Press "Enter" to skip to content

Некогаш и денес: примариус д-р Нико Јанков, ортопед – системот на вредности е доста изменет, има тотален пад на вредностите

Жанета Ристевска

Надежта последна умира,  со заеднички сили мислам дека евентуално ќе успееме да воспоставиме еден праведен систем на вредности, а ние постарите сме секогаш тука да дадеме поддршка и совет.

Рубриката Некогаш и денес стана  времеплов низ кој личностите низ своите сеќавања  опишуваат цел период од минатото. Опишуваат  настани со личности, факти поткрепени со фотографии и новинарски написи. Низ нивните сеќавања се споменуваат и други личности кои се заслужни и успешни во одредениот период. Со кризната состојба и пандемијата  здравстевните работници  во првите редови со своја пожртвуваност станаа вистински херои. Тие  отсекогаш тоа и биле. Еден од нив и неговата  животната приказна примариус доктор Нико Јанков, ортопед, долгогодишен член на МНД Битола, еден од основачите, а  денес претседател на Меѓуопштинско здружение на лица со телесна инвалидност на Битола, Демир Хисар и Ресен “Мобилност БИТОЛА“. Напишал и објавил научни и стручни трудови. Автор и коавтор на стручна литература и книги.

Со родителите…

Кажете ни за себе низ ваша животна приказна и сеќавања од детство, основно, средно образование…

-Роден сум на 7 февруари 1951 година во Битола. Основното и средното образование ги завршив во Битола, во ОУ „Гоце Делчев“ (1957-1964) и во тогашната гимназија „Браќа Миладиновци“ (или долната гимназија, денешно „Таки Даскало“, од 1965-1969), а го завршив и нижото музичко училиште на отсекот за клавир, инструмент на кој и денес со задоволство свирам во својот дом, негувајќи ја познатата битолска традиција својствена за нашиот град на клавирите. Иако живеевме во тешки и турбулентни времиња (како и денес), спомените од детството и младоста ми се многу драги. Учење, дружење, секоја недела прошетки до Пелистер, до Кисела Вода, Тумбе кафе… најчесто шетавме со татко ми и со брат ми, а особено се сеќавам и кога со точаци одевме до Лерин. Јас често знаев да му избегам на татко ми, да се фатам за некој мотор или кола што превезуваше јајца или стока, и буквално се чувствував како да летам по патот… Во текот на летото одевме и до Охрид, до Асамати, а вообичаено на капејнци во Икиташ (се викаше Киташ, ама ние го викавме Икиташ) и Топла Вода.

На Пелистер…

Уште од мал сакав да читам многу книги, а отсекогаш ме интересираше и науката и медицината, за што пример ми беше и тетин ми Пеце Димитров, лекар дерматолог. Во тоа време многу читавме „Политикин забавник“ и „Кекец“, многу сакав и стрипови, а омилени ми беа „Поручник Блубери“ и „Рип Кирби“. Во средно многу играв одбојка, а нешто што мислам дека денес фали за младината се работните акции, на кои учествував двапати. Во тој период завршив и едриличарска школа.

Исто така, кога бев мал се сеќавам и на големиот карневал за Прочка, кој во Битола беше еден од најголемите и многу ми е жал што веќе долго време таа традиција е изгубена.

На карневал за Прочка и матурант…

 Образование…

Високото образование го започнав на Медицинскиот факултет во Скопје во 1969 година, а дипломирав во 1975. Студентските денови ми се исто така драги. Три години претстојував во познатата студентска населба „Медицинар“ (сега разрушена и во моментов е изградена привремена болница) и неполни три години во студентскиот дом „Кузман“. Освен со учењето, деновите ми беа исполнети со одење во театар, на опера и балет.

На работна акција…

По дипломирањето следеше задолжителната една година стаж во битолската болница, тогашен медицински центар „Д-р Трифун Пановски“, а првото вработување ми беше во село Старавина (Мариовско), каде што работев една година, од 1976 до 1977. Од 1977 до 1978 го отслужував и задолжителниот воен рок во Воена Медицинска Академија во Белград и во регрутниот центар во тогашен Тигоград (Подгорица).  Неколку месеци бев во Брза помош и на почетокот на 1979 заминав на специјализација за ортопедија, која ја завршив во 1983 година.

