Сведоци сме на бројни предизвици со кои се соочуваме во последните месеци. Но, тоа не значи дека сите ние, жители на оваа планета, треба да се затвориме и да очекуваме нештата сами од себе да се променат, туку напротив, многу повеќе да вложуваме во своето образование, бидејќи само науката може да биде темел на разрешување на сите предизвици и проблеми. Ништо не е неможно и неостварливо.
Заменик директорот на БАС проф. д-р Лидија Стефановска за стартот на оваа академска година вели:
-Оваа година БАС ја запиша 13 – тата генерација на студенти на додипломски студии на студиската програма Бизнис менаџмент. И покрај специфичните услови предизвикани со пандемијата, како и податоците дека оваа генерација на матуранти беше една од најмалку бројните генерации, БАС оствари подобрување од 10% во запишувањето на студенти на додипломски студии на студиската програма по Бизнис менаџмент, а со тоа оствари пополнување на 80% од акредитираниот број објавен во Конкурсот. Се уште е отворен конкурсот за постдипломските студии на студиската програма Стратегиски менаџмент, за која исто така владее голем интерес.
Наставниот кадар на БАС постојано вложува во развој на современи наставни материјали и студии на случај, со кои на студентите им овозможуваме приближување на реалниот бизнис свет. Посебно обрнуваме внимание на практичната настава која во прва година започнува со бизнис лабораториски вежби и решавање на реални организациски предизвици, за понатаму да се прошири и продлабочи со посета и на крај активно учество во работата во нашите партнерски организации, водени од обучени ментори. Така, во текот на студирањето, секој студент поминува повеќе од 100 работни денови практична настава во повеќе од 10 различни партнерски организации, притоа откривајќи ги областите од менџментот во кои најмногу се пронаоѓа. „Подготвеност за работа од првиот работен ден“ и „Надминување на јазот помеѓу теоријата и праксата“ се нашите движечки девизи во секојдневната работа, а праксата е најважниот елемент што го овозможува тоа. Внимателно ги избираме партнерските организации каде се реализира праксата, а уште поголемо внимание посветуваме на изборот и обуката на БАС-менторите во тие организации. Како резултат на ова постојано присуство во реалниот деловен свет, повеќе од 80% од дипломираните студенти се вработуваат за време на студиите или уште во првата година по дипломирањето, а 65% од вонредните студенти имаат добиено кариерно напредување.
Бизнис Академија Смилевски во рамките на остварувањето на својата темелна идеологија, уште пред повеќе од една деценија го воведе електронскиот образовен портал Moodle, кој во сегашните услови на пандемија ни овозможи благ и лесен премин во далечинско учење, со наставен кадар обучен и подготвен за тоа. На овој начин БАС лесно се прилагоди кон ново настанатата ситуација, а се изврши само замена на физичкото присуство на наставникот со виртуелно.
Стилот на настава е препознатлив на нашата Академија и опфаќа работа во мали образовни групи. Наставникот е пред се` фасилитатор и го води процесот на настава. Преку илустративната студија на случај студентите се воведуваат во наставната содржина, побудувајќи го интересот за неа. Преку теоретскиот инпут ги добиваат основните и потребни теоретски знаења, а преку решавање на проблемската студија на случај го развиваме тимскиот дух и критичкото размислување. На крај се прави сублимација на стекнатите знаења и вештини во текот на наставната средба. Ваквиот стил на настава студентите имаа можност да го согледаат уште на првиот академски час.
Согласно сегашните услови на пандемија, Наставничкиот Совет на БАС донесе одлука за примена на комбинираниот модел на настава, односно воведните средби и проверката на знаењата ќе се вршат со физичко присуство на студентите, притоа почитувајќи ги сите мерки и протоколи за заштита на здравјето, а останатите средби предвидени со оперативната програма, ќе се реализираат со примена на средствата за електронска двонасочна комуникација, пред се образовниот портал на академијата и платформата zoom.
БАС исто така организира студии на далечина за студентите кои престојуваат надвор од земјата и за оние кои се објективно попречени редовно да следат настава. Овие студии се изведуваат преку електронската образовна платформа на БАС.
Искрено се радуваме на фактот што дипломата на БАС е меѓународно призната во многу земји ширум светот, што не прави горди и ги оправдува сите напори кои се вложени БАС да биде современа високообразовна установа која ги следи сите светски трендови во образованието и професионалниот менаџмент.
На сите студенти кои сакаа да ги надградат своите знаења и од вчера станаа дел од БАС академската заедница им посакуваме многу успех во нивното студирање.






