Адвокатската заедница Битола, како и секоја година традиционално, денес, со полагање на цвеќе на бистите пред Апелационит суд на Јосиф Христовски – Ѕвончаро и Коле Канински го одбележаа Денот на Македонската адвокатура, 16 јуни.
Претседателот на здружението на адвокатите од Битола, Никола Главинче при полагањето на цвеќето и одбележувањето на денот рече:
-И оваа година ја продолжуваме традицијата воспоставена од 1980 година со одбележување на 16 јуни – Денот на македонската адвокатура, ден кога во 1945 година, Министерскиот совет на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на тогашниот министер за правосудството д-р Павел Шатев ја формира Скопската адвокатска комора со надлежност за територијата на федерална Македонија. Тоа го правиме симболично поклонувајќи се пред бистите на адвокатските приправници и учесници во НОБ, Никола Тодоровски – Коле Канински (1914-1944) и Јосиф Христовски – Ѕвончаро (1914-1942), лоцирани пред зградата на Апелациониот суд Битола, кои Адвокатската комората му ги подари на градот Битола.
Битола е средина со длабоки адвокатски традиции и единствен град во кој секоја година континуирано го одбележува овој ден. Токму заради тоа и заради големината и почитта на адвокатите кои делувале во оваа средина во минатото, имаме морална обврска да продолжиме и во рамки на можностите да бидеме достојни нивни следбеници, во уверување дека и овие и идните генерации ќе дадат значајни адвокати кои бидат запаметени како борци за вистина, право и правда.
Од вкупно 38 адвокати запишани во Именикот на адвокатите за 1945 и 1946 година, во Битола адвокатски канцеларии отвориле вкупно 10, потсети Никола Главинче.
Коле Канински (1914-1944) по дипломирањето на Правниот факултет во Белград бил адвокатски приправник кај адвокат Воислав Протиќ, а потоа и кај адвокат Александар Костиќ, а Јосиф Христовски – Ѕвончаро (1914-1942) бил студент на Правниот факултет во Белград и учесник во НОБ.
Бистите на првоборците и адвокатски приправници, донирани од Адвокатската комора на градот Битола во 1981 година и тоа Јосиф Христовски – Ѕвончаро и Коле Канински пред Апелациониот суд Битола. Оваа активност традиционално полгање на цвеќе на бистите битолските адвокати ја практикуваат од 1981 година без прекин.
С.Р.






