовно се искачува по оваа патека, за која додава дека е потешка за искачување, но побезбедна, бидејќи сите се движат по неа и си помагаат во осветлувањето на патеката, која крие многу опасности и мора доста внимателно да се помине по пракот. Инаку, да напоменам, ретко се деновите како сега, оваа повеќе од 1,5 километри стрмнина да биде сува, а која при најмал дожд е доста каллива и скоро непроодна, бидејќи калта се лепи за обивките.-Оние кои не дошле до тука дење, туку само вечерва, убаво е да ја поминат оваа патека дење, да видат колку е тешка и колку е опасна за движење, но светијата ги чува, додава друг, а патот е целиот со корења, камења и рофита земја, се слуша глас на некој, кој се вмешува во разговорот одејќи пред нас, кој поради темнината и да не светиме во него, не го препознаваме.
Иако до манастирот има само 1.5 километри, сепак со оглед на висинската разлика не е лесно да се помине. Но, кога ќе се стигне до конаците и ќе видите колку народ има дојдено, поминува секоја мака. Во густата букова шума се сместени реновираните конаци со сите услови за престој и подготвување храна, а се прашувате како се донесле материјалите за градба за се ова да се направи. Одговорот е до вас скриен во густата темнина, на само пет-шест метри, коњите, кои ја донесоа целата храна и се што е потребно за да домаќините, пречекаат, вчера и денес, повеќе илјади гости.
На само неколку стотини метри е крајната цел на патувањето, е манастирот “Св. Ана“ изграден пред повеќе од осумдесет години, на тамелите на стар манастир, според некои податоци,кој датира од 18 век. Манастирот преполн со луѓе, а поради гужвата се чека повеќе од половина час да се дојде со светата икона, да се наполни вода за здравје. Во манастирот се привршуваше со кревањето на лепче за здравје од страна на свештеникот, а волонтерите им ги кажуваа на верниците кои сакаа да преноќат во манастирот последните совети.
-Има многу луѓе кои сакаат да преноќат, но нема да ве бери сите. Не е можно да постелите за спиење, сите, па затоа само гледајте да бидете тука, да преноќиме заедно, им се обрати девојката на верниците кои беа тука, секој со својата мака или за здравје, кои беа од целиот регион и подалеку.
За сите гости домаќините се потрудиле да донесат храна од долу, а сите беа послужени со гравче и гулаш, како и со пијалок.
Црковниот одбор на манастирот “Св. Ана“, по повод празникот и денот на манастирот, донесе одлука оваа година да му се додели посебна плакета и благодарница, на Ристо Палигора, посмртно, за неговиот придонес за изградба на конаците и одржување на манастирот.
-Тука беше секогаш кога можеше, тука се чуствуваше најубаво како велеше, му благодариме за се она што го направи, а ако не беше тој не знаеме дали се ова ќе беше реалност. Затоа оваа плакета и благодарница е за него, а ќе ја прими неговиот внук, Сашо Палигора, рекоа од црковниот одбор.
Забавата продолжи во доцна во ноќта во дворот пред конаците, се разви оро, верниците останаа да ја дочекаат зората во манастирот, новите кумови веќе ги почнаа подготовките и договорите како до година, а гостите полека слегуваа по патеката до селото и до своите автомобили, некои и до над Кажани.
Текст и фото: Сашо Ристевски