По несреќен случај во Охрид, вчера почина битолчанецот д-р Зекман Ракиповски – Зек. Битолчани се сеќаваат и ќе се сеќаваат на Ракиповски како професор по ликовна уметност.
Д-р Зекман Ракиповски – Зек по дипломирањето својата професорска кариера ја започна како професор во средното земјоделско училиште, а потоа работеше како професот по ликовна уметност во средното училиште “Таки Даскало“ и во Гимназијата “Јосип Броз Тито“.
Потоа заминува за Сиднеј, Австралија, каде станува доктор по ликовна уметност, и таму работи на повеќе университетки проекти, а има и своја галерија.
Ракиповски се враќа во Битола, основач е на факултетот за дијазн и мултимедија на универзитетот ФОН во Скопје, каде работеше и како декан. Потоа беше професор на последипломските студии. Ракиповски беше и визитинг професот во Виена, Приштина, Тирана и Белград, а за студентите подготвуваше и неколку учебници.
Ракиповски ќе биде погребан денес во Битола.
Последен поздрав за:
-Зек, кој ќе ми се јавеше за кратко, дали од Скопје или Охрид, да праша дали врни во Битола, да ми даде совет да не пешачам дека е загадено, но тоа кратко беше најмалку еден час зборување по телефон. А ќе прашаше како е на Баирот, како му е на Жана на работа, како е пред Епинал, како е Бајче, Пеце Љутето, Раде, ќе кажеше со кој се видел во Охрид, кај бил во Скопје, Белград, Тирана… колку километри успешачил со Љубица.
-Зек, кој кога беше во Битола, ќе се видевме на некоја минута, а таа минута беше неколку часа, со “клошарење“ до Тумбекафе, неколкупати по Широк Сокак, за да завршиме со храна, но по пола порција или без компир и вода…
-Зек со кој ја “спремавме“ сандалија за Деми, како ја викаше мојата ќерка Дамјана…
-Зек, со кој низ Охрид вртевме по брегот, со кој на ФОН ја делеше храната подготвена од дома со мене, со кој низ Сиднеј ме прашуваше за Битола до раните утрински часови…
-Зек, кој раскажување за старите мерцедеси, “обавезно“ црни…
-Зек, со кој требаше да одиме во Винковци, Хрватска, каде служевме војска во различно време, да видиме да стои неговата голема пет метарска скулпура од бетон и армиран челик…
-Зек, кој ги носеше со него сите книги кои ги подготвуваше и со кој разговаравме за дизајнот…
-Зек, кој го има изработено логото на www.bitolanews, кога тоа го побарав од него, за рекордно време, мислам дека не спиеше таа ноќ, за што му бев и ќе му бидам благодарен…
-Зек, кој на последната средба во Битола, беше пресреќен дека ја преуредува семејната куќа на Баирот, и со многу радост ми кажа дека сам го лакирал подот, го поправил покривот, ја средил вратата и му нашол место на секој предмет од мајка му за која постојано доаѓаше…
-Зек, кој знаеше да се зафати со муабет во Битола и да земе соба, “румче“, во “Епинал“ да преспие, да не патува ноќе…
-Зек, кој го убедував да прифати да биде директор или министер кога му беше понудено, за да направи нешто, но тој не сакаше, велеше не сакам да се карам со луѓето…
-Зек, кој се радуваше на малите нешта…
-Зек, кој се радуваше најповеќе кога некој негов поранешен ученик ќе го препознаеше и ќе го поздравеше на Широк Сокак, во Скојпе, во Охрид, во Сиднеј…
Сашо Ристевски






