Press "Enter" to skip to content

Излезе од печат, новиот број на списанието “Современи дијалози“ на МНД

Македонско научно друштво-Битола, со поддршка од Министерството за култура, го издаде новиот, седми број на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“.

Бројот 7 на „Современи дијалози“, низ сензибилизирани рефлексии на 50-тина писатели од Македонија и 30 писатели од странство, осликува палета на современата естетика на бидувањето експонирајќи ги пукнатините на матрицата на животописот, вкрстувајќи ги урбаното и руралното, реалното и иреалното, искуственото и философското…, распостилајќи читателска авантура со возбудлива текстуалност чија метрика ќе разбуди сечија љубопитност за нетрпеливо исчекување на зачетокот на изненадувањето.

Во рубриката ПОЕЗИЈА застапени се16 македонски поети со 100-тина поетски творби, во рубриката ПРОЗА поместени се16 раскази и 3 извадоци од романи на 12 македонски писатели, а рубриката ДРАМА содржи извадоци од драмски дела на двајца македонски писатели.

Во рубриката ПРИКАЗИ, ОСВРТИ, КНИЖЕВНИ КРИТИКИ, РЕЦЕНЗИИ… има разноврсна палета на видувања за 15-тина автори, меѓу кои за Григор Прличев, Славко Јаневски, Видое Подгорец, за 11-тина најнови остварувања на современи македонски писатели, како и две видувања за филмски остварувања. Рубриката АКЦЕНТИ во овој број e посветена на писателот и член на МНД-Битола, Радован П. Цветковски годинашен добитник на наградата „Книжевен жезол“ која ја доделува ДПМ за поетски опус со високи естетски вредности, додека рубриката ПРЕВОДИ/ПРЕПЕВИ ја претставува поемата „Смртта на волкот“ од францускиот книжевник од крајот на 18. и почетокот на 19. век –  Алфред де Вињи.

Рубриката за меѓународна соработка ПАРАЛЕЛИ содржи 80-тина творби, поткрепени со кратки биографски податоци за 30 писатели од 21 држава и тоа: Словачка, Тајван, Велика Британија, Казахстан, Зимбабве, Грузија, Србија, Босна и Херцеговина, Монголија, Данска, Иран, Азербејџан, Косово и Метохија, Естонија, Франција, Бугарија, Словенија, Шведска, Хрватска, Црна Гора и Турција.

Новото издание на „Современи дијалози“ има и осум илустрации, сите авторство на Љубица Мешкова-Солак, ликовен уредник на последните три броја на списанието.

Редакцијата на списанието ја сочинуваат: Весна Мундишевска-Велјановска (главен и одговорен уредник), проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска (уредник), Петре Димовски (уредник) и проф. д-р Златко Жоглев (уредник). Новина во овој број е формирањето на Меѓународен уредувачки одбор кој го сочинуваат 8 истакнати писатели од Словачка, Тајван, Велика Британија, Србија, Русија, Босна и Херцеговина и Монголија, одбор кој очекуваме дека ќе придонесе за квалитативно збогатување на содржините на списанието особено во делот на меѓународната соработка и проширувањето на досегот на списанието.

More from КултураMore posts in Култура »