
Почеток на 90-те. Старата чаршија во Битола тогаш беше преполна со луѓе. Имаше кафичи, кафеани, сендвичари, за помфрит, пирошките беа модерни, за семки-кикири, слаткарница… Секоја група од Битола си имаше локал или уличка каде се собираа, на по едно или целовечерно. И така, до раните утрински часови. Секој ден, ама секоја вечер вриеше, а особено живо беше во викендите.
Редовна вечер во еден популарен кафич, време е за фајронт, полека се празни, се прави попис на пијачката и се брои промето. Вратата заклучена, внатре се два келнери, газдата, и двајца негови другари.
И … Некој праша, каде сега?
Во рок од три секунди паѓа предлог за друга “ноќна кафана“,
– Ами ајде шо чекаме. И заминват.
Во таа ноќна кафеана – скоро празно. Влегват, нарачват вино “Белан“ (во тоа време најпопуларни беа три вида вино: “Смедеревка“ од литро, “Белан“ од 0.7 л и “Тга за југ“). Го пијат и нарачуваат друго, … и следно, па уште едно… и уште едно. Во ноќната кафана се само тие и газдата кој ги служи. Некој скрши чаша. Почнаа и другите да кршат. И така, сите чаши ојдоја јабана. Го викаат газдата на име…
– Дојси “Белан“ и чаши.
– “Белан“ има, чаши НЕМА. Сите ги искршивте.
Се погледнуваат. Еден се сети:
– Дојси пепељари.
– И нив ги искршивте, имам уште две три за утре ми требат, и ептен валкани се.
– Ами сега од ШО да пиеме, од шише не оди.
Тишина.
– Ви реков, нема чаши, и филџани нема, се искршивте…
Знам, се сети еден, знам. Вади чевело и вели:
– Тури тука, од челите ќе си пиеме
Вадат сите челите, си турат “Белан“ секој во своите чели, велат Наздравје, и среќни го испија “Беланот“. Си ги облекоја челите, платија и пиено и кршено, и сјојдоја.











