Press "Enter" to skip to content

Тони Гламчевски од Битола, сега новинар дописник од Франција за МРТВ и главен селектор на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси: Љубовта ме одведе во Нанси Франција (фото)

Жанета Ристевска

-Мојата сопруга  ја запознав низ комуникацијата и размените на збратимените градови Битола и Епинал. Тоа беше пример на голема љубов на двајца кои доаѓаат од различни средини за која се пишуваше во локалниот весник“.

Во далечната 1990 година после „долго размислување“, Тони решава да ја напушти својата земја, семејството, пријателите, работата и „своите политички обврски“ за да и се придружи на љубовта на прв поглед на 2.100 километри од неговата татковина.

Не беше лесно. Одев во непознатото, но изгледа љубовта ми даваше сила. Во однос на студиите, веќе не ми важеа дипломите за право и земјоделство, почнував од нула“. Мојот живот е изграден  овде во Нанси, но секоја година доаѓам во моето родно Буково, каде се уште живее мојата мајка. Оваа година моето доаѓање е повразно и со Интернационалниот етнографски фестивал во рамки на Илинденските денови во Битола. Малку чудно, но исто така кога доаѓам во Битола, сега сум претставник на делегацијата на градот Епинал.

Вака започна Тони Гламчевски во разговорот за рубриката “Битолчани во дијаспората“. Многумина го препознаваат и знаат само  неговиот глас кога известува  од Франција како новинар  за МРТВ, МИА и Радио Дојче Веле последните 30 тина години. Лингвист и преведувач. Завршил  старословенски, српско -хрватски, руски и македонски на катедрата за словенски јазици во Франција. Од 2007 година активно вклучен во Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, а од 2013 година заедно се вклучени со сопругата Бландин.  Тој главен селектор на фестивалот, сопругата Бландин директор на фестивалот.  Искуства  од истиот ги пренесе на организирањето на Интернациоанaлниот фестивал на етнографски филмови во Битола кој за прв пат се одржа во рамки на Илинденски денови 2022 Битола. Тој е еден од иницијаторите за негово создавање и главен селектор на филмовите. Тони Гламчевски се уште е вклучен во  одборот за збратимување на градот Епинал.За себе…

-Епинал за мене е втор град, иако живеам во градот Нанси кој е на 60 км оддаленост од Епинал, на 110 км од Луксембург,  150 км од Стразбур и  300 км оддалечен од Париз, што  значи живеам во област Лорен или во средиштето на Европа. На еден начин поврзан сум со се наоколу, и многу значајно  во мојата новинарска работа. Заминав во Франција при размената на двата збратимени градови Битола и Епинал.  Кога  доаѓам во Битола сега сум  претставник на делегацијата на Епинал. За мојот придонес за развивање на соработка меѓу двата градови награден сум со  „Медал за заслуги“  кој ја доделува градот Епинал.Таа е иста или слична на 4 ноемврискта награда, најголема награда која ја доделува градот.  Оваа награда ја имаат само уште  почесниот конзул од Битола Калиопа Кривашија Стилиновиќ и Ѓуро Илиќ, кој како претставник на општина Битола има голема заслуга во развивање на соработката меѓу двата збратимени градови. Низ годините во таа соработка се реализираа многу културни размени, експертски и студиски патувања, студентски размени, донации меѓу кои ќе кажам возилото за гасење пожари, обуката на пожарникари, учество на младински работни кампови, гостувања на културно уметнички друштва и многу други…Во збратимувањето на двата града како олицетворение и симбол на се  е љубовта помеѓу вас и сопругата Бландин, за  која пишуваше и регионалниот весник на Нанси „Л’Ест Републикан“  Кажете ни повеќе?

