Техничкиот факултет од Битола при УКЛО по повод одбележувањето на 11 мaj 2021, денот на културата во сообраќајот гостуваше во три државни средни стручни училишта, AСУЦ “Боро Петрушевски“ – Скопје, ДСУ “Моша Пијаде“ – Тетово и СОУ “Ристе Ристевски Ричко“ – Прилеп.
Пред учениците и нивните наставници говореше професорката Јасмина Буневска Талевска, а со своја презентација за сите студентски активности се претстави и студентката Верче Конеска од Отсекот за сообраќај и транспорт при Технички факултет Битола.
Технички факултет – Битола и Универзитетот “Св.Климент Охридски Битола, а со тоа и Македонија е интернационален стратешки партнер на унгарската идеја за промоција на културата во сообраќајот, заедно со Шчеќин од Полска, Загреб од Хрватска и Виена од Австрија од 2018 година.
Инаку, Техничкиот факултет – Битола активно се вклучува во одбележуваето на 11 мај – Ден на културата во сообраќајот и учесниците во настаните ги запознава со историјата, мисијата и значењето на идејата на овој Ден и презема активности за јакнење на сообраќајното образование кај младите и подобрување на сообраќајната култура бидејќи културата во сообраќајот е концепт чиј развој, продлабочување и подигнување е национално прашање.
Ова ни е четвртта година по ред како го празнуваме 11 Мај, за жал втора година со online активности. После успешните 2018 и 2019 година исполнети со бројни теренски активности, плодните акции и многу вложен труд, а како носител и организатор на активностите професорката Јасмина Буневска Талевска од Техничкиот факултет – Битола,УКЛО беше наградена со стаклена плакета за успешност, а во 2019 година ја понесе почесната титула амбасадор на културата во сообраќајот.
Според неа, сообраќајот и сообраќајната инфраструктура се платформа за раст на едно општество, но, не ретко за последица имаат многу несакани ефекти како сообраќајни незгоди и несреќи на учесниците во сообраќајот, повреди, загадување на животната средина, бучава и сл. Сообраќајните незгоди се општ социјален и економски проблем, оневозможувајќи го развојот на општеството со зголемување на трошоците за осигурување, здравство, боледувања, инвалидитети и загуби. Токму младите луѓе кои треба да бидат двигатели и да дадат енергија и виталност на општеството се оние кои поради неискуството и невнимателноста страдаат во сообраќајот.
Сообраќајната култура е дел од општата – социјална култура додава таа, култура која се гради во еден подолг временски период од рано детство до зрели години. Во најопшта смисла, сообраќајната култура треба да ја негуваме и да им ја пренесуваме на учениците и студентите како прифаќање и примена на сообраќајните знаења, вештини и навики, формирање на карактерни црти, позитивни ставови, интерес, вредности, сообраќајна етика и свесност кај сите. Културното однесување во сообраќајот НЕ Е САМО да ги совладаме содржините и правилата на сообраќајната култура, ТУКУ да градиме критички културни вредности, ставови и навики и доколку е потребно да ги менуваме во согласност со промените во условите на сообраќајот и промените на социјалните односи во заедницата.
Воедно, според професор Буневска-Талевска, сообраќајната култура се карактеризира со индивидуалност, развој, правда, одговорност и хуманост, а за разлика од културните, основните карактеристики на некултурниот учесник во сообраќајот се убедување, непослушност и себичност, карактеристики кои честопати предизвикуваат агресивно и површно однесување, како и недостаток на внимание на возачот кон безбедноста на другите учесници. Поради наведените форми на однесување, некултурен возач прави неколку работи истовремено (на пример конзумира храна и пијалоци додека управува возило, користи мобилен телефон или слуша гласна музика) и е лично неодговорен за какво било дејствие што го извршува во сообраќајот. Некултурниот учесник во сообраќајот е склон на изразување гнев и агресија при управување со моторно возило, непочитување на сообраќајните правила, секојдневни прекршувања и конфликти (вербално и физички) со другите учесници во сообраќајот.
Етиката и моралот како носители на културата во сообраќајот подразбираат почитување на одреден кодекс на однесување во заедницата, кој јасно дефинира што се смета за посакувано и што е непосакувано однесување, или добро и лошо однесување. Сообраќајната етика е гранка на етиката применета во областа на сообраќајот, што ги проучува моралните норми, вредности, цели, обичаи и односот помеѓу учесниците во сообраќајот.
Затоа, основно во секоја идна активност за развој и подобрување на сообраќајната култура е дефинирање на етички и морален стандард како збир на правила кои го одредуваат однесувањето на учесниците во сообраќајот под следното мото (како пример):
– Јас сум одговорен за сите патници во возилото;
– Прописите служат за заштита на сите нас;
– Да ги заштитиме децата во сообраќајот
– Мојот автомобил е направен од метал, но пешаците и велосипедистите не’;
– Нема да користам мобилен телефон за повици и пораки затоа што е опасен;
– Подобро е да пристигнам подоцна, отколку да не пристигнам воопшто;
Денес, постојат два основни модели за подобрување на сообраќајната култура во локалната и поширока заедница, а тие се: превентивен и репресивен модел. Превентивниот модел го вклучува сообраќајно образование и воспитување, се темели на процесот на учење и на активности чија основна задача е да влијаат на промената и развојот на свеста кај учесниците во сообраќајот.
Родителите, кои имаат голема одговорност во процесот на воспитување на децата, се главно одговорни за сообраќајното образование и воспитување. Образовните институции исто така имаат значајна улога во процесот на сообраќајно образование. Предучилишните установи, основните и средните училишта треба да поддржат стекнување основни знаења за сообраќајот од страна на нивните ученици.
Репресивниот модел се применува во случаи кога превентивниот модел не го постигнува посакуваниот исход. Овој модел се темели на присилни активности насочени кон сите субјекти и лица кои не се однесуваат и не постапуваат во согласност со сообраќајните правила и прописи. За да се подобри сообраќајната култура во локалната заедница, се препорачува да се користат превентивни модели кои имаат поголем потенцијал во споредба со репресивните модели.
Имено, безбедноста во сообраќајот очигледно не зависи само од спроведените мерки, туку и од нивното почитување. Ако нивото на сообраќајна култура е повисоко, безбедноста е поголема. Постојаните промени што се случуваат во сообраќајот бараат трајни студии и прилагодувања на новите услови, правила и норми на функционирање на сообраќајот. Имајќи ја предвид положбата и статусот на локалната самоуправа во системот за безбедност во сообраќајот, неопходно е да се инсистира на усвојување на стратегија за одржлив и ефикасен систем за управување со безбедноста во сообраќајот во градовите, што ќе овозможи да нема повредени или смртни случаи во сообраќајот.
НЕКА СЕКОЈ ДЕН НИ БИДЕ ДЕН НА КУЛТУРАТА ВО СООБРАЌАЈОТ, е основната порака на денешните средби со учениците и студентите !