Воен рок во Титоград…

Професионална кариера…

Вработувањето во битолскиот медицински центар ми е од 1975 година, непрекинато (освен за воениот рок) до пензионирањето во 2018.

Како млад ортопед со колегите…

По завршувањето на специјализацијата, во 1985 бев именуван за шеф на септичниот оддел (во рамките на службата за ортопедска хирургија и трауматологија). Потоа, во 1996 година бев именуван за началник на службата, функција која ја извршував до 1999 година, а потоа до 2008 година бев советник во службата.

Во операциона сала…

Највисокото звање примариус го добив во 1997 година. За добивање на ова звање неопходен беше одреден број на научни и стручни трудови, кои како автор и коавтор ги имам стотина.

За „Мобилност“  (Меѓуопштинско здружение на лица со телесна инвалидност на Битола, Демир Хисар и Ресен, „Мобилност БИТОЛА“)

Моите родители отсекогаш ми биле пример за хумани луѓе, кои несебично помагаа на помалку моќните и на лицата со посебни потреби, па освен што имав можност да им помагам на луѓето како лекар, сакав да дадам што е можно поголем придонес со моето знаење и искуство. Оттаму се роди и идејата за основање на здружение на лица со церебрална парализа (меѓуопштинско за Југозападна Македонија) заедно со прим. д-р Марика Сотировска – Сервини. Ова здружение како такво функционираше од 1982-1986. Д-р Марика беше претседател, а јас секретар. Во 1986 година беше формиран Сојузот на здруженијата на лица со телесен инвалидитет на Македонија (церебрална парализа, параплегија, детска парализа, мултипла склероза, мускулна дистрофија, ампутации и останати нервно-мускулни заболувања), а во 1987 бев еден од основачите и (до денес) претседател на Здружението на лица со телесна инвалидност на Битола. Истото во 1998 година се прошири и преименува во Меѓуопштинско здружение на лица со телесна инвалидност на Битола, Демир Хисар и Ресен, а од 2011 се преименува во „Мобилност БИТОЛА“.

Активности на “Мобилност“…

Целта на ова здружение е откривање, евидентирање и активирање на лицата со телесна инвалидност, нивна инклузија во општеството и, најважно, бранење на нивните права како рамноправни граѓани на нашата земја, согласно законите на РС Македонија, и согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, која нашата држава ја има ратификувано заедно со опциониот протокол во 2011 година.
Трибина на “Мобилност“…

Во бројните активности на здружението се издвојуваат тематските средби, традиционалното Дефиле на Широк Сокак (од 2007 до денес), заеднички настапи, настани и соработки со другите здруженија и сродни организации од земјава и регионот, на државно и меѓународно ниво.  Заради актуелната состојба со пандемијата на Ковид 19, засега сите активности ни се на пауза, а се надеваме дека Дефилето ќе успееме да го организираме годинава, без оглед дали ќе биде во традиционалниот јунски термин или подоцна, во текот на летото.

Во раководството на МНД…

Активен член во  МНД кое оваа година слави 60 години постоење како најстаро научно друштво во нашата земја. Кажете ни околу оваа ваша ангажираност?

Во МНД сум член веќе 40 години (од 1981 година), активен член од 1988, а во раководните структури од 1998 до денес (Управен одбор, секретар на одделение за применети науки и медицина, Надзорен одбор и Етичка комисија). За мојата активност во МНД имам добиено и повеќе признанија. Како најстаро научно друштво во Македонија, навистина ми е чест што сум дел од него и што низ годините бев сведок на развојот на научната дејност во Битола. Особено ме радуваат новите членови, од кои 27 примив јас додека бев секретар. Поголемиот дел од моите трудови се објавени токму преку МНД.

За јубилејот 60 години МНД…

Преку МНД, во соработка со клиничката болница од Битола, Медицинскиот факултет од Скопје и други медицински институции од поранешна Југославија, долги години се организираа „Битолски медицински денови“, кои денес, за жал, веќе не се организираат. Во тоа време имаше и меѓународна соработка на МНД (ДНУ) со Друштвото на учените на Бугарија и други медицински институции од поранешна Југославија, кога се организираа симпозиуми и меѓународни конференции со одредена тематика. Трудовите беа со рецензија од еминенти професори и публикувани во релевантни научни списанија со меѓународно реноме.