-Во август 1987 година, имав 20 години кога комитетот за збратимување од Епинал пристигна во Битола во Македонија. (Двата града се збратимени уште од 1968 година). Тоа беше прв пат да ја видам Бландин. Бев млад новинар на локалното радио Радио Битола и ја интервјуирав за младинска програма. Така започна пред 33 години една  прекрасна приказна. Во август 1988 година,  дојде на ред градот Битола да го посети неговиот збратимен град Епинал. Бев член на делегацијата придружуван од група млади и заминав таму на 15 дена.  Штом ја видов веднаш ја препознав. Се обидов да и објаснам со помош на француски речник, дека ја видов минатата година, но таа ништо не разбираше и се смееше. Но, пред се, на мое изненадување или разочарување, таа не се сеќаваше на мене! Но јас со  својот лексикон „со готови реченици“ на француски јазик,  започнав разговор во кој и кажав  дека кога ја видов, тоа беше љубов на прв поглед. Тоа ја насмеа. Се пошегувавме и се бакнавме. Успеавме да се разбереме, двајца млади, со јазикот на љубовта. Така започна нашата љубов. Се вратив назад во Битола, и и испратив  љубовно писмо.

Да бидам искрен, нестрпливо го чекав одговорот. Бландин, студираше социологија во Нанси.  Првиот пат кога и се јавив беше на 18 декември 1988 година за нејзиниот 18-ти роденден. Кажав, среќен роденден и те сакам“. Бев млад и многу вљубен. Откако многу размислував  решавам да напуштам се и одам кај мојата љубов на 2100 км далечина. Се разбира не беше лесно да се напушти својата земја, семејството, работните обврски, пријателите. Одев во непознато, започнувајќи  од нула. Не се исплашив, бев решителен, љубовта ме мотивираше, ми даваше сила…Така започнав да го градам мојот живот  овде, во Нанси. На 11 август 1990 година,  се венчавме  и 4 години подоцна се роди синот Аурелиен. Потоа ќерките  Ема и подоцна близначките Леа и Жулиет. Олицетворение на голема љубов на парот кој се запозна благодарение на два збратимени града. Покрај други заеднички интереси, двајцата со Бландин сме пасионирани од филмот, што не мотивира да  се  вклучивме  во  Меѓународниот филмски фестивал во Нанси.Кажете ни како се вклучивте во филмскиот фестивал во Нанси?

-Во фестивалот се вклучив на еден начин случајно, кога во 2007 година направив репортажа за Радио Дојче Веле, која беше превземена од Куриер Интернационал. Тогаш бев контактиран од екипата на фестивалот. Станав советник-соработник за филмовите кои доаѓаат од Источна и Централна Европа. Во 2010 година станав член на Управниот одбор на здружението-фестивал и во јануари 2013 бев избран за претседател и истовремено Генерален делегат (главен селектор) на фестивалот, Истата година фестивалот се преименува во Меѓународен филмски фестивал-Нанси. „Се обидувам секоја година да ставам во програмата македонски филм или македонска копрудкција, не само дека  сум од Македонија, туку поради нивниот квалитет и вештините на македонските филмски екипи.Колку искуствата со огранизирањето на филмскиот фестивал во Нанси, Франција, ви помогнаа во селекцијата за првото издание на Интернационалниот фестивал на етнографски филмови  во Битола?

-Многу години заедно со мојата сопруга Бландин Брунхес-Гламчевски која е директорка на фестивалот веќе десет години сме „Генерални делегати“, односно „уметнички директори“ и селектори. Во 2013 година, покрај останатите селекции, а ги има 16, воведовме натпреварувачка селекција на европски документарни филмови, која последниве години ги надмина границите на Европа. МФФ Нанси денес се наоѓа меѓу првите десет фестивали во Франција според квалитетот на селекцијата на документарни филмови. Просечно за селекцијата на 10 до 12 документарни филмови гледаме меѓу 250 до 400, значи селекцијата е строга со ставање во прв план на кинематографските квалитети на филмот и темата која ја обработува – човековите права во пошироката смисла на зборот. Тоа ни дозволи да воспоставиме директни контакти со режисерите, продуцентите и дистрибутерите, што ја олесни селекцијата за ИЕФФ-Илинденски денови.  Со Центарот за култура во Битола веќе соработувавме во 2019 година кога гостувавме со селекција на краткометражни филмови наменети за детска публика на нашиот фестивал „Малата школа на краткиот филм“, чие второ издание во Битола и во Северна Македонија би требало да се реализира оваа есен. Оттука и довербата која ни ја пружи Центарот и неговата директорка Маја Андоновска Илијевски и програмскиот селектор на Илинденски денови Валентин Соклевски. Патем, јас бев водител на програмата на шест изданија Илинденски денови на крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години и редовно ги претставував ревиите на КУД Илинден и другите културни манифестации во Битола.Главен селектор на Интернационалниот етнографски фестивал кој за прв пат се одржа во рамки на Илинденските денови во Битола, во организација на  Центарот за култура… Кажете повеќе?

