Press "Enter" to skip to content

“Возови на смртта“ нова збирка песни на Зоран Пејковски

Да се пишува за Зоран Пејковски од Битола, не е ниту мала, ниту едноставна задача, затоа што тој можеме да го сретнеме во повеќе сфери и области во пишувачката и творечката уметност, но и во научната мисла. Имено, тој е драмски писател, драматург, поет, прозаист, сценарист, преведувач, публицист, но и почесен амбасадор на мирот и редовен академик. Со еден збор, Зоран Пејковски кој е роден во Битола, е творец кој со макотрпна работа се запишува во вечната меморија на Македонецот.Повод за пишување на овој напис ни даде најновата збирка песни „Возови на смртта“ која деновиве излезе од печат во реномираната издавачка куќа „Паблишер“ од Скопје. Тоа значи дека единствениот натуралист во македонската литература, по објавувањето на збирката песни „Здивот на смртта“, која во печат излезе во 2018 година во, исто така, реномираната издавачка куќа „Феникс“ од Скопје, чии рецензенти се проф. д-р Васил Тоциновски и проф. д-р Христо Петрески, за која ја доби и наградата „Орфеј“, а во 2019
година направена е и како аудио книга, а стиховите ги говори актерот на Народниот театар од Битола, Борис Чоревски, Зоран Пејковски повторно се навраќа за него постојаната и неодминливата тема смртта, токму со „Возови на смртта“ чии рецензенти се проф. д-р Венко Андоновски и поетот и професорот Славе Ѓорго Димоски.

Рецензентот, проф. д-р Венко Андоновски, во својата опсервација за „Возови на смртта“ ќе напише:.. „Пред нас стои една исклучително добра, кристално избрусена стихозбирка од поетот Зоран Пејковски од Битола, со наслов „Возови на смртта“. Ни помалку, ни повеќе, туку книга која ја открива самата суштина на поезијата: да биде исплетена од најсензитивни нишки, како пајакова мрежа. А мрежата, како космогониски симбол на совршеноста (со пајакот во нејзиното среде), е токму направена од – ништо. Познато е
старото прашање од збирката на Зеноновите апории: дали мрежата се состои од конци или од дупки? Истото важи и за поезијата: дали таа се состои од звуци или од тишина, од значење или од затемнување на значењето до непрепознатливост, речиси до асемантичност (што не значи и до бесмисленост, зашто едно е значење, а друго е смисла).

Поезијата ја бара смислата, а не значењето. Тоа Зоран Пејковски одлично ни го демонстрира во својата сјајна стихозбирка. И навистина, оваа стихозбирка од ништо создава поезија. Нарцисоидните поети (оние кои започнуваат да пишуваат книга со јасна идеја која награда сакаат да ја добијат), тие „мермероидни“ прециози од поети, се скандализираат од идејата дека поезијата, вистинската поезија, се пишува и создава од ништо, ex nihilo. За нив секогаш е потребна ексклузивна, ексцентрична тема (мотив), на која ќе ѝ придружат исто толку ексклузивни и ексцентрични симболи. Тие наивно веруваат дека поезијата се прави од готови возвишени состојки, а, всушност, е обратно: добрата поезија низ сопственото создавање ги преобразува „обичните“ состојки во возвишени и благородни: таа не е колекција на готови благородни мисли, туку процес на создавање благородно од обично, процес на создавање вино од вода.

Рецензентот Славе Ѓорго Димоски ќе напише: „Поезијата што ја пишува Зоран Пејковски  од Битолаго содржи чувството на модерниот миг во кој човекот како единка ги памети слоевите на животните искуства и сега, соочен со сенката на нешто што исчезнува, опфатен е од некоја јанѕа, некаков незнаен страв кој „пулсира чудовишно силно“ бидејќи „до смртта не се патува, / таа те придружува“ и тој трепет на страв, разнолик и повеќеврсен, се шири како што се шири и модерниот парадоксален свет вовлечен во кожурокот на поетот што истражува. Тој ја истражува смртта. Бележејќи ја историјата на поетското искуство (бидејќи песните се траги на времето и во времето), Зоран Пејковски го варира непостојаниот и мигновен облик на смртта преку моќната метафора присутна уште во насловот „Возови на смртта“, а потоа низ трите циклуси, внимателно и одмерено структуирани, ја развива идејата на преживеани мигови и асоцијации кои во своето микрозначење добиваат поширока смисла, една полнотија во која се огледува сеприсутноста на јанѕата, стравот и сомнежот.

Книгата „Возовите на смртта“ во својата целост, со одмерен ритам, конечно, се потврдува како прониклив и промислен поетски говор по прашањето на „модерната егзистенција“.“… ќе заврши еден од најголемите поети во македонската литература Славе
Ѓорго Димовски, кој сега се јавува како рецензент на збирката песни на Пејковски „Возови на смртта“.

Инаку, Зоран Пејковски, е автор на прилично солиден број на книжевно- драмски,
прозни, поетски, сценско-драмски, преведувачки, публицистички и научни остварувања. Зоран Пејковски е член на Друштвото на писатели на Македонија од Скопје од 1995 година, потоа, член на Македонското научно друштво од Битола и член на неговиот Управен одбор. Зоран Пејковски во 2016 година, од институцијата Universelle des Ambassadeurs de la Paix, Suisse/ France, е назначен за почесен амбасадор на мирот. Оваа титула му е доделена од Швајцарија и Франција  На 18 јануари 2018 година, Зоран Пејковски повторно е прогласен со научното звање Чувашки народен академик, како почесен народен академик на Чувашката народна академија, со што тој, всушност, е прогласен два пати за академик.

More from КултураMore posts in Култура »