Press "Enter" to skip to content

Мобилниот телефон ваш водич низ Мариово во време на Ковид 19

Неодамна беше промовирана аудио турата „Истражи го Мариово“, која овозможува мобилниот телефон да биде ваш водич низ Мариово. Потребно е само да ја снимите апликацијата izi.Travel (достапна на Google Play и iOS) и да ја побарате авто турата „Истражи го Мариово“. Автори на овој волонтерски проект се Марија Стојановска, дипломиран професор по англиски јазик и книжевност и Јове Парговски од здружението OFF ROAD Macedonia.Тргнувајќи од Новаци, по регионалниот пат R1311 се посетува дел од т.н Битолски дел од Мариово, движејќи се по асфалтен пат со вкупна должина од 120 км во двата правци. Низ местата кои минувате автоматски се активираат аудио нарациите што претставува одлична можност за кратка пауза и уживање во околината.

Novaci
Зајдисонце во Пелагонија

Покрај РЕК Битола, Кота 1050, стигнувате до селата Маково и Рапеш, ја минувате Црна Река и се упатувате кон манастирот Св. Атанасиј во близина на село Старавина.

Поглед кон Кота 1050
Поглед кон Кота 1050
Бункери од ПСВ во близина на Кота 1050
Бункери од ПСВ во близина на Кота 1050

Потоа следат селата Старавина, Градешница и се враќате кон село Зовиќ кое е последно село кое се посетува. Тука е сместена етно куќата „Кај Мостот“ каде можете да вкусите гурмански специјалитети приготвени на традиционален начин (резервации само со претходна најава на 071 206 757).

Поглед од манастирот Св. Атанасиј, с. Старавина
Поглед од манастирот Св. Атанасиј, с. Старавина
Тврдина Пешта во близина на селата Градешница и Старавина
Тврдина Пешта во близина на селата Градешница и Старавина
Фрескоживопис во црквата Св. Димитриј (XIV в.) село Градешница
Фрескоживопис во црквата Св. Димитриј (XIV в.) село Градешница
Скулптура - „Победа“ - 100 години од завршувањето на Првата светска војна, с. Градешница
Скулптура – „Победа“ – 100 години од завршувањето на Првата светска војна, с. Градешница
Зајдисонце во село Градешница
Зајдисонце во село Градешница
Месо под сач, подготвено во етно куќата „Кај Мостот“ село Зовиќ
Месо под сач, подготвено во етно куќата „Кај Мостот“ село Зовиќ
Домашен леб во фурна - етно куќа „Кај Мостот“ село Зовиќ
Домашен леб во фурна – етно куќа „Кај Мостот“ село Зовиќ
Камен мост - село Зовиќ
Камен мост – село Зовиќ

Според Јове Парговски од здружението OFF ROAD Macedonia кој е координатор на овој проект, на овој начин се очекува да се подоби туристичката понуда во Мариово и да се зголеми бројот на посетители:

Уште од минатата година кога се заврши со асфалтирањето на регионалниот пат до село Градешница, бројот на туристи во овој дел на Мариово е во постојан пораст. Со задоволство можам да кажам дека заслуга има и нашето здружение со промотивните активности кои ги реализиравме во изминатите години. Исто така, минатата година на некој начин беше пробна за тоа во која насока треба да се развива туризмот во Мариово, како најретко населена област во Македонија.

Проблеми и предизвици за кои во брзо време треба да се најде решение се зголемената количина на отпад, „залутаните“ туристи по шумските патишта, недостаток на сместувачки и угостителски капацитети, недостаток на туристички содржини, сигналитика и информации, недостаток на туристички водичи и друг кадар, итн. Едноставно кажано, во регион со лоша инфраструктура и недостаток на човечки ресурси, ненадејно имаме зголемен број на посетители. Може да се каже дека тоа е така и во други делови на Македонија, но во Мариово бројот на посетители во викенд, неколкукратно го надминува бројот на постојани жители. Нормално, решавањето на овие проблеми е во надлежност на соодветните институции во државата, а нашиот придонес како здружение е да помогнеме колку можиме.

Развојот на т.н „само-водечки аудио тури“ кои во светот се покажале како доста успешни е само една од мерките кои може да се преземат за ублажување на дел од недостатоците. За жал на ова во Македонија малку се работи и тоа е најчесто преку домашни и странски проекти, финансирани со астрономски суми, во кои се развиваат скапи апликации, а малку внимание се посветува на содржината.Оваа година се очекуваше бројот на посетители во Мариово да биде и уште поголем, но состојбата со Ковид 19 засега ги откажа сите резервации од странски посетители. Тука се домашните туристи кои се очекува да бидат во зголемен број, но притоа мора да се имаат во предвид мерките за социјално дистанцирање.

Со мобилниот телефон како водич вие добивате совети како да стигнете до одредена локација, а потоа и повеќе информации за истата. Така со вашите најблиски можете да си помините исполнет ден во Мариово, да ги прошетате вашите гости или пријатели во околината или пак да им обезбедите занимација на децата и внуците при посетата на родниот крај.

За туристичките агенции, со отвора можноста да организираат екскурзии во кои посетителите ќе може да ги користат и сопствените возила. На локациите кои се посетуваат лесно е да се одржува „сигурно растојание“ а впрочем и самиот регион Мариово на некој начин е природен карантин, со исклучително мала концентрација на луѓе. Веќе се работи на две нови аудио тури, кои ќе им овозможат на посетителите пеш да ги истражуваат селата Градешница и Зовиќ, како предлог активности во овие села. Ова значи и ноќевање плус за туристите, кои досега поради недостатокот на содржини ретко се задржуваа повеќе од два дена.

Содржините за локациите кои се посетуваат засега се достапни на македонски и англиски јазик и во наредниот период ќе се работи на зголемување на нивниот број, како и превод на други јазици.

More from МакедонијаMore posts in Македонија »