Жанета Ристевска
“Некогаш и денес“ рубрика која пробуди голем интерес. Сеќавања на личности кои одбележале еден период, личности од различни области и професии кои твореле во последните декади на минатиот век. Би сакала нивното дело, искуства и мудри мисли да се инспирација и поттик за денешните генерации. Низ нивните сеќавања, спомени фотографии… доловуваме некои добри стари времиња, но да не го забораваме мотото “сега и овде“ односно да живееме во сегашноста и сите предизвици на новото време, а да ја градиме иднината врз нивните искуства и вистински вредности.
Фудбалот е втората најважна работа во светот. Фудбалерите не импресионираат со своите голови, дриблинзи и акции. Тие се секогаш миленици на публиката. Оваа приказна за еден од најдобрите фудбалери од Битола, Петар Пепи Упалевски кој одиграл рекорден број натпревари во дресот на ФК Пелистер.
Низ неговите сеќавања и фотографии ни откри период на убави времиња на фудбалот во Битола.
Неговата приказна започна вака…
-Со спорт почнав да се занимавам уште во основно училиште “Стив Наумов“ и тоа со ракомет, кошарка и фудбал. Имено, тогаш се организираа меѓуучилишни натпревари во овие дисциплини. Во 1966 година беше основана првата пионерско – младинска фудбалска школа на Пелистер и тоа беше пресудно да почнам сериозно да се занимавам со оваа игра, под раковоство на тренерите-педагози Васко Вангелов и Крсте Ефтимовски. Со нив Ја научив фудбалската азбука што се вели. Заедно со нив следеа натпревари во формираната градска лига, кои ни помогнаа во напредокот на сите од школата.
Моите настапи со младинскиот тим на ФК Пелистер, беа забележани од страна на тогашниот селектор на младинската репрезентација на Македонија, Игнатовски. Во 1969 година како член на младинска репрезентација на Македонија учествував на републичко покраински турнир во Цетиње, Црна Гора.
За своите фудбалски денови во ФК Пелистер…
-На 18 годишна возраст заиграв за првиот тим на ФК. Пелистер со кого подоцна го направивме најголемиот успех во клупската историја дотогаш. Со таа генерација, односно со Дуковски, Грбевски, Ташков, Богоевски, Гочески, Марковски, Ристевски, Баљаровски, Мицковски, Димовски, Упалевски, Тристовски, Бошевски и Димитровски, предводени од тренерот Крсте Ефтимовски, од регион стигнавме во Втора југословнска лига.
Тоа беше најголемиот успех во мојата кариера, а воедно и на клубот бидејќи претходно ниту една генерација се немаше претставено пред југолсовенската сцена. Во тој период добив и неколку признанија од градот и повеќепати бев во изборот на најдобрите десет спортисти во Битола.
За фудбалот некогаш и денес
-Големиот успех со влегувањето во Втората југословнска лига, го препознаа и битолските фудбалски фанови кои на секој натпревар ги полнеа трибините до последно место и пулсираа со нас. Фудбалот од нашето време не може никако да се спореди со денешниот. Тогаш фудбалерите беа џентлмени на терен, се играше повеќе технички, атрактивно, со многу голови, а пред се со љубов кон фудбалот и клубот. Денешниот фудбал пак, е индустрија. Агентите станаа поголеми газди од клубовите, а на сметка на тоа трпат фудбалерите.
Страстен навивач на ФК Црвена Звезда
-И покрај тоа што ги бранев боите на Пелистер, бев голем обожавател на Црвена Звезда, а особено на познатиот Драган Џајиќ по кого го добив прекарот „битолскиот Џајиќ“. Покрај тоа што ги бранев боите на Пелистер, бев голем обожавател на ФК Црвена Звезда, а особено на Драган Џајиќ познат фудбалер,по кого го добив прекарот “битолскиот Џајиќ“. Од него ги учев сите техники и дриблинзи кои подоцна ги спроведував на терен.
Честопати се случуваше да бидам на терен, а Звезда да игра натпревар во исто време. Затоа ги имав замолено моите другари, да ме известуваат за тековниот резултат на Звезда. Таа моја страст некеко допре и до публиката која доаѓаше да ме бодри на теренот. Навивачите го користеше како мотивација при мојата игра скандирајќи од трибините „играј Упале, Звезда води“!
Натпревар за крај на кариерата…
Кариерата ја завршив во 1984 година, а на мојот „проштален“ натпревар присуствуваше југословенската фудбалска легенда, Владимир Петровиќ Пижон со кој се фотографиравме и таа фотографија ја чувам заедно со други од мојата фудбалска кариера. Еве сега пребарувајќи низ нив за овој текст, се потсетив на убави времиња. Тоа е таа носталгија убави времиња и настапи во дресот на ФК Пелистер, но и жал за младоста.
Фудбалер, а потоа во улога на тренер кој беше прогласен за најдобар тренер на Балканот во 1996. Многу фудбалери поминале низ твои раце и под твое будно око. Кажете ни повеќе за овој период од вашиот живот?
-По завршувањето на мојата играчка кариера, од 1992 до 1998 година бев тренер во фудбалската школа на Пелистер. Низ моите раце минаа голем број на првотимци на Пелистер, а и репрезентативци на Македонија. Претседател на клубот беше Митко Бутлевски – Бутле и во тој период учествуваме на меѓународни турнири во Австрија, Бугарија, Албанија. Би го истакнал големиот успех во 1996 година кога на фудбалскиот турнир во конкуренција на многу силни екипи од Софија, Бугарија, го освоивме првото место, а јас бев награден со пехар за најдобар тренер на Балканот.
Како ги поминувате пензионерските денови? Дали имате наследници меѓу своите синови и внуци…
-Можам да кажам дека моите два сина Горан и Илија го сакаа фудбалот и тренираа од мали нозе. Горан Упале играше фудбал посериозно, но заради повреда се откажа. Во спортот е на еден поинаков начин, тој го прати спортот и пишува за порталот Гол.мк Другиот син Илија живее во Полска, но рекреативно игра фудбал. Двајцата се големи фанови на фудбал, пратат се околу овој спорт. На моја најголема радост мојот внук Горјан игра со мене и сега фудбалот ни е заедничка игра. Тој со своите 4 години ги слуша моите инструкции внимателно. Пензионерските денови ги минувам со него и тој ме исполнува овие денови одиме на пазар заедно, шетаме во парк и заедно гледаме фудбалски натпревари и навиваме. Двајцата сме големи фанови на Манчестер Јунајтед.
Вака ја заврши својата приказна нашиот односно “битолскиот Џајиќ“, Пепи Упалевски кој не можаше да ја сокрие гордоста со своето семејство. На крај како вистински фудбалер на ФК Пелистер и вистински спортист од срце ја честита 75 годишнината на овој клуб за кој играше со душа и срце. Им посака искрени желби за успеси кои ги заслужува како фудбалски клуб со голема традиција во македонскиот фудбал.






