Press "Enter" to skip to content

Планинарскиот дом Бранејца, колибата на судиите, мала уметничка галерија… (фотогалерија)

Текст и фото: Сашо Ристевски

-Освојувањето и престојувањето на планина не е само употреба на сила, туку тоа е нешто повеќе, а токму тоа повеќе го имаше во Бранејца и беше пример како са сака планината, како се облагородува и како се ужива во неа, вели планинарот Драган Ристевски, кој учествувал во узградба на планинарскиот дом Бранејца.

На само 15-тина километри од Битола се наоѓа планинарскиот дом Бранејца, до кој се стигнува со пешачење или со велосипед, а искачување започнува над патот Битола-Ресен над село Братиндол. За да се дојде до Бранејца се поминува низ семејна планинарска патека, која поминува низ борова шума од каде го имате најубавиот поглед кон Пелистер, а патеката е на јужна страна, топла и сончева.Самиот поим Бранејца означува нешто што се брани, а селаните во атарот на Горно Српци, местото каде сега е планинарскиот дом го “бранеле“ од стоката, таму во лето не се напасувало, а околните ливади се коселе за храна за стоката во зима, и од таму ова место го добило името.

Патоказите до Бранејца, вистински уметнички дела

По стотина метри искачување од патот се згогледува првиот патоказ кој мора да го забележите и нема да ве остави рамнодушен, бидејќи не само тој, туку сите се вистински уметнички дела. Направени се со голема љубов, покажуваа надморска висина, колку време има пешачење до Бранејца…-Патоказите ги има направено, а слободно можам да кажам насликано, Иво Стојановиќ судија во судот во Битола. Голем вљубеник во планината, во пешачењето, во Бранејца. Според мене има поставено околу педесетина патокази, а бидејќи Стојановиќ беше и аматер уметник, сите ги има изработено во негов уметнички стил. Патоказите ја покажуваат надморската висина каде се наоѓате, колку има до половина на патеката каде се одмара на 958 метри н.м., колку има до Бранејца, а на “раскрсниците“ се покажуваат правците кон Облаково, Битола, Превалец, Снегово… вели Драган Ристевски, долгодишен планинар.На патоказите може да се види и кои делови се за возење со велосипед, а на некои се гледаат и насликани и птици, а посебно е убав првиот патоказ на кој има патоказ за Бранејца и насликан буф, птица на мудроста и смиреноста.

Бранејца, колиба на судиите…

По околу час и половина се стигнува до домот Бранејца, кој е попознат за битолчани како колибата на судиите. Но, при самото “спуштање“ од планинскиот пат кон домот, може да се забележи дека Бранејца сега е оставена на забот на времето. Патеката обрасната со трева и гранки, а затворено е полското ве-це,  паднат покривот на фурната, дрвата за огрев ненаредени…-Оваа колиба беше започната да се гради во деведесеттите години. Идејата беше  на ветеранот на планината Џиниќ, а секако со него судиите Љубе, Иво, Петре, а мора се спомене името и Вангел Ристевски, Јафата, Вештакот и други. Помагаа и Тони Китката, Илија – Џигеро, Танче и Љупчо Скубе. Прво оваа група сакаше да гради колиба кај Снегово, а потоа по моја сугестија бидејќи таму местото е вакавско, се започна со градба тука кај Бранејца. Домот има три соби, сите се покриени со добар покрив, остава за дрва и други материјали, фурна, голема дрвена тераса, има три  чешми во дворот и клупи и маси под сенките, вели Ристевски.Тука имало активен планинарски живот, скоро секој ден доѓаат редовно судиите со сопругите и внуците, нивните пријатели кои секој викенд нешто доправаа. Доаѓаа и “сезонци“  една или две години беа тука, потоа не доаѓаа, братиндолчани а последните години тука беше и членовите на полициското планинарско зружение, а за жал, сега нема никој, а домот е оставен на забот на времето.

Дневник за секој ден, кој бил, што работел, каков материјал донесол…

Во дел во просториите во домот се наоѓат и пет големи, испишани, нотеси кои се дневникот на Бранејца. Тука секој ден се запишувало кој дошол, со кој, во колку часот, каков материјал донесол, што работел…-Дневникот го водеа судиите. Точно се знаеше кој бил, кога дошол, а првиот кој ќе дојдел запишувал во каква состојба го нашол местото. Се запишувало и дури во каква состојба биле оставени алатите, дали добро било затворена вратата. Ова било пример како треба да се однесуваме со овие објекти, домаќински и одговорно, со грижа на секој, вели Ристевски.При вртењето на старите дневници прочитавме и кој бил главен мајстор за изградба на делови на домот, кој кажувал, кој биле калфи, кој чираци, кој донел штици, дали биде прва класа.

Домот мала уметничка галерија, слики, фотограгии, портрети, бакрорез, икони…

Двете соби за престој и одмор, без кујната, се уредени со мерак. На ѕидовите има “закачено“ уметнички слики, портрети, фотографии…-Кога ќе влезете во домот веднаш се гледа печатот на Иво Стојановиќ, негови уметнички слики има на секој ѕид, негови насликани портрети, фотографии со мотиви од Пелистер, бакрорези, врамени фотографии од дружења во Бранејца… За ова да се направи треба голем мерак, а и љубов кон планината, вели Драган. На едниот ѕид во десната просторија кога се влегува се два портрети на видно место, а тоа се на Манасије Џиниќ и Вангел Ристевски, двајцата најзаслужни за изградбата и живењето на ова место.-Судијата Џиниќ и Вангел Ристевски – Комунисто, како стои запишано во двеникот, се најзаслужни, а тоа што нивните портрети се тука зборува и за почитување на вредностите и вложеното. Џиниќ е идејниот творец на ова место, а Вангел бил дел од изградбата на домот, а тој има откриено две патеки до Бранејца, кој сам со мачета ги исчисти и пред 20-30 години и се уште се користат за жал од се помалку битолчани, вели Драган и додава:-Освојувањето и престојувањето на планина не е само употреба на сила, туку тоа е нешто повеќе, а токму тоа повеќе го имаше во Бранејца и беше пример како са сака планината, како се облагородува и како се ужива во неа, вели планинарот Драган Ристевски, кој учествувал во узградба на планинарскиот дом Бранејца.Но, сега како рековме на почетокот, се е поинаку од тогаш, ќе мора да се најдат нови вљубеници во планината, да го воскреснат домот кај Бранејца, да го искосат, да ги исчистат патеките, да го запалат огнот, некој и да преспие, да поправи некој дел…Некои од судиите и градителите не се на овој свет, а некои се во години во кои не можат како порано кога биле млади да се тука секој ден, а како се времињата, тоа ќе биде се потешко, а горе на Бранејца и со мислите на судиите и нивните пријатели се само спомените за некои минато, не така далечно. Бранејца е убава, но поубава ќе биде со планинари, со деца, со намерници, со велосипедисти… а тука е на дофат на сите битолчани.

More from БитолаMore posts in Битола »