Press "Enter" to skip to content

Националниот форум за волонтерство во организација на МКЦ од Битола (фото)

Младински културен центар – Битола го организираше Националниот форум за волонтерство во Скопје на 26 декември 2019 година. На Форумот зедоа активно учество на претставници од граѓански организации и фондации кои работат на полето на промоција и развој на волонтерството, претставници на Владата на Република Северна Македонија, претставници на Министерството за труд и социјална политика и на други јавни институции.

На воведниот панел од страна на Ѓорѓи Тасев – советник за млади и спорт на Премиерот на Владата на Република Северна Македонија беше истакната заложбата и посветеноста на Владата за понатамошна поддршка и унапредување на волонтерските политики во земјата. Тоа ќе значи поголема инклузија, солидарност и зголемување на квалитетот на живот на сите граѓани, преку вклучување на младите и на други возрасни групи во волонтерски активности.

Мирјанка Алексевска од Министерството за труд и социјална политика истакна дека имаме солидна основа во донесената законска регулатива и дека во партнерство со граѓанскиот сектор може да се унапредат волонтерските политики. Исто така, ја истакна посветеноста на МТСП редовно да се консултира со граѓанските организации и да го искористи нивниот потенцијал за предлагање на мерки и активности во насока на подобра промоција на волонтерството.Граѓанските организации како главни носители на волонтерскиот ангажман и клучен актер во промоција на волонтерството, преку дискусија во работните групи дадоа конкретни предлози и сугестии за подобрување на законската регулатива и стратешките цели на новата Стратегија за волонтерство која треба да биде донесена во 2020 година. Клучните препораки се однесуваат на олеснувањето за добивање на дозвола за странски волонтери кои доаѓаат во земјата преку организирани волонтерски програми: Европски солидарен корпус, размена на волонтери преку РИКО и други програми. Понатаму, да се допрецизира кој може да биде организатор на волонтерска работа од страна на државните органи на национално и локално ниво за да се промовира духот на волонтерството во вистинска смисла. Во овој дел се нагласи потребата од ревидирање или укинување на одредбите од Законот за трансформација во редовен работен однос кој става непотребни бариери и ограничувања за волонтирање во јавниот сектор. Да се зајакне улогата на Националниот совет за волонтерство како меѓусекторско тело за координација и евалуација на ефектите од имплементација на волонтерските политики во земјата.

Исто така, беа дадени предлози за унапредување на волонтерската книшка преку користење на модерни електронски алатки и платформи, за полесна достапност и примена. Дополнително, беше дискутирана иницијатива за саморегулирачки механизам во форма на Етички кодекс за граѓанските организации кои работат со волонтери за да се осигураат и промовираат минимум стандарди за квалитет во волонтерскиот менаџмент и работата со волонтери.

Заеднички заклучок на сите присутни беше дека Форумот е одлична појдова основа за продолжување на процесот на соработка и партнерство меѓу Владините институции и граѓанските организации во текот на 2020 година, за допрецизирање на конкретни законски измени и подготовка и усвојување на новата Национална Стратегија за развој и промоција на волонтерството за наредните 4 години.

Форумот е дел од активностите на МКЦ-Битола во рамките на регионалниот проект „Пат Западен Балкан 6“  (ROUTE WB6) чиј носител е Секретаријатот на РИКО (RYCO) од Тирана, Република Албанија, а е поддржан со фондови на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

More from БитолаMore posts in Битола »