Вечерва во Офицерски дом во Битола ќе биде отворена изложбата на графики на Роберт Михајловски, насловена “Еден друг круг“.
Дрворезите на Роберт Михајловски, го истражуваат „пејзажот“ на урбаното и невидливото присуство на човечката дејност во тој се покомлициран лавиринт. Неговите отпечатоци се со одрдена симболка и асоцијативност која е на границата помеѓу одредена поетика и распаднатост која е присутна низ севкупната скоро унифицирана мундијална архитектура. Тоа се урбани пејзажи создадени од луѓето, не како идиличен свет туку како свет за елементарна егзистенција, сурова, отпадничка и често отуѓена во својата линиска структуираност слична на стапица, затвор, неслобода, психолошки алиениран амбис.
Во тој несовршен, нестабилен, нејасен материјал сличен на полураспаднати скелети, се насетува некаква девастација и на небесниот простор кој што е во корелација со залезот на урбаната археологија. Тоа се предели населени од сопствениот живот на чудните материјали од кои се изградува метрополата, елементи кои веќе се со „сопствен“ живот во кој постоењето на човекот е се поминорно и понезабележливо. Тоа се материјали кои се повеќе се натрупуваат како отпадното царство на пост- индустриската ера. Дрворезот е најблизок и најдиректен во изразувањето на оваа опсервација.