Press "Enter" to skip to content

Гордана Анастасова директор на ОУ “Св. Климент Охридски“: 30 години постоење и  јубилеј со мото “Климентовиот дух во новите генерации“

Оваа година ОУ “Св. Климент Охридски“ училиште кое го носи  името на нашиот голем просветител, учител, педагог оваа година слави јубилеј достоен за почит, 30 години од започнување со работа на 1.09.1989 година. Голем број ученици и генерации учеле и го завршиле  своето основно  образование во ова училиште кое опфаќа голем реон од нашиот град.  Со назначувањето на место директор  Гордана Анастасова ја продолжува успешната училишна традиција со поттикнување и реализација на низа проекти, настани, активности… Сега  пред голем предизвик да се одбележи овој јубилеј достоинствено и свечено. Кажете ни повеќе за ОУ„Св. Климент Охридски“ кога започна со работа?

-Ширењето на градот ја наметна потребата од изградба на нов школски објект во Брусничко–лавчанскиот регион. Училиштето започна со работа на 1.9.1989 година, а официјално беше предадено во употреба на 4 Ноември по повод 45 годишнината од ослободувањето на нашиот град. Новото училиште го доби името на Климент Охридски по извршениот избор од повеќе предлози. При изборот на името се почувствува потреба уште еднаш да се оддаде почит на големиот учител, просветител, педагог и општествен деец, Климент Охридски кој ги положи основите на новата словенска просвета и култура. Овој јубилеј со мото “Климентовиот дух во новите генерации“ ќе придонесе повторно да го оживееме наговиот дух низ повеќе проектни активности литературни читања, творби, драматизации, рецитации … низ кои ќе се слави неговото име и со тоа да му одадеме достојна почит.Овие денови започнаа активностите за прослава јубилејот. Кажете повеќе околу ова?

-Големиот јубилеј, 30 години од започнувањето со работа на ОУ “Св. Климент Охридски“ ќе  биде одбележан со поголем број на настани, кои ќе придонесат за поголема афирмација на училиштето и подобрување на условите во кои учат и престојуваат учениците во овој дел на градот Нова Битола. Како прва активност сакам да го  истакнам  промовирањето на пристапната рампа во училиштето за лица со инвалидитет која е донација. Имено кога се обративме за помош   до ФОД “Новаци“ за да ја изработат тие веднаш ни излегоа во пресрет. Со оваа пристапна рампа за овие ученици можат непречено да посетуваат кабинетска настава. Со ова, нашата институција станува прва образовна институција во Битола која овозможува непречен пристап за  учениците со овој вид на попреченост. Наша задача како училиште е да се грижиме за сите ученици да имаат еднаков пристап и можности зада можат да го следат наставниот процес. Исто така беа промовирани исцртаните  кабинети од предметна настава од страна на наставникот по ликовно образование за да се направи попријатна и поубава средина за следење на наставата. На 5 декември во нашето училиште ќе се одржи спортски натпревар каде гости ќе ни бидат учениците од збратименото училиште “Глигор Прличев“ од Охрид. Потоа на 6 декември во училиштето ќе се одржи литературно читање каде ќе бидат доделени дипломи од објавениот литературен и ликовен конкурс на ниво на Општина – учество зедоа сите општински основни училишта. Во овие денови ќе се  отвори  медиотека за одделенска настава, а сите активности ќе завршат  со прием на нашите пензионирани работници.Кога ќе се одржи Свечената академија?

-Вечерта на 5 декември имаме свечена академија во Народен театар Битола каде учество ќе земат училишниот хор и оркестар и рецитаторската секција. Тука ќе се претстават нашите талентирани, надарени и креативни ученици подготвени од нивните наставници На свечената академија ќе биде промовирана и  монографијата “Успешна училишна приказна“.Директор сте на едно од најголемите училишта во Битола. Како е да се биде на оваа функција  и Ваша визија за иднината на училиштето…

-Да се биде директор на едно училиште е повеќе од предизвик. Тоа е љубов, вложување, желба, аманет, мотивација и секојдневно инспирирање од новите генерации и пратење чекор со новото време. Децата се иднината во која треба мудро да се вложува, да се учат на традициите, но и да им се отвораат видиците и патиштата кон поголеми цели. Тимот со кој сум опкружена, е посветен на секојдневно осовременување на пристапот кон работата и подобрување на условите за работа, а преку најразлични проекти и натпревари сите заедно ги покажуваме и докажуваме знаењата на нашите ученици, во кои како колектив вложуваме многу“. На крај само би додала “успешната училишна приказна“ и традиција која продолжува  понатаму до следен јубилеј низ години кои ќе бидат исполнети со  креативна енергија, мотивација  и вложувања на сите во училиштето кое го носи името на големиот просветител Св. Климент Охридски.  

Жанета Ристевска