Ситуацијата со COVID-19, ја влоши социо-економската состојба на граѓаните во целата земја, загрозувајќи ја нивната егзистенција. Поради ваквата ситуација, на удар се најдоа најранливите групи на граѓани во општеството, особено граѓаните од ромската заедница. Според информациите од терен, во разговор со г-дин Ремзи Медик- претседател на НВО “Баирскка Светлина“, истакнува дека покрај проблемите со обезбедување на основната егзистенција, Ромите во населба Баир во Битола се соочуваат и со бирократски проблеми и некоординирано спроведување на хуманитарната помош и на мерките
предложени од Владата.
Г-дин Медик истакнува дека помошта која треба да се дистрибуира во ромската заедница не се дистрибуира адекватно поради тоа што нема координација помеѓу Општината, Центарот за социјални работи и Црвениот крст, при што постои можност едно домаќинство да добие неколку пакети за поддршка од различни организации додека некои остануваат без помош.
Со цел да се воспостави функционално решение кое ќе овозможи полесно справување со ваквата состојба, назначен е Координатор на службата за помош во населба Баир. Координаторот ќе делува во просториите на месната заедница Димитар Влахов во населба Баир, почнувајќи од 4 мај 2020. За било какви информации и прашања заитерисираните граѓани од населба Баир можат да ја контактираат Службата за координација на помош каде ќе можат да разговараат со Ремзи Медик-Претседал на НВО “Баирска Светлина“ и Координатор на службата за помош во населба Баир. (тел. за
контакт: 078/449092 или на следниот е-mail: urbanbair@predaplus.eu)
( Координаторот на Службата за помош во населба Баир е дел од проектот “Сензибилизација и мапирање на домувањето за Роми ”, проект на Фондација за одржлив економски развој Преда плус-Битола, финансиски поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC).
Според извештаите на Amnesty Internatinal, дискриминацијата, социјалната сегрегација, густата населеност, економската несигурност и недостатокот на основни средства и услуги – се генерално хронични состојби со кои се соочуваа ромската заедница скоро насекаде во Европа. Поради таквите услови Ромите се меѓу најранливите групи во состојба со пандемија во многу места низ Европа. Ромската заедница се соочува со големи проблеми како немање пристап до чиста вода и санитетски материјали, за кои се алармира подолго време, а сегашната состојба со COVID-19 е показател колку е ранлива оваа категорија на граѓани кои живеат без основи услови за нормален живот.
Покрај мерките за ригорозна хигиена и практики за социјално оддалечување, пандемијата COVID- 19 доведе до невидено замрзнување на економскиот живот, зафаќајќи ги животите на милиони луѓе во светот. Во овој тековен контекст, многу Роми ги загубија своите извори на дневни приходи и се соочуваат со намален пристап до социјални бенефиции, кои честопати се отежнуваат со карантински мерки.
На прашања за моментална ситуација во населба Баир во Битола одговара Ремзи Медик Претседател на НВО “Баирска Светлина“ и Координатор на Службата за помош во населба Баир.
-Моментална ситуација со ромското население во населба Баир Ромското население во населба Баир од Битола, има потреба од основни производи за храна и хигиена, а некои успешно се обезбедени од повеќе организации: УНДП, Црвен крст и сл. И покрај добрата воља, сепак изостанува координација и регистар на поддршка на добиената помош и постои можност едно домаќинство да добие неколку пакети за поддршка од различни организации додека некои остануваат без никакви. И покрај најавата на владината мерка за помош на оваа ранлива категорија, со обезбедување на гарантиран минимален приход, голем дел од граѓаните од ромската заедница поради немање лична документација не се во можност да го остварат правото на гарантирана минимална помош, а и други права кои се нудат од страна на државата. Во овој период на криза имаме и случаи каде на голем број корисници на одредени права им е прекинато правото поради несоодветен пристап и комуникација помеѓу корисниците и институциите.
Во изминатиов период единствено решение за справување со кризата е помошта од страна на ромските иселеници во западноевропските држави како и од Америка и Австралија, кои самоиницијативно се организираат и испраќаат парична помош до најзагрозените ромски семејства. Економските мерки коишто се предложени од Владата ги таргетираат регистрираните бизниси, додека пак граѓаните од ромската заедница во голем дел се вклучени во неформалната економија. Решенијата за да се надминат шоковите треба да ги опфатат сите граѓани вклучувајќи ги и собирачите на отпад и другите работници кои се дел од неформалната економија. Голем дел на ромски претприемачи кои се занимаваат со бизнис вклучувајќи ги и откупувачите на отпад поради нискиот степен на образование нема да можат да ги искористат мерките кои ги нуди државата и ќе се соочат со затворање на постоечките бизниси. Потребно е да се овозоможи на овие лица пристап до информации како помош при искористување на правна и финансиска помош. Кај ромската заедница сè уште на прво место како начин на информирање е телевизијата, што воедно би можело да се имплицира и на тоа дека најголема доверба имаат во телевизиите на сметка на онлајн медиумите и/или на немање соодветен пристап до интернет. Пристапот до информација за ромската заедница во населба Баир е од повеќе аспекти ограничен. Честото исклучување од електричната енергија, поради неподмирени долгови, слабиот и ограничен пристап до интернет и компјутерска технологија го отежнуваат процесот на информирање. Во изминатиов период, како најдобар начин за информирање, најчесто се користи методот – објавување на огласи на видни места во заедницата (продавници и локални клубчина) и дистрибуција на информативни летоци.
Што е најпотребно во моментот?
-Поради ваквата ситуација граѓаните од ромската заедница во Битола се соочуваат со хуманитарна криза. Најпотребно и најопходно во моментов, покрај доделување на хуманитарна помош во храна и хигиенски пакети е преземање на решенија кои ќе им овозможат на граѓаните полесно справување со ваквата состојба, воспоставување координација на хумантиранта помош и комуникација со релевантните институции. Како Координатор на Службата за помош во населба Баир со цел да се воспостави функционално решение за полесно справување со ваквата состојба, стојам на располагање секој ден од 9 до 17 часот во просториите на месната заедница Димитар Влахов во населба Баир или на телефон 078/449092 и е-mail:urbanbair@predaplus.eu)
Идни препораки
-Ромската зедница во населба Баир заедно со невладините организации треба да соработуваат со властите за да продолжат со подигнување на свеста, идентификување на потребите и насочување на помошта. На долг рок, треба да се размислува како да се подобрат инфраструктурата, домувањето и вработеноста во јавниот и приватниот сектор. Исто така треба да најде начини да се поттикне претприемништвото и да се промовираат соодветни мери за подобро вклучување на деца во училиштата. Тоа е интерес на сите нас. Сега мора да вложат поголеми напори за да се осигура дека Ромите се вклучени во општеството и дека имаат еднаков пристап до основните потреби, со што се обезбедува и нивна заштита особено во вакви кризни периоди. Единствениот начин да се надмине кризата е да работиме заедно и да бидеме солидарни.