Награди и признанија…

Освен признанијата како доктор на медицина и ортопед, имам добиено повеќе награди, уверенија, дипломи, плакети, благодарници, меѓу кои се плакетите од МНД, плакета од Македонско лекарско друштво.

Дел од наградите и признанијата…

Диплома на ЈУОД (Југословенско здружение на ортопеди и трауматолози), како и плакета од НСИОМ (Нацинален совет на инвалидски организации на Македонија), каде што сум делегиран член повеќе години.

Како ги поминувате деновите на изолација… Дали ви паѓаат тешко?

Имајќи предвид дека веќе две години сум во пензија, некако се навикнав поголемиот дел од времето да го минувам дома со семејството и со внуците, како и тековните обврски со „Мобилност“ и МНД. Доста време поминувам и во дворот, каде што се грижам за лозниците (од кои си правам вино и ракија), овошните стебла, а понекогаш и по некој домат или пиперка. Сопругата, која исто така е во пензија, го има има другиот дел од дворот исполнет со цвеќиња, па така секој си има по нешто за правење. Секако дека тука се и внуците, за кои со задоволство подготвувам разни салати. Голем гурман сум, па готвењето ми е хоби и задоволство, а сега имам и повеќе време за тоа.

Со сопругата Горица

Човекот учи додека е жив, па се обидувам и сега да си го надградам знаењето за разни области. Историјата отсекогаш ми била интересна, па денешните емисии на History, Discovery, National Geographic, Animal Planet и други канали ми се мошне интересни. Тука е и свирењето на клавир, решавањето крстозбори и кафето во двор. Со актуелните ограничувања на движење заради пандемијата, а со оглед на тоа што спаѓам во категоријата на повозрасни граѓани, слободното време за движење го користам да испазарам намирници за дома. Единствено ми фали честото дружење и одењето/примањето на гости, но се надевам летово ќе имаме можност да се гледаме барем по дворови, притоа да ги запазиме препораките за одржување растојание. Во меѓувреме се слушаме по телефон или преку камера на Интернет.

Со внуците…

За семејството…

Што да се каже за семејството? Сите сме тука, живи и здрави, сосе бабата и дедото (родителите на сопругата, кои се сега горди прабаба и прадедо на Марко и на Аријана). Двете ќерки ми се тука, едната живее со нас, другата карши нас, а заради актуелната состојба со пандемијата, со највозрасните се гледаме само на порта. Да сме живи и здрави, сè друго е споредно и ќе помине. 

Споредба во однос на денешно време…

-Како да ни е судбина, времињата во Македонија постојано се турбулентни, иако на различен начин. Тешко беше и тогаш, тешко е и сега, но мислам дека системот на вредности е доста изменет, односно има тотален пад на вредностите. Во четириесет и кусурот години што ги поминав како доктор, бев сведок на сè помалата почит и уважување на стручноста, особено во последните години пред пензионирањето. Сепак, надежта последна умира, па со заеднички сили мислам дека евентуално ќе успееме да воспоставиме еден праведен систем на вредности, а ние постарите сме секогаш тука да дадеме поддршка и совет, и да ги споделиме нашите искуства од минатото, па врз нив да изградиме нова и подобра иднина.

Со почитување на мерките разговорот он лајн, а за електронската комуникација и уредување на одгворите и фотографиите заслужни неговите две ќерки Ивона и Софија на кои може со право да се гордее. Јас би сакала и разговор во живо, за кој се надевам ќе биде за брзо, а ќе има многу поводи за пишување бидејќи тој се уште активно работи и придонесува на полето на наука во МНД, а  како претседател на Здружението „Мобилност“ организира различни активности и настани. На почетокот споменав дека денес со својата пожртвувана работа во првите редови во услови на справување со пандемија се здравствените работници, кои станаа херои на денешницата, а искуствата од постарите колеги драгоцени. Оваа животна приказна успешна како на професионален и приватен план за респект.

More from БитолаMore posts in Битола »