Проф. д-р Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола и автор на монографијата 60 години МНД-Битола, кој како вовед за тоа како започна да работи Друштвото ќе напише:
–Почнавме силно…како да се иссиливме уште од првиот ден -така ни рече деновиве на „Историскиот час 1960-2020“, професорот Јован Д. Кочанковски, единствен жив сведок од групата битолски интелектуалци кои на 25 април 1960 година се потпиша на иницијативата за формирање, и ги поставија темелите на Друштвото.
Проф. д-р Марјан Танушевски, 60 години ги објаснува преку краток осврт за тоа како се развивало и со што се занимавало Друшвото за кои напиша:
Десет години потоа, Друштвото ја стабилизира својата внатрешна архитектура, се формираат одделенија и секции, и се овозможува продлабочена посветеност на проблемите во науката и уметноста во Битола. Токму во 1970 година се надминува организациската криза и на хоризонтот излегува далекувидноста на членовите кои постоењето на Друштвото го сметале за длабока општествена потреба.
Десет години потоа, Друштвото бележи видливи успеси, брз растеж и развој, и со јасна улога во заедницата. Во 1980 година, можностите и потенцијалите на Општината во областа на науката и уметноста се поистоветуваат со успесите на Друштвото.
Десет години потоа, во 1990 година се посочува дека ДНУ никна на вистинска почва и има услови да дава плодови, а тоа што дотогаш е создадено претставува драгоцен придонес и национално богатство. Науката предлага разумот да биде критика, а критиката разумна. Јубилејната генерација порача – науката не поднесува изолација и граници, напротив, таа е отворена за сите!
Десет години потоа, во предвечерието на 21. век, тогашниот претседател на Друштвото, примариус д-р Димитар Котевски нагласува дека остварена е визијата и желбата на битолските ентузијасти од 1960 година во градот да се создаде јатка што ќе ги обединува, насочува и охрабри интелектуалците да копаат по сите непознаници на науката и да разјаснуваат прашања од науката и културата. Основањето на ДНУ беше предвесник на основањето на вториот македонски универзитет, и на ист ден-датум, 25. април, две децении потоа.
Десет години потоа, на златниот јубилеј на МНД-Битола до израз доаѓа спојот на искуството на постарите и поопитни членови со динамиката што ја наметнаа младите и амбициозни членови во Друштвото, а тоа според тогашниот претседател проф. д-р Борис А. Ангелков, придонесе за создавање на нова клима, нова живост и задоволство да се членува, но и активно да се работи во МНД-Битола. По половина век постоење не беше тешко да се посочи дека Друштвото рамномерно придонесува во европскиот истражувачки простор.
Десет години потоа. Денес, во оваа 2020-та како и тогаш во таа 1960 година Друштвото ја продолжува мисијата. МНД-Битола е подготвено за глобална конкурентност, има потенцијал за предизвици и затоа се разликува од другите. За жал во овој момент, во овие денови на јубилејот, мислите и енергијата ги насочуваме во мерките и напорите за решавање на светската пандемија предизвикана од Ковид-19, а која не ги одмина нити нашиот град, нити нашата држава. Но, како и секогаш, веруваме – верувајте во моќта на науката!
Рецензети на јубилејната публикација се проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Борис Ангелков, поранешни претседатели на МНД-Битола, а монографијата е отпечатена на македонски и англиски јазик.






