На иницијатива на градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, Советот на Општина Битола донесе одлука, одржувањето и сервисирањето на уличното осветлување на територија на општината да го врши ЈП „Комуналец“ Битола. На денешната прес конференција беше презентирана направената анализа на состојбата со уличното осветлување, по првите 6 месеци.
-Лоцираните средства од Општина Битола за осветлување од 13 милиони денари, или над 210.000 евра се реализирани, со што во делот на заштеда, по основ на одржување имаме 2 милиони денари, додека по основ на потрошувачка имаме заштеда од 5 милиони денари, што значи дека досега имаме заштеда од над 7 милиони денари, односно над 113.000 евра. Целокупните заштеди, ќе бидат инвестирани и целосно вложени во дополнителни зафати во осветлувањето, рече градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.
Директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски ја посочи споредбата на новопоставена светилка, наместо стара: јачина на светлост од околу 70 лукса, наспроти поранешните 10 лукса, потрошувачка од 100 вати, наспроти поранешните 300 вати и 15 години трајност на ЛЕД светилката, наспроти 3 години со поранешните светилки.
-За само неколку месеци се поставени 800 големи булеварски ЛЕД светилки, претежно на т.н. прстен на градот, односно улиците од кружен тек кај Дулие, преку поранешната „Иван Милутиновиќ“, Бул. 1-ви Мај, „Васко Карангелески“, „Партизанска“, поранешна „Иво Лола Рибар“, пред автобуската и железничката станица, ул. „4-ти Ноември“, „Прилепска“, но и во центарот на градот, а се започна и со влезовите во Битола. Истовремено се заменија и 800 улични светилки во помалите улици, со нови мали ЛЕД светилки, во централното градско подрачје, но веќе опфатот се проширува и кон другите делови на градот. Повеќе од 40 години на канделабрите во населбите стоеа топки кои беа во крајно лоша состојба , но сега, на голема радост на граѓаните, се заменуваат со нови конусни фенери кои ја рефлектираат светлината, рече Богоевски.
300 нови фенери на канделабрите во населбите „Карпош“, „Кланица“, „Стрелиште“ , „Ремо“ до „Довлеџик“ и булеварски ЛЕД светилки имаат сопствен режим на работа со кој во текот на ноќта 4 пати се менува процентот на ангажираната моќност на светилката, со што се предизвикуваат нови дополнителни заштеди. Во иднина, се очекува дополнителната заштеда на средства во делот на одржувањето и набавките на светилки, поради многу подолгиот век на траење на лед светилките.






