Press "Enter" to skip to content

Вечерва најжална слика на Кркардаш, нути еден, освен домаќините-баирчани, на манастир (фотогалерија)

Сликата која вечерва ја “сликавме“ со фото-апаратот и ја доживеавме, нешто по 20 часот, е сигурно најжалната слика која некогаш била во манастирот и дворот на манастирот “Св. 40 Маченици“ или како битолчани го викаат Кркардаш.Пред манастирот само неколкумина, кои се домаќини, а на местото кое е предвидено за палење свеќи само десетина свеќи, во кои замислено се гледаат домаќините, а еден од нив Диме-Џими, само кратко ми рече:-Сликај Саше, ова е за прв пат во историјата на манастирот, од кога е изграден, на овој ден да нема верници, а да ги нема ни битолчани.А во манастирот, внатре празен, божје смирение, а се чувствува само мирисот на босилек, потопен во “крстената вода“, а од неа нема кој да се “измие“ на лицето и челото. Фреските и иконите наредени по канонски ред ги чекаа верниците, а на каменот од внатрешната страна запалено кандилото.Надвор во дворот го нема најголемиот љубимец на најмалите и старите, Раде со “шежерна волна“, ги нема црвените јаболчиња на стапче, ги нема проматарите, го нема  големиот рингишпил “идемо сместа-возило двеста“, односно дворот е празен.-Дојдоа само баирчани кои се тука откако е населбата, а од градот луѓето се бројат на прстите. Напиши дека сме сами, нема никој, во можеби повеќе од петстотини години, но тоа е тоа. Господ нека ни поможи на сите, и празникот да ни биде за многи години, но не како вечерва, ни рече продавачот на свеќи, кој не можеше да ја скрие тагата.Кога се искачуваме и слегувавме од манастирот баирските улици и чикмаци, и скалите кои водат до манастирот беа празни, ги немаше веселите лица на битолчани кои задишани се качуваат кон Кркардаш, а за жал и дворовите на баирчани беа празни, можеби имаше гости во еден или два двора, а тоа со најблиските.Да се надеваме дека ова ќе биде единствен тажен Кркардаш, а догодина со Божја помош, манастирот и дворот ќе бидат преполни со битолчани, а баирските куќи полни со гости.

Текст и фото: Сашо Ристевски

More from БитолаMore posts in Битола »