„Кон подобра иднина: Човекови права, организиран криминал и дигитално општество“ е темата на која ќе зборуваат учесниците online преку Google Meet платформата во организација на Правниот факултет во Битола.
На 3 октомври 2020 година со почеток во 10 часот ќе биде отворена третата по ред меѓународна научна конференција „Кон подобра иднина: Човекови права, организиран криминал и дигитално општество“ во организација на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Оваа година, поради пандемијата со новиот коронавирус, конференцијата ќе се одржи online преку Google Meet платформата.
На отворањето на конференцијата, ќе се обратат министерот за правда Бојан Маричиќ, заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани, деканот на Правниот факултет при УКЛО, вон. проф. д-р Горан Илиќ, како и раководителката на Центарот за научно – истражувачка работа при Правниот факултет, вон. проф. д-р Ангелина Станојоска.
На пленарната сесија, свои излагања ќе имаат проф. д-р Дина Зигел од Willem Pompe Институтот за казнено право и криминологија при Универзитетот во Утрехт, Холандија; вон. проф. д-р Дениз Серт од Одделот за меѓународни односи при Озјегин Универзитетот во Истанбул, Турција; како и доц. д-р Малгоржата Пацек од Центарот за Европа при Универзитетот во Варшава, Полска.