-Мисијата на овој Интернационален етнографски филмски фестивал – Илинденски денови е да ги охрабрува истражувачките и создавачки пристапи во етнографските филмови, да ја едуцира публиката за богатството и разновидноста на локалните културни традиции.  Но би требало да  го буди гласот на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од недоволната грижа за културното наследство. Во Македонија се снимени повеќе прекрасни документарни етнографски филмови, но најголемиот број од нив се направени за потребите на телевизиите, пред се домашните и многу ретко го наоѓаат патот и местото на меѓународната сцена. Истовремено македонскиот изворен фолклор, традиции и обичаи, полека исчезнуваат, иако се негувани од ентузијасти, тие се забораваат или не сакајќи се менуваат. Со нивното врежување на „филмската лента“ ќе останат неизбришлива трага за идните генерации, нешто како што тоа го направија, таа на браќата Манаки – првите сниматели во Македонија и на Балканот, кои ни оставија во наследство непроценливи сведоштва од секојдневниот живот и големите настани од нивно време. Тие всушност ги направија првите етнографски документарни филмови. Природно беше што Фестивалот Илинденски денови, кој се издигна на меѓународно ниво, да  вклучи во својата богата програма и фестивал на етно филмови.

Вие сте селектор на филмската програма. Колку остварувања се прикажани и врз кои  критериуми беше базирана селекцијата на краткометражните и долгометражните етнографски филмови на фестивалот?

-За ова прво издание на Етнографскиот филмски фестивал, избравме шест долгометражни и пет краткометражни документарни филмови, кои го одразуваат погледот на режисерите на нивните протагонисти во односот кон средината во која живеат, нивната желба и упорност да ја зачуваат исконската традиција, обичаи, верувања, песни, музика со пренесување од колено на колено, опасно загрозени од современиот начин на живеење, кој допира и во најдлабоката џунгла, тундра, планина или степа. Потоа создавање на нови обичаи и верувања. Сите опфатени од уметничката страст на уметниците, кои ја следат потребата да остават неизбришливи траги со нивните камери. Ова во духот на Жан Руш – францускиот режисер и етнолог и неговата практика на директната кинематографија.“Малата школа на краткиот филм“ ќе се реализира на есен во Битола по втор пат. Кажате повеќе…

-Малата школа на краткиот филм“, која предизвика внимание уште во 2019 година, сега повторно второ  издание кое ќе се реализира во Битола оваа есен месец октомври, во соработка и со помош на градовите Битола и Епинал и Центарот за култура.  „Малата школа на краткиот филм“, има за цел да ги запознае со светот на кинематографијата сите, како младата публика така и возрасните. Ја игра улогата на уметнички и културен посредник нудејќи ѝ на младата публика длабинска работа околу сликата и звукот во текот на целата година. Благодарение  на едукативните работилници за детска публика според возраста после прикажувањето на филмовите се разговара, се извлекуваат поуки…Кажете ни повеќе за филмскиот  фестивал во Нанси и која филмска продукција е во неговиот фокус?

-Роден во 1994 година под поттик на студенти по филм од Европскиот институт за филм и аудиовизуелна уметност (IECA) во Нанси со создавањето на здружението Aye Aye V.O., фестивалот постепено се прошируваше и се професионализира, останувајќи длабоко верен на своите вредности: да понуди на крајот на летото еден поинаков, квалитетен, оригинален момент на кинематографија, во откривање, задоволство и споделување. Со посетеност од повеќе од 10.000 гледачи во просек на крајот од летото со околу 3 до 4.000 гледачи, Меѓународниот филмски фестивал во Нанси – поранешен филмски фестивал Ај Ај, потоа Меѓународен филмски фестивал во Нанси-Лорен – е признат филмски настан во Нанси и во Источна Франција.  Фестивалскиот тим веќе 28 години се труди да им понуди на жителите на Нанси и жителите на регионот Гранд Ест филмови „Од други места и поинакви“, во оригинална верзија, која ги укинува границите и предрасудите. Чувствителен на прашањето за човековите права, МФФ Нанси е посветен и на тој начин нуди кинематографски уреднички избор за одбрана на различностите, секогаш во корист на квалитетот, со филмови кои се посветени, смешни, трогателни, изненадувачки, понекогаш вознемирувачки.Кажете повеќе за интересното лого на фестивалот – лемурот од Мадагаскар?

-Малиот лемур, присутен во името на здружението и во логото на фестивалот, приматот со потекло од Мадагаскар, Ај-Ај, беше избран поради неговите квалитети како ноќно животно: со големите уши, ширум отворените очи и неговата долга опашка, тој е љубопитен за сè, внимателен кон светот и го отелотворува гледачот во затемнетите кино сали. Секоја година, фестивалот се одржува на различни места во главниот град на Војводите од Лорен. Фестивалот трае 10 дена, со избор од повеќе од 150 филмови од околу 3000 кои конкурираат секоја година, во 16 селекции, од сите жанрови краткометражни (околу 110 до 120 филмови и долгометражни (околу 30 до 40) распослани на стотина проекции, кои дозволуваат да се сподели еден поинаков, оригинален и пријатен момент на кинематографијата, и да се излезе од гранците на Франција преку филмови кои тешко доаѓаат на редовниот репертоар на кино салите. Годинава во главната натпреварувачка селекција на краткометражни филмови го имаме филмот „Северен пол“ на Марија Апчевска, додека Игор Иванов – Изи, чии филмови се имаат пркажувано на фестивалот, годинава ќе биде член на жирито за документарни филмови.На фестивалот во Нанси, покрај филмските проекции, значајни сегменти се едукацијата и волонтерската работа.

-Самиот фестивал е основан како здружение на граѓани, отворено за сите. Ние велиме дека фестивалот е правен од жителите на Нанси за жителите на Нанси. Околу 60-тина активни членови, сите волонтери во селекцијата и изборите на филмовите (секој филм е виден од најмалку три лица и нивниот координатор), се до организацијата и самото одржување на фестивалот во пто се вклучени онад 100 волонтери. Единствено во техничката реализација се вклучени професионални техничари.  Затоа фестивалот и е близок на публиката во Нанси, каде опстојуваат 40 кино сали од кои 8 се со лабелот „Арт и Есеј“. „Од граѓаните на Нанси за граѓаните на Нанси“.Од првите проекции во „Домот во Буково“ кои ги гледал како дете, Тони Гламчевски   20  години поврзан со филм и кино проекции.  Неговата животна приказна и љубов  може да послужи како тема за филм. Каде  љубовта не познава граници и носи среќа и успех во многу сегменти од животот. Најпрво тука е неговото семејство со неговите 4 деца. А потоа и работата.  Покрај другото среќа и најголемо духовно богатство се филмовите кои ги гледал и тоа повеќе од 10 години како селектор на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси,но и како вљубеник во филмот. Своите  драгоцени искуства во иднина Тони Гламчевски може да ги пренесе  и на фестивалот на Браќата Манаки во Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ДијаспораMore posts in Дијаспора »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »