„Здружението за развој на ромската заедница-СУМНАЛ“ од Битола е дел од стратешкото партнерство „Грижа за здравјето на Ромите 2“ кое е финансирано од Еразмус + програмата.
Неговата главна цел е промоција на здравствена писменост меѓу Ромите преку тренирани здравствени медиатори, вклучувајќи и воспоставување на Центри за здравствено образование на заедницата. Проектот ќе го имплементираат партнерски организации и општини од Германија, Бугарија, Грција, Унгарија, Романија и Македонија преку „Здружението за развој на ромската заедница – СУМНАЛ“ и Општина Битола.
Воведниот состанок се одржа во Плауен (Германија) од 03 до 10 октомври, 2020 година. За време на состанокот, партнерските организации беа запознаени со организациските прашања и историјата на проектот, вклучувајќи и предавање за резултатите од претходниот проект на новите партнери.
Очекуваните резултати и цели во овој проект се:
- Наставна програма за едукација на Здравствени медијатори за Роми;
- Прирачник за Здравствени медијатори;
- Тренирани Здравствени медијатори;
- Тренирани умножувачи;
- Локални здравствени акциони планови за Роми и Модел акционен план.
Следниот состанок е планиран да се одржи во Атина, Грција, од 28 мај до 1 јуни, 2021 година, а во текот на месец декември, 2020 година се спроведе анкета со ромското население во Битола. Целта на анкетата е да се испита знаењето на ромското население во однос на нивната грижа за здравјето и кои образовни методи за стекнување на основни знаења од областа на здравјето им се најинтересни и најпривлечни.
Резултатите од анкетата ќе бидат искористени за да се адаптира наставна програма за стекнување на соодветните знаења. Исто така според резултатите ќе се адаптира и прирачникот за здравствените медијатори кои ќе ги спроведуваат курсевите. Како резултат ќе се создаде и Здравствен локален акциски план за Роми.
Координатор на проектот е организацијата JugendStil e.V. од Германија.






