Press "Enter" to skip to content

Најпопуларната, битолска рекреативна патека, Олимписки-Тумбекафе-Смолево (фотогалерија)

Секој кој пешачи, рекреира или има мал засилен тренинг, кога ќе го сретнете на Шеталиште, и ќе го прашате од каде доаѓа или каде оди, со еден збор ќе ви рече, Смолево. До поранешното, пред стотина и повеќе години иселено село Смолево се стигнува по неколку патеки, но најпосетена е патеката од Шеталиште, преку Тумбекафе. Утрово пред сеум часот кога започнавме да ја поминуваме ова најпопуларна битолска рекреативна патека, заедно со Диме Трпеновски-Вфта, која секојдневно е тука, видовме стотина битолчани.-Јас оваа патека ја помивам секој ден, без разлика какво е времето, дали е како сега жешко, зима ладно, по дожд, град… Не има неколкумина, се бројат на прсти на една рака, кои секојдневно сме тука. И веднаш да кажам за тоа што оние кои тука не биле прашуваат, за колку време се поминува. Оваа патека од Олимписки, преку Тумбекафе, кај Радарот, кај поранешните магацини на ЈНА за муниција, преку полигоните за обука со тенкови, кај стрелиштето, до манастирот, човек во кондиција ја поминува за 40-45 минути, а другите кои се помалку активни за околу еден час. Патека која, според некои лекари кои се движат тука идеална за рекреација. Два часа најмалку да се поминат по ваков терен е голема придобивка, започна Диме.Но, додека ни кажуваше ја поминавме Зоолошката градина и стигнавме до првата станица, а тоа е над кафеаната кај Тумбекафе, кај рекреативната зона на Млекарата. Таму десетина битолчани околу 7 часот го пиеја своето утринско кафе од автоматот за кафе, а некои веќе се враќаа од Смолево и брзаа да стигнат на работа.Патеката потоа продолжува по малку пострмна нагорнина, за да се стигне до местото каде беше поставен радарот на ЈНА, а од него се 3-4 магацини за муниција, скриени до високи дрвја. Тука е сега срушената стражарска куќа.Погледот од таму е наверојатен, а во 360 степени круг ги гледате, Пелистер, Неолица, РЕК, Буково, Пелагонија… А, додека фотографирав и гласно размислував што се се гледа, еден ми дофрли, па затоа беше тука радарот, оти се се гледа и фаќаше сигнали до кој знае каде.-Ова беше најчуваното место на ЈНА во старата касарна. Тука има 3-4 магацини за муниција, а под него на педесетина метри е главниот резервар за вода за војската. Тука порано се беше заградено со жица, а имаше и посебна капија, иако се беше во рамките на касарната. Овде беше поставен и големиот радар, за кој велеа дека бил најмоќен. Тука беа и митралеските гнезда, пешадиските ровови. Од тука преку патот кој води за Хераклеја, поминува камионите, тенковите, а тука е и депонијата за Касарната, ни вели Диме, кој тука бил неколкупати на воена вежба и добро знае кој објект за што бил наменет.Над војничката депонија, патот води до полигонот за обука на пешадијата. Таму се уште се гледаат бетонските градби, пешадиските ровови, тркалезните дупки за постанување на мини под тенковите и другите возила. А, таму утрински си “кулираше“ Филип, кој стигнал до таму со велосипед.-Доаѓам со велосипед преку Тумбекафе, иако е потешка патеката за возење, сепак за мене е поубава. Цело лето и пред тоа, откако се отвори сезоната за возење сум тука. Одлична патека за рекреативци како мене, а погледот кој се гледа од тука кон Битола е прекрасен, вели Филип.Но, тука беа и професионалните велосипедиски кои веќе го имаа одработено утринскиот тренинг, а без да обрнат внимание на нас, се спуштаа со голема брзина на долу.А, пред манастирот кај “Смолево“ големо стадо овци и кози се упатуваше над Каналот да се напасува, слика која ретко каде толку близу Битола може да се забележи и фотографира.-Ова е крајната одредница за скоро сите кои се движат на патеката од Олимписки, а ретко кој продолжува кај Каналот или за Неолица. Патеката не е ни малку лесна, но кога ќе се помине неколку пати, не може да не се вратите повторно, вели Диме, со кој дојдовме и до Светата вода и параклисот стотина метри над манастирот.А, таму по убавините и убавите муабети со минувачите ве очекува суровата реалност. Исфрлен отпад, пластични шишиња, најлони, кеси на местото за одмор, кај Светата вода. Нешто што за некој поуреден свет е незамисливо. Да се биде тука да се одмори, и да се остави ѓубре, не заслужува овој дел над Битола, кој го посетуваат стотици битолчани секојдневно.Но, две битолчански, некаде над Тумбекафе, ни ја вратија надежта дека сепак има нешто добро во овој свет. Имаа секоја наполнето по две црни ќеси ѓубре и на раце ги слегуваа накај Зоолошката. 

 

Текст и фото: С. Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »